Децата, младите луѓе кои читаат растат во возрасни луѓе кои размислуваат. Ахм, не е мала работа. Во свет кој е под окупација од консумерзимот, има група на луѓе кои со сета сила се трудат да развијат автентичност и како такви да делуваат во средината каде живеат.
Неодамна, по повод Патрониот празник на СОУ „Јосип Броз –Тито“ Битола се организира активност „Сподели мудрост“ – Размена на книги во училишната библиотека.
Деспина Биртановска е ученичка во трета година во Гимназијата, таа освен предвидените дела и лектири за во училиште чита и книги и во слободно време.
Таа ја препорачува книгата „„Црвената кралица“ – Викторија Авејард
„Дозволете ми да Ви го претставам светот на фантазијата со „Црвената кралица“ и да Ви откријам една приказна која сите емоции ги преплетува. Приказна која ни раскажува дека човекот може да биде предавник, суров убиец или самоуверен херој. Кога животот би бил заснован на неисполнети желби и лаги, бегајќи од минатото кое постојано нѐ прогонува.
Замислете како влегуваме во еден свет каде што луѓето се поделени според бојата на крвта – на оние со црвена и на оние со сребрена крв. Црвените се обични сиромашни луѓе, додека Сребрените се богати владетели со натчовечки моќи. Уште една особина по која луѓето би правеле поделба измеѓу едни и други. Но, што кога во животот на Сребрените ќе влезе една млада Црвена девојка која сфаќа дека е помоќна и од едните и од другите. Поседува моќ што би можела да предизвика револуција и да го промени светот, но и самата е победена од нејзините емоции. Црвени против Сребрени, принц против принц и самата таа против сопственото срце, против љубовта која гори во нејзината душа.
Сите овие карактеристики можете да ги најдете во книгата „Црвена кралица“ – фантастичен современ роман за млади, напишан од американската писателка Викторија Авејард. Приказна каде што ја среќаваме љубовта, копнежот по саканиот, неисполнети желби и голем број лаги, но и предавства и сурови убиства. Книгата остава голем впечаток и поттикнува на размислување. Го прикажува човекот каков може да стане, кога би добил сѐ што посакува. Дали би останал ист или би се променил? Дали би станал суров и себичен владетел кога би поседувал огромна моќ, па дури и да ги изгуби најсаканите? Ја препорачувам оваа книга до сите љубители на фантазијата, до сите оние кои сакаат да ја напуштат реалноста, но сепак задржувајќи ги особините на луѓето и животот. Оваа книга претставува серија од книги, така што би уживале во приказната уште подолго. За на крај, издвојувам неколку цитати од книгата, поттикнувајќи го вашето размислување и фантазијата:
„СЕКОЈ МОЖЕ ДА ПРЕДАДЕ СЕКОГО.“
„ВИСТИНАТА Е ОНА ШТО ЈАС ЌЕ ГО НАПРАВАМ. МОЖЕВ ДА ГО ЗАПАЛАМ ОВОЈ СВЕТ И ДА ГО НАРЕЧАМ ДОЖД“
„ЗБОРОВИТЕ МОЖАТ ДА ЛАЖАТ. ГЛЕДАЈ ПОДАЛЕКУ ОД НИВ.“
„ТИ КАЖАВ ЕДНАШ ДА ГО СКРИЕШ СРЦЕТО. ТРЕБАШЕ ДА МЕ ПОСЛУШАШ.“ „АКО ЗНАЕТЕ НЕЧИЈ СТРАВ, ГО ПОЗНАВАТЕ И ЧОВЕКОТ.“