Има една реченица на колешка која мислам дека ќе ја паметам уште долго, а се однесува на Македонецот и неговите навики „Сиромашна нација е онаа каде обложувалниците, храмовите и рестораните се полни со луѓе, а библиотеките зјаат празни“. На почетокот не го сфатив целосното значење на истата, ама со текот на времето ми стана јасно како солза. Ние сме општество каде да напишеш ливче во обложувалница е поважно од се’ друго.
Јасно е дека веќе три децении си играме држава, без да помислиме на иднината која за жал е сива како облак пред невреме. Тоа невреме го живее многу долго, се бориме со ветерот такви горди без да признаеме дека не боли фактот дека сме несреќни. И упорно така во круг од самиот почеток се до денес.
Одекна веста дека буџетот за студенти е намален, потоа додека не се собравме од тој шок одекна нова „бомба“ дека се намалува буџетот за лицата со ретки болести. Седиме на мебелот од Тито и кроиме судбини во 21-от век, е тоа е слика за Македонија. Според Европјаните ние во Македонија јадеме најевтина храна, е да лебот е скоро две евра додека минималната плата околу четиристотини евра. Да се живее, пардон се преживува.
И сега логично се наметнува прашањето: што точно градиме сите овие три децении? Држава или навика да се снаоѓаме? Иднина или алиби дека „можело и полошо“? До кога ќе се тешиме со тоа дека преживуваме, додека тивко си ја трошиме шансата да живееме?
Студентите ги бркаме да градат туѓи држави, а старите живеат со надеж дека ќе ги видат своите најблиски што побрзо. Многу одамна се соочив со една трула вистина дека оваа држава упорно на пиједесталот ги поставува пензионерите. Па да, тие се главното гласачко тело, ние сме изморени од празни лаги и ветувања кои се бледи како крпа и полесно ни е да купиме карта во еден правец каде некој ќе не слушне.








