8 Март не се слави на 8 март, туку цела година, гледајќи ги жените секојдневно како се борат со ветерниците во сѐ уште бетонираната заедница, а на дотичниот датум се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите во светот.
Интересно.
Книгата е моќно оружје против незнаењето, а незнаењето за целото човештво е убиствено. Па затоа за Денот на жената ако сте решиле да подарувате, можете да подарите книга.
Хорациј вели – „Ниедна книга не е толку лоша за да не служи за нешто“. Или, од секоја книга може да се извлече нешто корисно кое ќе го збогати човечкиот ум.
Во продолжение, 11 книжевни наслови кои би можеле да ги подарите за Денот на жената, а никогаш не ја исклучувајте и можноста за книжевен ваучер.
„Никаде без ќерка ми“ од Бети Махмуди, Вилијам Ховер, го опишува судирот на една западна жена и мајка со исламското општество, бестселер, книга за мајчинската одлучност и издржливост.
„Папата Јована“ од Дона Вулфолк Крос, контроверзен историски роман за страста, средниот мрачен век, за единствената жена која седнала на папаскиот престол.
„Бисерот што ја скрши школката“ од Надија Хашими, раскажува животна приказна каде жената учи како да ја реализира слободата која ѝ е идеал бидејќи сите не се родени со право на избор.
„Ова започнува со нас“ и „Ова завршува со нас“ од Колин Хувер, популарни романи кои не престануваат да будат интерес кај читачката публика. Носечката мисла на овие романи кои се поврзани е: „Понекогаш, оние што најмногу ги сакаме се тие што најмногу нѐ повредуваат“, во една романтична врска не е доволна само љубовта.
„Зима со мирис на капини“ од Сара Џио, роман за загубата на највредното нешто за една жена, нејзиното дете.
„Белегзија“ – Љубе Б. Митрејчевски, љубовна вистинита приказна која нема да ве остави рамнодушни, длабока книга, раскажана на лесен јазик, вистинска уметност.
Библија, затоа што е книга над книгите, тивко ја воспитува и образува жената со мудрост, а мудрата жена е вистински бисер во светот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски, затоа што Велика во еден момент ја претставува Македонија, кога ги погребува сите деца, за на крај повторно да роди, верна на Јон. Роман за вистината, за женската судбина во едно вртоглаво време, поука за сегашноста. Ова е роман кој треба всушност да го прочита секој Македонец или кој се чувствува како Македонец.
„Оркански височини“ од Емили Бронте, роман кој поттикнува на размислување, за мрачниот романтизам или за вечната борба меѓу доброто и злото.
„Сакам маж“ од Барбара Де Анџелис – Се сеќавате на филмот „Што сакаат жените“ во насловната улога со Мел Гибсон? Оваа книшка е посветена на жените за мажите.
„Сагата за Рајна“ од Оља Петрушевска Томева е историски роман за првата дипломирана аптекарка од Балканот, Рајна Алексова која потекнува од Битола. За да успее човекот во животот потребни се две работи или да е многу талентиран или да нема избор, животната приказна на Рајна е комбинација и дополнителна мотивација за секоја жена за да успее во животот.
Вредните книги не се делат на машки и на женски, овие 11 книги се одлично четиво за двата пола. Едноставно е, луѓето кои читаат можат да разговараат на многу теми и да разберат многу работи, нешто кои нѐ опкружуваат и никогаш не им е досадно.