Младите се срцето на секое општество, полни со идеи, енергија и потенцијал за промена. Во таа насока, Младинскиот совет при Амбасадата на САД е платформа која токму на младите им го дава просторот да создаваат, да соработуваат и да инспирираат. Еден од највпечатливите проекти што го организира Советот е Youth Fest – фестивал „од младите, за младите“, кој од година во година прераснува во вистинска оаза на креативност, уметност, поврзување и мотивација.
Во ова интервју разговараме со Тара Џеладин една од активните членки на Младинскиот совет, која го споделува своето искуство, лична инспирација и визија за иднината на фестивалот. Таа зборува за значењето на заедницата, за моќта на младинскиот глас и за тоа како културата и уметноста можат да бидат двигатели на позитивна промена.
ЧИТАЈ БЕ: Што претставува Младинскиот совет и како се пронаоѓаш во него?
ТАРА: Младинскиот совет на Амбасадата на САД, кој го организира Youth Fest се стреми да генерира креативни идеи и проекти за јакнење на младите луѓе и зајакнување на гласот на младите. Нашата цел е да поттикнеме иновативни и креативни пристапи за надминување на предизвиците со кои се соочуваат младите, да го промовираме придонесот на младите во општеството и да ја подигнеме свеста за важноста на придонесот на младите во сите сфери во општеството. Преку Младинскиот совет најмногу ја чувствувам моќта на заедницата и уметноста.. Како член, се пронаоѓам во создавање простори каде што младите уметници можат да се сретнат, да разменуваат идеи и да се поддржуваат.
ЧИТАЈ БЕ: Што најмногу те инспирира во твоето учество во Youth Fest и Младинскиот совет?
ТАРА: Преку проекти како YouthFest, Младинскиот совет создава платформа каде младите се среќаваат, разговараат и разменуваат идеи. Како член на Младинскиот совет тоа ме инспирира најмногу- кога гледам како се раѓа нова енергија. Токму тие моменти ме потсетуваат зошто вреди целиот вложен труд. Тогаш гледам дека фестивалот не е само програма, туку платформа каде што се создаваат пријателства, соработки и нови визии за иднината.
ЧИТАЈ БЕ: Како во три реченици би го опишала Youth Fest на некој што никогаш не слушнал за него?
ТАРА: Youth Fest е место каде љубопитноста и инспирацијата се среќаваат – преку работилници, дискусии, изложби, концерти и дружење. Целта е секој млад човек кој ќе дојде на фестивалот да се врати дома со барем една нова идеја, инспирација или контакт што ќе му помогне да го направи следниот чекор.
ЧИТАЈ БЕ: Youth Fest е опишан како „од младите за младите“. Што значи тоа за тебе лично?
ТАРА: Тоа значи дека младите сами ја градат својата платформа. Таа автентичност е најголемата сила на Youth Fest, бидејќи настанот е направен според тоа што навистина им е потребно и важно на младите.
ЧИТАЈ БЕ: Програмата е доста разновидна – започнува со работилници и изложби, завршува со журка и музика. Што според тебе ќе биде највпечатливиот момент на фестивалот оваа година?
ТАРА: Фестивалот навистина нуди за секого по нешто, од панел дискусии и саем на младински иницијативи и бизниси, до изложба на млади уметници и креативни работилници. Јас со нетрпение ги чекам панел дискусиите каде ќе се претстават професионалци од различни области кои се успешни во својата професија и подготвени да ја споделат својата приказна – автентично. Тоа ми е омилен дел затоа што младите ќе имаат можност да ги слушаат во живо, да им поставуваат прашања од областа која ги интересира, да слушнат искрени совети и да добијат инспирација за својот пат.
ЧИТАЈ БЕ: Што би сакала да видиш на едно следно издание на фестивалот?
ТАРА: Нашата цел во Младинскиот совет е фестивалот да го прилагодиме на потребите на младите и да создадеме платформа за вмрежување и креативност. Со секое ново издание се стремиме да бидеме подобри, да учиме и да ги надоместиме евентуалните недостатоци од претходната година. Оваа година имаме навистина богата програма, но повеќе простор за креативност, повеќе филм, театар, танц се секогаш добредојдени бидејќи уметноста е универзален јазик што поврзува.