На Светското првенство во латино формации одржано на 29.03.2024 во Камбрилс, Шпанија, танцовата група Старс од ТСК Степ АП од Битола, го освои 4 тото место. Тамошните импресии и од историскиот момент за клубот, ни го пренесе Вера Сретенова Симјановска, претседател на Танцов Спортски Клуб Степ Ап Битола.
Како државни прваци во својата категорија, мала група (4-12 членови) на возраст од 19 до 35 години, остварија квалификација за учество на првенството. Во конкуренција на 17 латино формации, нашите девојки се покажаа прави професионалци и најодговорно им пристапија на задачата. Се натпреваруваа рамо до рамо со светски сили како што се Кинески Тајпеј, Шпанија, Германија, Португалија, Австрија, Франција, Литванија, Турција.
Оценувани беа од судии од 8 различни земји и почнувајќи од четвртина финале, се пласираа во полуфиналниот круг. Како течеше елиминацијата на другите тимови така растеше возбудата кај сите нас, притисокот се зголемуваше, но и радоста. Исклучителен момент беше кога се објавија резултатите и дознавме дека нашиот тим обезбеди пласман во финалето. После финалниот настап конечниот пласман беше 4 место на Светскиот шампионат. Нивниот конкурент Германија само за 0.13 поени им го зеде третото место.
Горди сме што го постигнавме овој успех. Докажавме дека со целосна посветеност, дисциплина и напорно тренирање сонот се остварува. Нашиот настап беше високо оценет од врвот на Word Dance Sport Federation, но позитивни коментари стигаа и од самите конкуренти.
Упатуваме честитки до организаторот за беспрекорната организација на овој настан. Исклучителна организација со запазување на сите правила и протоколи. Се чувствуваме навистина посебни
Голема благодарност до тимот што помагаше во целата организација, а секако и до родителите на 5-те девојки кои нè подржуваа и веруваа во нас од самиот почеток. Битола има со што да се гордее. Имињата на девојките Тамара Панова, Маја Крстевска, Зорица Симјановска, Јана Мицевска и Софија Богевска заедно со нивниот тренер и кореограф Јагода Димовска ќе останат засекогаш врежани во историјата на успеси на македонскиот танцов спорт.
Продолжуваме со работа во полн ек. Следува густа агенда на натпревари во регионот, а како финален настан за првата половина на 2024 година следува организацијата на првиот меѓународен WDSF Solo натпревар Bitola Open кој ќе се одржи на 23.06.2024. Нешто што до сега не се случувало во Битола, а за што подетално ќе информираме во следниот период, вели Вера Сретенова Симјановска, претседател на клубот која заедно со тимот отпатува во Шпанија.