YMCA Македонија и годинава го распишува повикот за учество на летните кампови YMLP (Young Men’s Leadership Project) и GLOW (Girls Leading Our World), кои ќе се одржат во Битола. За деталите разговаравме со Виктор Илиев од YMCA, кој ни раскажа зошто овие кампови се уникатно искуство за младите.
Читај бе: Виктор, кои се главните цели на овие кампови?
Виктор: Целта на YMLP и GLOW е да инспирираме млади луѓе да станат активни лидери во своите заедници. Преку интерактивна и практична едукација, учесниците добиваат вештини за личен раст, кариерен развој и граѓанска одговорност. Камповите се одлична можност младите да научат, да се дружат и да се развиваат како личности.
Читај бе: Кои се клучните теми и активности што ги нудат камповите?
Виктор: Наставната програма опфаќа три главни теми: личен развој, кариерен развој и граѓанска одговорност. Работиме и на теми како ментално здравје, самодоверба и лидерство. Дополнително, имаме изборни активности како јога, музика, американски спортови, креативно пишување и активности на отворено. Кампот завршува со тимски натпревари и излет на Пелистер.

Читај бе: Кој може да се пријави?
Виктор: Сите ученици кои оваа есен ќе бидат во 8мо, 9то одделение, или 1ва до 3та година средно училиште, и кои имаат познавање од англиски јазик, се добредојдени да аплицираат. Најважно е да покажуваат лидерски потенцијал и интерес за волонтирање.
Читај бе: Каде се одржуваат камповите?
Виктор: Камповите се одржуваат во дворот на Педагошкиот факултет во Битола, во прекрасно природно опкружување. Се работи претежно на отворено, но имаме и алтернатива во случај на дожд. Обезбедени се тоалети и логистичка поддршка за сите учесници.

Читај бе: Колкав е надоместот за учество?
Виктор: Благодарение на нашите партнери и донатори, како и на волонтерите кои несебично го донираат своето време и знаење, ИМКА е во можност да покрие поголем дел од трошоците. Учесниците плаќаат само симболична партиципација од 1.500 денари, која ги покрива сите трошоци – оброци, материјали, освежување и превоз за екскурзијата. Доколку некој има финансиски потешкотии, постои можност за аплицирање за стипендија ТУКА.
Читај бе: Кој е крајниот рок за аплицирање и каде може да се најде пријавата?
Крајниот рок за аплицирање е 8 јуни 2025 година. Апликацијата е достапна онлајн, и ги охрабруваме сите заинтересирани да аплицираат што побрзо. Апликацијата за кампот може да ја најдете ТУКА.
Читај бе: За крај, која е твојата порака до младите?
Ова не е само камп – ова е животна авантура! Ако сакаш да запознаеш нови пријатели, да научиш нови нешта, да се предизвикаш и да пораснеш како личност, ова е местото за тебе.









