sekstet2

Новата премиера „Секстет“, трета по ред од годишната програма за 2026 година, во режија на Марјан Георгиевски, на Битолскиот театар.

Премиерата е закажана за 25 април и веќе е целосно распродадена, додека првата реприза ќе се одигра на 27 април со почеток од 20 часот.

Директорот на театарот, Васко Мавровски, истакна дека по пауза од 25 години на сцената повторно се враќа водвиљот. „Имаме претстава која недостасуваше на репертоарот. Се обидуваме да ѝ го понудиме на публиката она што сака да го гледа и мислам дека сме на вистинскиот пат“, рече Мавровски, посочувајќи дека интересот е значително зголемен и дека претставите сè почесто се распродаваат онлајн.

sekstet e1776943903482

Режисерот Георгиевски нагласи дека за неговата генерација водвиљот бил жанр што ретко се поставувал, што го прави процесот уште повозбудлив. „Комедијата изгледа лесно, но е исклучително прецизна и тешка за работа. Секој момент мора да биде точно поставен“, рече тој.

Претставата е адаптација на делото на Марк Камолети „Не се дотерувај за вечера“, автор познат по своите динамични и духовити водвиљи кои се играат ширум светот.

Во актерската екипа се Николче Пројчевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, Сандра Грибовска Илиевска, Марија Цветановска и Борче Ѓаковски.

Актерката Марија Цветановска посочи дека комедијата бара голема дисциплина. „Во комедијата има многу ‘математика’ – ако се испушти еден момент, сè може да се распадне“, изјави таа.

Актерот Никола Пројчевски истакна дека во денешното динамично време, публиката има потреба од ваков тип претстави. „Потребна ни е комедија за да се насмееме и барем накратко да избегаме од секојдневниот стрес“, рече тој.

Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музиката ја потпишува Александар Димовски, а за светло и тон се задолжени Горан Петровски и Николче Терзиевски.

„Секстет“ носи брзо темпо, низа комични ситуации и е создадена како вечер за чиста радост – потсетник дека, во време на постојани кризи и информации, смеата е повеќе од потребна.

Моќта на туѓата вага
Пишува: Сара Танаскоска Постои една група на луѓе кои не знаат да …
Д-р Рајовиќ: Има само еден начин да се доведе во ред луто и разгалено дете
Д-р Ранко Рајовиќ е доктор, невроендокринолог, основач на Центарот „Никола Тесла“, одделот …
You May Also Like

Промовиран епско-фантастичниот роман, „Сонцето под земја, кралството над него” од Елена Бошбож

Инспириран од македонска, грчка и словенска митологија, македонска историја, легенди и фолклор,…

Преку професионален LinkedIn бизнис профил до нови лидови и потенцијални клиенти – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола LinkedIn е одлично место…

Како да се препознае Аутизмот кај бебиња и мали деца? – совети на Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог

Автор: Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог Некои родители ги препознаваат знаците…

Нетлените мошти на Свети Спиридон имаат постојана температура од 36,6 степени

Телото на Свети Спиридон поради чистотата и богоугодниот негов живот го победило…