Климатските промени предизвикани од човековото делување веќе доведоа до зголемување на средните температури за 1,1 степен Целзиусов во однос на прединдустрискиот период. Според поединечни проекции (IPCC), предвидениот пораст на средната глобална температура до крајот на 21. век би можел да биде меѓу 1,5 и 4 степени Целзиусови.
Ширум светот, милиони дрвја се садат со истата цел – да ги ублажат летните жештини кои во урбаните средини стануваат сè поопасни за здравјето на луѓето. Но, ново истражување покажува дека дрвјата сами по себе не се магично решение. Во одредени случаи, погрешно осмислено озеленување може дури и да има спротивен ефект.
Што покажаа резултатите од градови со различни клими?
Научниците анализираа како различни типови вегетација влијаат на „чувството“ на топлина во три града со различна клима: умерениот Мелбурн, постудениот Минхен и влажниот суптропски Хонг Конг.
Наместо да се потпрат на компјутерски модели, истражувачите во текот на летото ги следеле реалните услови на улиците и во зелените зони, белејќи не само температура на воздухот туку и количината топлина што човечкото тело ја акумулира од околината.
„Резултатите покажаа дека слоевитата вегетација, каде дрвјата се комбинираат со грмушки и треви, често ги лади градовите поефикасно отколку само дрвјата. Исто така откривме дека локалната клима и дизајнот на улиците во голема мера влијаат на тоа дали озеленувањето добро функционира,“ напиша Мохамед Рахман од Универзитетот во Мелбурн за The Conversation.
- Во Мелбурн, дрворедите ја намалиле количината на топлотно зрачење што пешаците ја апсорбираат за повеќе од 18 степени Целзиусови во споредба со отворени улици изложени на сонце.
- Најголемиот ефект од слоевитата вегетација е забележан во Минхен – таму простори со комбинација дрвја, жбуње и треви имале температури пониски за речиси 8 степени Целзиусови во однос на отворени градски површини.
- Хонг Конг најмногу користел од густите крошни што создаваат сенка. Но, истражувачите забележале и парадокс: во многу влажна клима густата вегетација ја зголемува количината на водена пареа во воздухот, поради што чувството на спарина е поизразено, а луѓето потешко ја поднесуваат жештината.
Сличен проблем е забележан и во одредени делови на Минхен. На тесни улици густата вегетација понекогаш го успорувала струењето на воздухот, ја задржувала топлината и го отежнувала расфрлањето на загадувачките честички.
„Во сите три града, еден параметар се издвојува: структурата на вегетацијата е важна,“ нагласува Рахман.
Откритијата укажуваат на важна вистина – не е доволно само да се садат дрвја ако сакаме да ги намалиме ефектите од повисоките температури на воздухот предизвикани од климатските промени. Подеднакво е важно каде се садат, кои видови растенија се комбинираат и како вегетацијата влијае на движењето на воздухот и влагата во просторот.
Научниците предупредуваат дека зачестеноста и интензитетот на топлотните бранови ќе се зголемуваат доколку не се преземат итни мерки предвидени со Парискиот договор.







