notebook 2178656 1280

Магливо и тмурно утро. Нормално за овој, есенски период од годината. Доцната есен секогаш мириса на магла, а воздухот е уште постуден и загаден без нејзиниот здив.

Тој се облече со зимска опрема за доста постудено време од тоа што беше реално. Не беше човек што сакаше да трпи, па затоа ја облече најдебелата вентијага, зимска капа, нараквици и шал што го штитеа од влажната магла што беше секаде околу него.

Улиците беа пусти. Тек тук по некој кучешки лаеж ја разбиваше монотонијата. Чекорот беше бавен – скоро се влечеше низ влажниот пат. А и каде би одел?

Никаде.

Секаде!

Одеше со бавен и безволен чекор, и ги отпоздравуваше случајните минувачи со кои со сите до еден се познаваше, со обично безволно здраво. Не му беше до разговор.

Одеше и одеше и очекуваше или посакуваше да сретне некој друг. Некој нов. А можеби и неа ако е времето точно! И само одеше, бавно, безволно и незаинтересирано, и со возбуда гледаше во секој нареден човек што ќе го сретне, а возбудата веднаш згаснуваше кога ќе видеше дека го знае од претходно, и најбитно – дека не е таа!

Секој следен ден беше копија на секој претходен. Секое камче на улиците беше на истото место како и претходниот пат, и сите луге беа истите од претходно. Или барем така беше во неговата глава. Мислеше дека го живее истиот ден веќе многу години, и буквално ништо не му го разбиваше чуството на празнотија што го имаше. Дупката што остана во неговата душа беше премногу голема, за една обична магла да ја пополни.

Некогаш и најмалите изненадувања и случајни средби можат во целост да ни го променат нашиот живот. Така, и него, баш тој маглив тмурен, ист како претходниот, одвратен ден, една обична средба со еден стар – заборавен пријател му донесе малку свежина во неговото постоење.

Додека одеше по улицата, некој го допре по рамото од зад него. Кога се заврти го виде својот поранешен колега, а и пријател со кого доста добро живееја своевремено. Го немаше видено – не памети од кога. Кога го виде, како крвта да му зовре во вените.

Започнаа да разговараат за што не. Решија наместо на улица да одат дома кај пријателот.

Домот сè уште не беше добро среден, но седнаа на две столици што дотогаш не беа искористени. Пријателот само што се вселил.

  • Извини, ќе го продолжиме разговорот, но не можам да издржам! Те молам кажи ми за неа! Кажи ми дали ја гледаш? Дали е добро? Дали е среќна? – праша тој
  • Ах пријателе мој… ја гледам да… те чека… ах пријателе… – со солзи во очите одговараше неговиот пријател.
  • Те молам, дали може да и однесеш едно писмо ако случајно ја видиш? – праша тој и го даде писмото на својот пријател.

Пријателот го зеде, го прегрна својот долго заборавен другар, и со солзи во очите го испрати.

Тој веќе имаше желба и мотив да направи нешто. Баш тој толку обичен ден стана еден од подобрите денови во последно време што ги имал. Со брз чекор отиде дома и седна да напише писмо.

Зеде два чисти листови, пенкало и седна да пишува:

Ми кажуваат дека сè уште си сама!

Иако поминаа толку многу есени откако те нема! Ми кажуваат дека те гледаат и дека вешто се криеш од сите и од сè. Ми кажуваат дека сакаш да се вратам и дека сè уште ги читаш нашите писма!

Ми кажуваат дека сеуште гориш по сите пролети што ги поминавме заедно. Дека ниту една пролет повеќе не ти е пролет. Дека ниту еден цвет не ти мириса убаво повеќе. Дека сè уште ме чекаш и дека сè уште ти фалам.

Ми кажуваат дека сè уште си сама и дека сама ги мериш улиците. Дека со никој не разговараш и дека го криеш погледот како да си најголемиот злосторник на светот. Ми кажуваат дека до доцна во ноќта не спиеш, дека сијалицата секогаш ти е запалена, и дека не ти доаѓа сон од помислата дека треба да спиеш сама.

