Јавното претпријатие „Стрежево“ – Битола од 10 јуни до 7 јули 2025 година спроведува акција за бесплатни приклучоци на мрежата за наводнување. Сите заинтересирани водокорисници може да се пријават во Центарот за наплата на претпријатието во Битола.
Паралелно со оваа акција, од 16 јуни 2025), врз основа на Одлука на Управниот одбор, започна полнење на цевководите и склучување на договори со водокорисниците за сезоната на наводнување на земјоделските површини.

Во рамките на подготовките, претставници на ЈП „Стрежево“ одржаа повеќе работни средби со жители на селата Логоварди, Поешево, Оптичари, Жабени, Бистрица, Кравари и Крстоар. На овие средби се разговараше за плановите за наводнување, рационалното користење на водата и тековните предизвици со кои се соочуваат земјоделците.
„Одржавме средби со жителите на селата Логоварди и Поешево, во рамките на сите активности што ги преземаме за што подобра сезона на наводнување. Ги разгледавме сите предизвици со кои се среќаваат нашите корисници и апелиравме за рационално искористување на водата. ЈП Стрежево во оваа сезона влегува подготвено и очекува максимално партнерски и совесен однос од земјоделците – водокорисници,“ велат од претпријатието.

Средбите со граѓаните од месните заедници опфатени со хидросистемот „Стрежево“ ќе продолжат и во наредниот период, со цел поефикасна соработка и подобро планирање на сезоната за наводнување.








