Битолчанец не е само географска одредница, тоа е ментална состојба. Вака сакаме ние битолчани да опишеме што значи да си дел од еден од најопеаните градови, не само во Македонија туку и пошироко.
Тоа кажува многу за еден град за кој се напишани најубавите рефрени, најромантичните песни, најописните романи…Да го искажеш чувството кон својот роден град во кој го гледаш своето минато, сегашност, но и иднина. Град кој е дел од твојот живот, град кој некогаш иако физички го напушташ, никогаш не излегува од душата, срцето и умот. А ако го гледаш да венее, тогаш венееш и ти со него.
Токму таа љубов кон Битола на 60 страни ни ја пренесува Зоран Ѓоргиев во своето второ „чедо“, збирката проза и поезија „Мојата Битола“. Промовирана на Денот на младоста, симболично, како во книгата што се опишани случките поврзани со младоста во својот роден град, но и самата љубов која се раѓа токму во младоста кон улицата во која играме, калдрмата по која одиме со симпатијата, мудрите занаетчии и нивните совети, боемскиот живот, живиот дух на градот…
Колку битолчани знаете кои раскажуваат како што тоа го правеле нашите претци? Колку битолчани знаете што знаат каде се наоѓале местата по кои е позната Битола во минатото? Или пак го користат милозвучниот архаичен битолски дијалект?
Сите ние сме заљубени во Битола од минатото. А ако некого сакаме, тогаш треба да му помогнеме повторно да блесне, без разлика колку нурнал надолу…
Токму во последната песна од збирката насловена „Сакав“, Зоран го опишува чувството кое го има кон Битола сега:
„…Сега дојде денот кога признавам
дека не успеав
дека ништо не направив.
Секој ден сега е со дожд
Во црни темници
Со чад и сивило.
Улиците сега се друштво само на чопор кучиња
скитници
и тие заборавени
оставени без грижа и љубов
како сите нас останати…
********************
…Проклет да сум јас
што се надевав дека
ќе бидеш убава,
дека ќе сјаеш
со жолти фенери
со тамбури и
весели бекрии.
Ниту ми се слика повеќе
ниту песна ми се пишува за тебе…“
(Извадок од песната „Сакав“)
За да направи човек нешто убаво во животот, мора да има нешто убаво за инспирација, вели Зоран за инспирацијата за книгата.
„За мене инспирацијата беше „Мојата Битола”. Еден збор или случка со неа ми беше доволна за да почнам да творам и сам да си ја отворам душата. Ја отворав како бисерна школка. А бисерот е тоа што внатре е напишано. Си ја замислував како моја дама со која шетам по сокаците, се возиме со пајтоните, ги свириме серенадите и пееме со бекриите. Стотина години вратени назад на калдрмата низ градските улици во времето на Конзулите и клавирите, на Пекмез и Дембел Чаршија, Тумбе кафе… Цела поезија и мали раскази се пишувани во еден здив, без корекции и со многу емоции. Како што се чуствував така пишував. Не знам и самиот колку е убаво и благодарно човек да е сентиментален, чувствителен за да го доживува сето ова и да твори за него. Или е подобро да биде јак и немилостив носејќи се храбро со сѐ што го носи животот. Не знам и самиот, но тоа се двата дела од мене кои ги носам во себе. На „Мојата Битола” и посакував само да ми биде убава и да ми напредува, а јас се соживував со неа во нејзино друштво како тој што постојано и го подарува тоа. Но како што поминуваше времето, реалноста започна да притиска. Тој сјај и убавина за жал почна да бледнее и да исчезнува. Книгата ја започнав со многу љубов, ентузијазам но ја завршив со очај и немир, се заради суровата реалност која денес сите ја живееме и никогаш не сме ѝ ја посакувале да ја живее нашиот роден град, мојата Битола“, вели Зоран за својата нова книга.
Збирката беше промовирана во Паб Бурбон во Битола, чии рецензенти се Ана Бунтевска и Божидар Божиновски, лектор е Христијан Аџиовски, додека дизајнот на корицата е на Ана Караманди. Стихови од книгата интерпретираше Силвана Петрова Насух.
Ви пренесуваме мал дел од рецензиите за книгата „Мојата Битола“.
