Дрво без корен не бидува, а и човек без минато и без желба често да се враќа во родниот крај – не би бил човек, ни рече Оливера Јовановска, писателка од Мелбурн, Австралија која на свои 15 години ја напушти родната Битола и замина во белиот свет, за подобар живот. Сега е мајка на четири синови од кој двата се оженети и има 3 внучиња. Вели – туѓината ми даде до знаење да согледам дека колку сум подалеку од родниот крај толку папочната врска е појака и појака и влече назад… Но, Битола никогаш не ја заборави, љубовта кон родниот град, остана да тлее некаде внатре. Тој копнеж во родната грутка излезе на површина за време на пандемијата, која Оливера ја искористи да се посвети на самата себеси. Токму нејзините дела токму во 2020 ја видоа светлината на денот. Исто така таа пишува и стихови за новокомпонирани песни, а често пишува и за нејзиниот сопруг Љупчо Јовановски Бубе. Таа летово се врати во Македонија и во Скопје и Охрид ги промовираше четирите книги: „Одмрзнати чувства”, „Неостваренa љубов”, „Магични љубовни зборови” и „ Лавиринт на вистината”.

288868190 3289998217885365 8722967205105142920 n

Читај бе: Оливера, неодамна ги промовиравте своите 4 книги во Скопје и во Охрид. Кажете ни нешто повеќе за секоја книга, кога е напишана и за што се работи…

Оливера: Мојата прва збирка на поезија под наслов Неостварена Љубов е објавена на 21 Јули 2020 точно на мојот педесетти роденден. Содржи 46 песни кој тежат со носталгични теми, ја оплакуваат туѓината и разделбата со саканите, родители, браќа, сестри, роднини, пријатели па и со саканите личности од спротивен пол. Се потенцираа лажниот сјај на богатството, на парите, дијамантите, големите куќи, скапите автомобили. Еднаш кога каменот ќе се измести од своето лежиште, било каде и да се тркала тешко е да си најде ново лежиште.

287686383 5320362278007729 4025063232309408023 n

Втората збирка поезија Магични љубовни зборови е објавена во Март 2021 година, оваа збирка се состои од 56 песни во кој што доминираат скоро истите теми како и во првата но оваа збирка е поделена на три циклуси. Првиот циклус е именуван Мома Маџар-малка по исто именуваната прва песна во тој циклус, тие песни кој се наменети за вокална изведба. Вториот циклус е именуван, Секаде те има исто како и така именуваната прва песна во тој циклус. Тука се застапени песни со љубовна  тематика каде што женскиот пол тагува кон спротивниот пол. Не би била права битолчанка ако во секоја објавена книга не пишувам за и не ја споменам Битола. Токму за нашата сакана Битола имам неколку песни и во третиот циклус кој е именуван Таинствена разделба каде што преовладуваат машки љубовни мотиви. Од оваа збирка ќе ги одвојам насловите Назад во Битола и Битолско Ѓеврече. Низ песните во оваа збирка често се споменуваат тесните Битолски сокаци, Саат Кула, Широк Сокак стара Битолска чаршија.  

289862667 777426040091058 723500771287489651 n

Во април 2021 година излезе од печат мојот првенец, мојот прв роман Лавиринт на Вистината. Несебично сум горда на ова дело и со право ќе кажам дека овој роман треба да го поседува и прочита, секој битолчанец. На прашањето зошто? Одговорот е едноставен. Со љубов и гордост пишувам за Битола, а дејството на романот почнува во Битола, Маџар-мале, каде Ели (главната личност во романот) е родена и расте. Се пои со Пелистерски ветер, ужива во жуборот на реката Драгор се сеќава на една прошетка низ Тумбе -Кафе со нејзиниот сакан татко Томе. Се опишуваат природните убавини што ја красат Битола и како синџир исплетено низ сите дејства во романот се споменуваат старите битолски и турски зборови по кои само битолчани се препознатливи. Како автор на овој роман сакам да потенцирам дека целта за пишување на романот беше баш тоа, да се посетиме на старите адети, обичај, зборови кој се поретко ги употребуваме, да се потсетиме на фамилијарните и религиозните верување на се тоа што не учеа нашите баби и дедовци. Затоа што денешната технологија и брзото темо на живеење се врвен двигател за запоставување на фамилијарните обврски. Нема многу да откријам од темата на романот, но само површински ќе потенцирам дека се зборува за изгубена љубов и изгубена верба кон некој луѓе. Обично тие најблиските со тоа што сакаат да ни помогнат на некој начин не сакајки повеќе не повредуваат. Се споменува за разделба и заминување во печалба во овој случај далечна Австралија. Животот не е баш така лесен во печалба како што го замислуваме. Ќе се потсетиме на една стара поговорка. Тревата е позелена кај комшиите, значи ако не почувствуваме  нешто на наша кожа очекувањата се разликуваат од вистинската ситуација. Опишувам една чудна појава којашто во денешницата го има погодено секое семејство. Дали директно или индиректно сите ние ја имаме почувствувано горчината на брако разводни парници. Но кој највеќе страда, се разбира тие што се најмали, најневиновни, тие што гласот не им се слуша, а тоа се децата. Со педагошки наврти се обраснати некој чувства и колку родителите себично ги игнорираат децата, ги користат како мамка за остварување на нивните цели. Но од друга страна е докажано и спротивното како што во своето рецензентско налагање магистер Лилјана Стоилковска потенцира и се запраша? Извадок од делото – Кој е родител, тој што ќе го створи чедото или тој што го расти, чува воспитува?  Останува на вас драги читатели и љубители на пишаниот збор да го набавите овој роман и сами да одлучите за квалитетот на романот.

