Денеска се одржа Државното ридско првенство на Македонија во организација на Велосипедскиот клуб Пелистер 15 Мај од Битола, по четврт пат во Битола. На него зедоа учество 12 клубови со над 70 велосипедисти во сите категории: у13, у15, кадети, јуниори, у23, сениори, мастерс и жени. Се возеше од хотел Капри Битола до ски центарот Нижеполе во должина од 12 километри.
-Се возеше по доста топло време, но сепак трката помина во најдобар ред. Голема благодарност до СВР Битола – сообраќајната полиција кои беа на висина на задачата. Исто така благодарност до Службата за итна медицинска помош, Цермат, хотел Капри, Кожувчанка, фотокопир Бабук, ЈП Стрежево со голема поддршка на Битолскиот онлајн магазин Читај бе, изјави Африм Јусуфи, претседател на ВК Пелистер 15 Мај Битола и селектор на сениорската велосипедска репрезентација.
После завршувањето на трката и доделувањето на наградите на најдобрите, имаше дружба меѓу велосипедистите, а имаше и освежување од сладоледите на Цермат.
Беше присутен и градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски кој го поддржа настанот и дојде да ги бодри велосипедистите од новоотворениот клуб Нова бајк од Новаци. Истакна дека планираат и во Новаци да се организираат вакви настани во интерес на младите и спортот.
Фото: Саше Богоевски