На 23 мај 2026 година, со почеток во 20 часот, во архитектонскиот бисер на Битола – Офицерскиот дом ќе биде свечено отворено 45. јубилејно издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
На овогодишнава 44. светска детска ликовна изложба по конкурсот „Битола“ пристигнаа 850 пратки од 85 земји од цел свет, кои генерираа фонд од над 85.000 детски ликовни цртежи.







Меѓународната жири-комисија ги избра најдобрите, од кои за 45. јубилејна колонија се поканети 18 делегации од 15 земји кои во периодот од 23 до 30 мај 2026 година ќе цртаат пет дена староградска битолска архитектура, а ќе се реализираат и по еднодневни работни посети на Охрид на 25 мај и на манастирот Свети Јован Бигорски на 27 мај, каде ќе се црта староградската архитектура на стариот дел на Охрид и манастирската архитектура.
На 24 мај учесниците ќе ја сликаат старата битолска чаршија, на 26 и 28 ќе се слика Широк Сокак, а на 29 мај ќе се слика Офицерски дом, кога и на платото на крајот од денот, освен доделувањето на наградите „4 најдобри дела на денот“, ќе се изложат и сите дела од целата колонија (се очекува над 600 дела) за на 30 мај да се прогласат најдоброто училиште и најдобриот ученик/учесник на колонијата на свеченото затворање. Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола, кое постои скоро 60 години, е организатор на овие најстари, најголеми и најценети светски манифестации за младите ликовни уметници и талентирани ученици.

За 45. издание, од 25 награди, побитна е Гран-при за 2026 година која оди во рацете на белградското ликовно ателје „Артино“, кое токму и оваа година бележи 30 години од своето основање. Професорот Хенри Лау од Кина – Хонг Kонг е добитник на високата награда „Проф. д-р Богомил Карлаварис“ за животно дело, додека за првпат во 45 години за најдобар учесник – ученик со наградата „Бисер на уметноста за 2025/2026“ е прогласена битолчанката Ана Полизовска (17).
На свеченото отворање ќе бидат доделени наградите за 4. најдобри ученици кои во континуитет партиципираат на „Мал битолски Монмартр“ меѓу 5 и 10 години. Ќе се прогласат 4. најдобри професори за 2026 година, а ќе биде доделена и специјалната награда „Професор Светлана Вешиќ-Ралевиќ“ за најдобар педагог за 2026 година. Ќе следат наградите „Професор Коста Хаџи-Антоновски“ за глобална промоција на детското сликарство, наградите за специјални колекции, а во фотофинишот, освен наградата за животно дело, ќе се додели и високата награда „Чувар на наследството на Коста“, а согласно одлуката на организацијата, пред доделувањето на Гран-при наградата ќе се додели и Орден „Ментор на генерации на Малиот битолски Монмартр“ за професор кој партиципирал со огромни успеси на над 25 изданија на Малиот битолски Монмартр.



Вкупно на колонијата ќе учествуваат над 110 учесници, како и околу 40 нивни професори – ментори – асистенти и родители. Колонијата оваа година се реализира со поддршка од Општина Битола и Министерството за култура и туризам на Македонија по годишните програми за култура.