Ми кажуваат дека сè уште си сама после сите лета што поминаа! Дека сè уште си сама и во секое лето уживаш сама како во летата кои ги поминавме заедно. Дека секоја вечер ги гледаш ѕвездите сама. Дека никој не те држи во прегратка додека летниот ветер ти ја гали косата. Дека дури и во ветрот ме бараш! Сама!

Те молам немој да бидеш сама! Не си ти родена за сама! Нема да се вратам! Иако сакам!

Немој да бидеш сама! Човек за сам не е роден!

Немој да бидеш сама, биди среќна, ако не за друго, барем поради мене!

А јас, ќе те чекам! Засекогаш!

Додека го пишуваше писмото, неколку солзи капнаа врз белите страници. Тој реши да не го препишува на други листови. Вака и писмото имаше дел од него. Го запечати во плик, и го стави во својата вентијага.

Ова писмо беше напишано над петстотини пати во последните триесетина години. И ниту еднаш не стигна до неа.

Тоа што не стигна до неа не значеше дека не треба да биде пишувано. Можеби баш сега ќе стигне.

Тој не знаеше ништо за неа. Ни како изгледа, ни дали убаво остарела, ни дали сè уште насмевката и е исто убава како тогаш. Ни дали пролетта мириса на пролет кога е до неа. Ни дали есента е волшебна кога ја држи за рака. Ни дали ѕвезденото небо сè уште се смее кога би го гледал заедно со неа.

Не знаеше дали нејзината коса целосно обелела, или решила да ја фарба. Не знаеше дали сè уште го има препознатливиот за неа чекор, нејзиниот единствен специфичен мирис што и ден денес го чуствуваше како да е заглавен во неговиот нос. Не знаеше дали сè уште памети да се бакнува како тогаш. Единствено што знаеше е дека е сè уште сама! А тоа го уништуваше!

Таа во последните 30тина години беше сама. Тој и беше почетокот на крајот. Тој ѝ беше крај пред крајот! Тој и беше новиот почеток.

Нејзината коса беше целосно бела. Нејзиниот специфичен мирис беше сè уште нејзин, само што никој не успеа да го мирисни. Нејзиниот специфичен чекор беше вешто криен од секого, а и тоа како се сеќаваше како е да се бакнува – се бакнуваше секоја вечер со него во соништата.

И пролетта мирисаше убаво само кога ќе се сетеше на него. И есента беше волшебна барем за миг – кога нешто ќе ја потсетеше на него.

И летното ѕвездено небо и се смееше! Ја гушкаше и и ја топлеше душата како тој да е до неа и да и раскажува некои чудни – смешно сериозни приказни.

И сè уште се смееше на неговите монолози на разни теми кои немаа врска со ништо што се случува во тој момент, и беа измислувани од него само за неа.

И сè уште беше сама и никој не успеа да ја види нејзината најубава насмевка – која и по толку многу години само тој успеваше да ја развие на нејзиното веќе видно остарено лице.

И така, и таа вечер како и сите претходни во огромниот број денови што поминаа од нивната последна средба, кога се бакнаа како да нема утре и се разделија, тој си легна да спие со мислата за неа. Сакаше да ја види, но сакаше сето тоа да трае што е можно подолго! Сакаше да се разбуди од спиење и повторно да шета и да сретне уште некој нов што можеби ја видел и да му раскаже за неа. И не сакаше повеќе да слушне дека е сама! И се надеваше дека можеби МОЖЕБИ овој пат писмото ќе стигне до неа! И заспа со нејзината мисла во неговата глава.

А таа, длабоко во ноќта, кога веќе почнуваа првите зраци да се појавуваат, во полусон, го доби писмото. Го прочита, се разбуди и заплака како пред 30 и некоја година. Како кога последниот пат кога плачела. Како кога му јавија дека починал!

                                                                                                                   Максим Коте

Полека умира оној кој не ги следи своите соништа…
Лесно умира тој што не патува, оној кој не чита, оној кој …
Како неспособните ги преценуваат сопствените способности – Данинг-Кругеров ефект
Во животот неизбежно сте сретнале барем една ваква личност – тој тврди …
meblo trejd cestitka

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Колку сме толку сме токму сме – 94 години од раѓањето на Гане Тодоровски

Гане Тодоровски  (1929 -2010)  од современ, денешен книжевен аспект може да се…