Веќе 5 години во Битола успешно функционира женската ракометна школа Винда. Формирана е во 2017 година од ракометарката Викторија Мурговска – Винда која исто така е и тренер. Целта на формирањето на клубот беше да им се овозможат услови на девојчињата кои го сакаат ракометот да го остварат својот сон. Со оглед на тоа што се единствениот клуб во Битола кој е посветен исклучиво на развојот на женскиот ракомет и работи со генерации од 8 до 14 години, потребата од еден ваков клуб беше секако неспорна, вели Викторија. Во моментот клубот брои околу 60 девојчиња.
Читај бе: Најнапред кажете ни како се дојде до идејата за формирање?
Викторија: Големата љубов кон ракометот и желбата да помогнам во потттикнувањето и остварувањето на нечиј ракометен сон беа мојата мотивација да го основам клубот и на сите заинтересирани девојчиња да им овозможам услови во кои ќе се развиваат како спортисти, но и како личности.
Читај бе: Колку во Битола недостигаше клуб/школа кој е посветен на развојот на женскиот ракомет?
Викторија: Со оглед на тоа што ние сме единствениот клуб во Битола кој е посветен исклучиво на развојот на женскиот ракомет и работи со генерации од 8 до 14 години, потребата од еден ваков клуб беше секако неспорна.
Читај бе: Кажете ни малку за активностите кои ги имате. Тренинзи, натпреварувања..колку групи имате и на која возраст се девојчињата кои тренираат?
Викторија: Во моментот клубот брои околу 60 девојчиња на вораст од 8-14 години, кои се поделени во три групи. Секоја група тренира три пати неделно. Од организациски причини веќе три години соработуваме со ЖРК Пелистер 2012 и нашите пионерки и кадетки настапуваат за ЖРК Пелистер 2012. Клубот е од самофинансирачки карактер што значи дека салите во кои тренираме и тренерите се платени исклучиво од членарините на девојките.
Читај бе: Како се одвиваа тренинзите во изминатите две години пандемија? Дали имаше застој и како делуваше тоа врз девојчињата кои тренираа?
Викторија: Секако дека пандемијата имаше свои последици и во нашиот клуб. Поради рестрикциите имавме неколку периоди кога не трениравме, а и натпреварувачкиот систем беше од поинаков карактер од вообичаеното. Натпреварите се одиграа во форма на турнир. За жал неколку девојки во тој период се откажаа, би шпекулирале за причината, но кај некои желбата дури и се дуплира па нестрпливо чекаа сé да помине и тренажниот и натпреварувачкиот процес да се врати во нормала.
Читај бе: Каква е заинтересираноста кај девојчињата за ракометот во Битола?
Викторија: Интересот за ракомет во Битола е неспорно задоволителен. Секако, дека не сите имаат желба и сон еден ден да се занимаваат професионално со ракомет и тоа ние го почитуваме и вреднуваме. Без квантитет нема ни квалитет. Секое девојче во РК Винда има голема вредност и специфична улога, не само за развојот и останокот на клубот туку и за останатите девојки. Горди сме на нашите девојки кои освен во спортот се успешни и во други полиња како наука, уметност итн.
Читај бе: Ракометот е еден од спортовите кој најмногу се препорачува за девојчињата бидејќи позитивно влијае врз нивниот развој. Може ли стручно да ни објасните зошто?
Викторија: Ракометот е колективен спорт кој овозможува стекнување на многу позитивни навики, на и развој на спортистите не само на физички туку и на психички и социокултурен план. Одржување на добро здравје и здрав натпреварувачки дух, стекнување на дисциплина и одговорност, социјализација и психо-физички развој се само дел од придобивките од тренирањето ракомет.
Читај бе: Зошто девојчињата во Битола да почнат да тренираат ракомет и од која возраст е најидеално да почнат?
Викторија: Идеална возраст не постои, но се препорачува децата да започнат на 6-7-годишна возраст со редовна спортска активност.