16 јули сабота
„ВИСОКО ПОД ЅВЕЗДИТЕ“ – Големо Езеро – НП Пелистер
Во сабота дел од програмата на БИТ ФЕСТ започнува еден посебен настан кој ги поврзува културата, туризмот и спортските активности, а претставува вистинска атракција посебно за љубителите на планината и природата.
Во организација на ПСК Олимпус Монс ќе се одржи целовечерен музичко – сценски настан: „Високо под ѕвездите“ кој ќе се одржи на Големо Езеро (2218мнв) под отворено небо во Национален парк Пелистер.
На задоволство на сите посетители, гости на Големо Езеро ќе бидат Сити Бенд кои со својот акустичен перформанс ќе се претстават на една од најубавите природни сцени во Македонија.
Сите гости кои ќе бидат дел од несекојдневниот настан, паралелно, ќе имате можност преку телескопот на астрономот Радан Митровиќ да ја набљудуваат Месечината, како и планетите Јупитер и Сатурн. Магијата продолжува до раните утрински часови кога рутата продолжува кон Врв Ветерница и од таму ќе се набљудува изгрејсонцето над Големо Езеро.
Агенда:
Поаѓање: 16.07.2022 (сабота) од Нижо Поле – патека по Дебел Рид – Големо Езеро.
Почетна точка – Лак поток 1,200 мнв
Прва пауза – Чешма Мичо Муши 1,700 мнв
Втора пауза – Карпа 1,900 мнв
Трета пауза – Поток 2,100 мнв
Пристигнување на Г. Езеро 2,218 мнв
Висина на Врв Ветерница – 2,420 мнв
Тежина на патека – Средно тешка
Предвидено време за искачување – 3ч
Должина на патека – 6км
Вкупна денивелација – 2,400 метри
„СМОТРА“#10 – ФЕСТИВАЛ НА ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА
21.00 Стара чаршија, улица Панда Чеснова
Покрај на Пелистер, во сабота како дел од Бит Фест, продолжуваат настаните во Старата битолска чаршија, каде ќе се одржи фестивал на електронска музика во организација на Асоцијација 615.
„По девет непрекинати изданија, обединувајќи ги најдобрите таленти успеавме да изградиме и одржиме фестивал кој претставува дестилатор на најдобрите електронски звуци во Македонија.
Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна, старата чаршија, подземни гаражи итн.) и внимателно избрани изведувачи кои настапуваат со енергични ди-џеј сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.
Овој мултимедијален проект во форма на музички фестивал е креиран од млади ентузијасти со цел да ја децентрализираат електронската музичка сцена и да ги приближат младите до современите уметности“, велат од Асоцијација 615.
17 јули недела
21:00 Офицерски дом
„Табула раса“
Камерен оркестар Профундис
Солисти:
Владимир Костов – виолина
Ана Контраденко – виолина
Ѓурѓица Дашиќ – диригент
Камерен ансамбл „Профундис“
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав,кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во државата, Националната опера и балет и Националната филхармонија. Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот па сè до денес, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развојот и на други начини на презентација (дигитални концерти, 3 де-мапинг, учество и презентација на нови технологии). Квалитетот на оркестарот составен од веќе докажани имиња и неговата флексибилност во сите стилски епохи, под уметничко водство на диригент Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција.
Интенцијата да се создаде висококвалитетен камерен ансамбл вроди со плод кој е евидентен во настапите на домашната и на меѓународната сцена. За многу кратко време од основањето, „Профундис“ успева да реализира исклучително успешни, високоуметнички проекти и соработки со реномирани домашни и странски солисти. Забележителен е настапот во рамките на фестивалите „Есенски музички свечености“, „Златна лира“ и „Денови на македонската музика“, како и соработката со нашите реномирани солисти Љубиша Кировски, Марија Ѓошевска, Благој Нацоски, Славица Мицовска, Наде Талевска, Марија Јанчулевска, Стојанче Косовски, како и со концертмајсторите на Националната филхармонија Ана Кондратенко и Владимир Костов. Исклучителна чест и можност претставуваше соработката со еден од најистакнатите српски виолинисти,Јован Богосављевиќ со кого се реализираа концерти во Националната филхармонија и во Р.Србија .
Исклучителен проект, кој претставува гордост на „Профундис“, е реализацијата на целовечерениот концерт во чест на еден од најистакнатите современи композитори, естонскиот композитор Арво Перт, поддржан од естонската амбасада. Исто така, камерниот оркестар „Профундис“ е првиот оркестар од Македонија што настапува во Италија и остварува минитурнеја со настапи во Соренто и во Перуџа и соработки со истакнатиот италијански пијанист Маурицио Мастрини, гитаристот Даниеле Ајело и диригентот Паоло Шибиља.
Д.Шостакович – Камерна симфонија оп.110/а во ц- молл
1. Largo
2. Allegro molto
3. Allegretto
4. Largo
5. Largo
Арво Перт – ,, Табула раса ‘’ за две виолини и препариран клавир
1. Ludus
2. Silentium