289385568 2848541542121237 5875771836763124651 n

Рецензент на горенаведените книги е професор Александар Донски и сите мој дела се отпечатени во две изданија едно во Македонија, а второ издание во Мелбурн, Австралија. Каде што романот беше прифатен со многу позитивни коментари, а со тоа дојде и идејата да се преведе на англиски јазик и тоа се направи во јули 2021 година, во мај 2022 романот се преведе и на албански јазик.    

Оваа година излезе од печат и третата збирка на поезија Одмрзнати чувства со која што ќе конкурирам за награден конкурс Браќа Миладиновци и наградата Стојан Христов при Струшките вечери на поезијата. Се надевам дека прекрасната рецензија на Професор Васил Тоциновски ќе го долови вкусот на читателите и ќе ја прочитаат и оваа збирка. Од оваа збирка ќе ги потенцирам песните, Чија сум, Бродолом, Легенда за Битола, Прошетка низ Битола, Ќерко врати се од туѓина. Битола моја најмила, Животот е свеќа, се надевам дека по насловот на овие песни ќе почувствувате дека јас опфаќам од сите можни жанрови, така што секој читател ќе се пронајде барем во една песна.   

Читај бе: Во кој период се напишани книгите?

Оливера: Пишувам од моето рано детство, дилемата е дали сум родена за да пишувам или се родив со тој талент. Се служам со богат фонд на рима во пишуваните стихови така што мотивите доаѓаат до појак израз и се чувствуваат јако имаат поголема моќ. Но како што претходно спомнав моите дела за прв пат ја видоа светлината во 2020 година во период на пандемија. Тука не спаѓаат моите стихови кој беа објавувани во детските списанија и текстовите преточени и опеани во песни од мојот сопруг Љупчо Јовановски Бубе како и од други познати македонски интерпретатори. Во мојот живот пандемијата имаше и позитивна улога ми овозможи да имам повеќе време за самата себе и да се посветам на моето лично задоволство затоа што секогаш  во прв план беа семејните обврски и мајчинството.

289941277 1336162283460198 7389053495983201816 n



Читај бе: Вие сте по потекло од Битола. Кога заминавте за Австралија? Дали ви недостига родниот крај? Живеете и работите во Мелбурн, но сега сте во Македонија и ги промовиравте тука книгите.

Оливера: Од 1986 година живеам, работам и творам во Мелбурн една третина од животот и најубавите години од младоста ги поминав во тој град. Таму и ги создавав овие дела, но спомените што ги носев од родниот град Битола тлееа и се размножува во мене. Затоа сум толку многу посветена со пишаниот збор кон Битола ја нарекувам исконска Битола, па и песната под наслов Битола во срцето што е испеана пред неколку години од мојот сопруг Бубе е напишана и испеана по моја иницијатива.

289174760 873286613628297 2793210745657128108 n

Како 15 годишно девојче ја напуштив Битола отидов во белиот свет да си ја пробам среќата на свој начин да не сум зависна од никого, но Битола никогаш не излезе од моето срце. Напротив туѓината ми даде до знаење да согледам дека колку сум подалеку од родниот крај толку папочната врска е се појака и појака влече назад. Дрво без корен не бидува, а и човек без минато и без желба често да се враќа во родниот крај не би бил човек. Токму таа желба да се вратам во Битола во родната татковина е поврзана со многу напишани песни, а и со желбата промоцијата да се одржи во Македонија, така што имавме промоција во Скопје и Охрид.


Читај бе: Дали пишувањето книги ви помага да останете поврзани со родниот крај?

Оливера: Пишувањето поезија или проза ја надополнува празнината не само кон родниот крај туку и кон се она што ни тежи во душата, сите емоции, убави или тажни настани ако човек знае како да ги спакува да ги украси со епитет, и метафори и не само на поетот туку и на читателот им ја надополнуваат празнината. Затоа што сите ние имаме исти чувства, љубовни кон Бога, кон родителите, кон децата, кон сопружниците, кон татковината, тука зборувам за нас печалбарите. Затоа повторно ќе нагласам независно кој во која песна ќе се најде или кој стих ќе го погоди. Ми  се случило луѓе што не ги познавам да ми испратат емајл (запишан е во секоја книга) и да ми кажат дека во некоја песна се пронашле самите себе и како баш таа песна де напишана за нив.  Пишувам од душа за душа, од срце за срце.

289565304 704676944095148 4149128278703349041 n


Читај бе: Што е она што го планирате за во иднина?

Оливера: Душата на поетот не е чешма да се пушти и да истече, секогаш нешто ќе капи од неа, некогаш капка по капка, а некогаш потоци емоции ќе врнат. На вашето прашање што се планира за во иднина, во соработката со моите стихови и дали нешто ќе се преточи во песна останува мала загонетка. Но само ќе споделам со вас и сите оние што очекуваат повторно ново дело од мене дека имам доста творби за нова збирка поезија, за прв пат ќе објавам и збирка со раскази и работам на нов роман. Секако ќе ја израдуваме и публиката што чека новокомпонирани песни.    

    За најтешките моменти во животот…
    Еден ангел му се обратил на човекот: – Сакаш да ти го …
    Киселата краставичка – тајниот сојузник за здравје
    Киселата краставичка е традиционален дел од многу македонски трпези, особено во зимскиот …
    meblo trejd mialnici

    Претплатете се за новости

    You May Also Like

    Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

    Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

    Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

    15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

    Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

    Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

    Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

    Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…