На 16 април, на празнувањето на Лазаревото воскресение, авторката Билјана Андоновска од Битола во Бигорскиот манастир ги промовираше своите две книжевни творби. Во пространата одаја за свечености во Бигорскиот Манастир, во присуство на Игуменот, Епископот г. Партениј, Архимандритот Доситеј, монаси и монахињи и на голем број верници и љубители на словото, беа промовирани романизираната биографија на Преподобниот Јоаникиј Ракотински „Со вера и трпение, до чудесни исцеленија“ и поетската збирка „Каде е Бог?“.
Реализатори на промоцијата беа писателката и поетеса Вера Благојевиќ, којашто воедно е и автор на освртот за книгите и легендата на македонската музика, Драган Мијалковски, којшто со својата гитара изведе неколку песни и со својот поетски глас ги прочита рецензиите на книгите.
Во текот на промоцијата, исто така, беа прочитани извадоци од романот за Свети Јоаникиј, како и неколку песни од стихозбирката.
Во освртот за книгата Со вера и трпение, до чудесни исцеленија Благојевиќ, меѓу другото, ќе напише:
„Овде во овие редови подолу, молитвите и солзите на светиите и мачениците, минуваат низ срцето на авторката Билјана Андоновска. Тоа се гледа во овој ракопис, кој е толку сликовито и со многу чувства пишуван. Слободно можам да кажам дека овој ракопис, според мене е ремек-дело… Романот на Билјана Андоновска има опоен мирис на сув босилек и додека го читав, како да го почувствував и мирисот на темјанот од црковните кадилници. Љубовта на авторката е и моја љубов, нашата убава православна вера, црквите и манастирите и сите наши светии“.
Во своето обраќање до присутните, авторката Билјана Андоновска рече:
„Како голем љубител на читање книги читав секаква литература, но кога почнав да читам православна литература, и кога видов каква убавина и каква среќа е тоа, јас веќе не ни погледнав ниедна книга од друг жанр. Тлееше долго време желбата да напишам роман, но ете Божја промисла било да се случи токму сега и токму за Св. Јоаникиј Ракотински. Овој роман го замислив како сликовница за возрасни. Во романот се трудев да пишувам што поедноставно, воопшто читателот да не се труди да чита помеѓу редови. Првенствено овој роман е наменет до читателите кои не се доволно запознати со прекраснотиите на нашата православна вера. До луѓето на кои табу тема им е монаштвото. До сите тие кои се прашуваат зошто некои луѓе се одлучуваат да заминат во манастир и да станат монаси. Да им ги доближам на луѓето светителите кои биле обични луѓе кои како резултат на богоугодниот живот се осветиле и до ден денес се присутни со своите чуда и помагаат на секој кој со вера ќе им пристапи. И целта на овој роман е што повеќе луѓе да се приближат кон нашата најпрекрасна православна вера“, рече авторката.
На крајот од промоцијата се обрати и Епископот г. Партениј:
„Како домаќин на оваа промоција, сакам да ја изразам својата огромна радост и задоволство, што денеска го промовираме првиот роман посветен на Свети Јоаникиј Ракотински. Сигурен сум дека Преподобниот ја избрал нашата сестра Билјана, за да го напише овој прекрасен роман. Впрочем, Светиите си бараат срца на кои ќе можат да им говорат. Особено се радувам што меѓу нас овде се присутни и жители од с. Ракотинци, односно луѓето од црковниот одбор на селото, кои добро ја знаат историјата со моштите на Свети Јоаникиј. Можеби некој ќе се запраша зошто чесните мошти на Преподобниот се наоѓаа извесен период во Бигорски? Зошто тој дојде имено тука? Одговорот е дека тој си ги избра нему истородните, за да им говори за својата слава. Знаете, како што пишува и во Житието, неговото нераспаднато тело било откриено по едно свлечиште на земјиштето, потоа било положено во еден помошен објект на селската црква, па по цели четириесет години, во 1986 година повторно било закопано во бетонски ров, каде што и се распаднало со текот на времето. Во тоа време на комунизмот, на сеопшто богоотпадништво, Светителот едноставно како да не наоѓал сродни срца на кои ќе можел да им се појави, да им се открие, да им зборува за славата што ја има во небесната Црква. Чекал погодно време, кога ќе биде возобновено монаштвото, за овој голем монах на Небото, со слобода во Христа, да им проговори на нему сродните срца и сите нас да нè утеши. Бог преку Неговите верни луѓе сака да го оприсутни Царството Негово овде на Земјата. Всушност, целта на Црквата е токму таа: сите ние да станеме дел од тоа небесно Царство. А за тоа да се случи, неопходно е да ги отвориме своите срца за духовното и за Божественото и гледате: Небото, Светителите и Самиот Господ ни говорат во нив.Па така, уверен сум дека Свети Јоаникиј ја избрал нашата Билјана, за да ѝ говори во срцето нејзино, та таа да го напише овој прекрасен роман, кој е уште една прослава за Преподобниот, уште едно сведоштво за неговата светост. Се надевам дека оваа книга уште повеќе ќе го доближи до луѓето животот на овој голем Светител, кој, како што рече Билјана, е помеѓу нас – дејствува и чудотвори…“.