Ана Бунтеска: Богатството на речникот кој е карактеристичен за Битола, ви открива едно големо платно на кое се насликани сокаците кои авторот ги врви со пајтонот на Манди, та ви раскажува за раскошните убости на градот, притоа споменувајќи ги сите нејзини обележја. Интересна е и онаа исконска потреба на Зоран да ги стави на хартија сите емоции без задршка и да биде ИСКРЕН, што во истоимената песна воопшто не ги преправа зборовите кои се напишани со печатни грешки, а кои ги гледате не со очи, туку со срцето. Како жена, како половина битолчанка по гените и целосна битолчанка во срцето, би сакала да му се заблагодарам на Зоран Ѓоргиев, авторот на Мојата Битола (книга која не е проза, не е ниту поезија туку е интимна исповед) за честа да бидам нурната во мирисите и вкусовите на градот кој секогаш ме остава занемена и расплакана. Она што го паметам од дете, го најдов повторно во овие страници…и го спакував длабоко во себе, да ми трае, да ме грее, да ми го чува од заборав највредното, моите најмили Нене и Дедица кои секогаш мирисаа на Битола, на моето детство, на мојата младост.”
Божидар Божиновски: Ова љубовно писмо за Битола не е само гол романтизам, ова е водилка за тоа како треба да изгледа градот, ова е љубовна приказна за тоа како се сака домот, како се сака Битола, како се сака своето во овие тешки времиња. Овие зборови, нишки, семиња за една поубава Битола, ќе останат со векови да ја раскажуваат приказната на еден човек и неговата љубов – неговиот град. Луѓето го прават градот, градот ги прави луѓето, испреплетени така ова е патување кое нема крај, врска која не се кине, оган кој не престанува да гори. Да се надеваме дека оваа книга, по години и децении, по векови, во градот во кој пораснавме, созреавме, љубевме, тажевме и се радувавме, ќе ја најдат идните генерации како сведоштво на сведоштво на едно време. И ќе ја читаат во многу поубава Битола, онаква Битола каква што ја опева Зоран.
Книгата е помогната од неколку спонзори, испечатена во 100 примероци кои ќе бидат бесплатни и од срце подарени. Исто така како што се и направени, вели Зоран.
ТЕМЈАНУШКА
Беше многу тажна
Не сакаше никого
Разлетана во мислите
Не можеше никако да се насмее
И подарив еден мал цвет
Темно лилава боја
И го ставив помеѓу увото и косата.
Седнати двата на клупа
Замижа…
Ја стави нејзината глава
над мојата нога,
трепереше со очите
Погледот и луташе
Некаде далеку
… се слушна воздишка.
Цветот го откинав
кај градскиот саат
Само таму тој никнуваше
Беше единствен помеѓу сите
Кои беа разлеани во друга боја.
Помина едно чиче
Со брчки на лицето
Со 90-тина години на плеќи
Се насмевна
Го виде цветот на нејзиното уво
Ми ја стави раката на рамо
И ми дошепна
Синко на ова место имав дуќан
На ова место секој ден вадев лепче
Тука дење ноќе шиев за битолчани
Му шиев костуми и фустани
Кошули најубави
Дојде таа
И ден денес не ја знам
Ми рече сошиј ми еден фустан
Темно лилава боја
Најубава да бидам
Како битолска кралица
И зедов мера
Беше прекрасна
Права дама со мирис на темјанушка
Си замина
Дење ноќе сѐ забаталив
Реков мора да ја изненадам
Да ја восхитам
Со ламба од газија ноќта – ден ја праев
За да можам шо побрзо да го стокмам
За да можам шо побрзо неа да ја видам.
Фустанот беше готов за неколку дена
Навезов и дрангулии
Но неа ја снема
Не помина ниту да ме запраша
До кај е работата
Останав денови во дуќанот
Намерно не го затварав
И ламба газиена не угаснав
Само за да ми дојди
Само за да ја видам
Да украдам барем малку од нејзината насмевка.
Помина долго време
Поминаа години
Фустанот остана на дуќан
Дуќано на Пекмез пазар го срушија
На тоа место сега нема ништо
Само расти една темјанушка.
Таа која ти ја откина
И на некого тага му забриша.
Затоа синко
Не чекај како мене
Не ја оставај да биде тажна
Не ја оставај да лута со мислите
Бакни ја
Кажи ѝ
Тоа шо ти лежи на срце.
Да не ти е мака никогаш
Како шо ми е мене денеска…