Патувањето кон југот на Грција секогаш започнува со еден ист возбудлив трепет – чувството дека чекор по чекор се приближуваме до местата каде што историјата дише, а медитеранската енергија се чувствува во секој поглед, мирис и звук. Токму такво патување нуди ЈК Травел за 8ми Март – уникатна комбинација од космополитската убавина на Атина и шармот на помалите, но подеднакво магични градови на Пелопонез.


Нашата авантура започнува во Атина, главниот град на Грција и жив музеј под отворено небо. Овој древен метрополски центар, колевка на демократијата и дом на легендарни личности како Сократ, Перикле и Софокле, опстојува повеќе од 3.400 години. Денес таа е модерен град полн со енергија, но истовремено и чувар на спомениците што го дефинирале текот на цивилизацијата – од величествениот Акропол и импозантниот Партенон, до мистичниот Сунион.

По уживањето во атинската историја и динамика, патот продолжува кон тивките и романтични предели на Пелопонез. Тука, меѓу морето и планините, се наоѓа едно од најубавите гратчиња во Грција – Нафплио. Скромно, но полно со магија, тоа е вистински бисер кој чека да биде откриен.

Пелопонез. Овој голем полуостров на југот на Грција е вистинска мешавина на култури, митови и природни убавини. Иако повеќето туристи брзаат кон Атина, Миконос или Санторини, вистинските љубители на автентичното знаат за овој бисер на Пелопонез. Нафплио – скромно, но мистично место кое плени со својата убавина, историја и романтика.

Шетајќи по крајбрежјето, покрај малите рибарски бродови и пријатните кафулиња, лесно е да се разбере зошто Нафплио се смета за еден од најшарамантните гратчиња во Грција.






Со калдрмени улички, неокласични фасади и балкони прекриени со бугенвилии, градот делува како сцена од стар филм. Во 1829 година, Нафплио беше првиот главен град на слободна Грција – и тоа не е случајно. Стратешката локација и природната заштита што ја нудат околните ридови и островчиња, му овозможиле да биде центар на многу културни и воени приказни.




Историјата на Нафплио е вистински мозаик. Венецијанското влијание се гледа на секој чекор – од архитектурата до тврдините кои гордо се издигнуваат над градот. Најпознатата, Паламиди, со своите 999 скалила (или барем така велат локалците), нуди не само спектакуларен поглед кон Арголичкиот залив, туку и чувство на моќ што ја носеле некогашните бранители на градот.








Но, Нафплио не бил само венецијански. Под Османлиското царство, градот добил ориентален шмек – џамии, бањи, тесни сокачиња и ориентални пазари. Денес, токму таа мешавина на Исток и Запад му дава на Нафплио посебен шарм.








Она што најмногу плени е атмосферата – прошетките по кејот покрај морето, каде можете да уживате во кафе со поглед кон малата морска тврдина Буртзи, која гордо стои среде заливот како чувар на минатото.

Нафплио е идеално место за романтичен одмор, но и за семејни патувања.


























А додека сте на Пелопонез – и ако веќе сте се вљубиле во Нафплио – не пропуштајте да ги посетите и некои од најзначајните историски и природни чуда во околината.
Епидаврос – најголемиот и најдобро сочуваниот антички театар во Грција, изграден во 4 век п.н.е., познат по својата неверојатна акустика. Доволно е еден шепот од центарот на сцената да се слушне дури и од последниот ред.


Микена – легендарниот град на кралот Агамемнон, лидерот на Грците во Тројанската војна. Влегувањето низ монументалната Лавовска порта, стара повеќе од 3.000 години, е како патување низ времето. Тука се пронајдени златни маски, накит и остатоци од моќната цивилизација што го воодушевила дури и Хомер. Посетата на Микена е како читање во „живо“ на “Илијадата”.








Коринтски канал – вештачко чудо што ги спојува Јонското и Егејското Море. Ископан крајот на 19 век, каналот е долг околу 6 километри и длабоко всечен во карпите. Иако денес е премногу тесен за модерните бродови, и понатаму фасцинира со инженерската генијалност и погледот што го одзема здивот.











