Потекнува од ракометно семејство, играше и ракомет, но од 2020 година активен е во маркетинг секторот на РК Еурофарм Пелистер. Ракометот е дел од неговиот живот уште од најмала возраст. Овој 20-годишник често го гледаме на теренот, во публиката кога играат и двата тима на Еурофарм Пелистер. Се радува заедно со играчите на победите, тагува заедно со публиката во поразите…Бојан Стерјев е млад човек чија определба е јасна – да придонесе ракометот во Битола да се подигне на уште неколку нивоа повисоко, визија која ја има клубот чиј претседател е неговиот татко, Зоран Стерјев. Поразговаравме со Бојан за насоките по кои ќе се движи клубот во иднина, за тоа колку како клуб посветуваат внимание на младите категории. Ни откри дека сè уште му е болна тема испуштањето на шансата титулата да се врати во Битола, но и дека тимот од наредната сезона ќе биде 20% посилен. Кога станува збор за ракометот, Бојан вели дека инфраструктурата е можеби најголемиот проблем во нашата држава, посебно во еден град како Битола, кој е најракометен град во Македонија и пошироко. Што се однесува пак за Еурофарм Пелистер 2 – Бојан вели дека срцето му е полно кога ги гледа натпреварите. Упати и порака до битолската публика.

бојан05

Читај бе: Бојан, од мали нозе си во ракометот. Може ли да ни кажеш, најнапред, како се појави љубовта кон ракометот?

Бојан: Потекнувам од ракометна фамилија, фамилија која повеќе од две децении е во овој спорт. Уште од моите 5-6 години сум на ракометните терени, а мојата вистинска љубов кон овој спорт се роди во 2012 година на Европското првенство во Србија, каде нашата репрезентација го освои 5-тото место на континенталниот собир.

Читај бе: Кој беше моментот кога одлучи дека не играта, туку менаџирањето ќе ти биде приоритет?

Бојан: Мојата одлука да прекинам да се бавам со ракомет играчки беше донесена со самото започнување на пандемијата, да бидам искрен едно позитивно искуство од мојот живот, пред се поради тоа што работев со тренери како што се господинот Александар Јовиќ и господинот Стевче Алушовски, две легенди на македонскиот ракомет. Кога сме кај менаџирањето, јас сум далеку се уште од менаџирање со ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, точно е дел сум од клубот, се трудам што попрофесионално да ги водам социјалните мрежи на ракометниот клуб, односно имам цел нашите фанови преку социјалните мрежи да се во постојан контакт со нашите ракометари. Времето работи за мене, помагам се што треба во клубот, едноставно овој клуб и градот Битола се дел од мене и секогаш дур сум жив, ќе направам се што сум во можност за нив.

бојан02

Читај бе: Според тебе, каков треба да биде еден модерен ракометен клуб? Како управата на Еуорфарм Пелистер, но и ти, црпите искуства, се консултирате за насоката по која ќе се движи клубот?

Бојан: За мене најбитно е еден клуб да биде стабилен, како финансиски така и резултатски. Без овие два клучни фактори нема модерен клуб. Гласот кој го бие за некој клуб во ракометната јавност е најбитен. Од друга страна кога сме кај поимот модерен, најмодерен клуб би бил тој клуб кој од својата школа ќе создаде играчи кои понатаму ќе бидат носители на играта на тој клуб. Може слободно да кажам дека сме на добар пат тоа да го направиме и ќе го направиме.

Читај бе: Какво е твоето мислење за состојбата со ракометот во Македонија? Што е она што ти како релативно млад човек сметаш дека треба да го направиш за да се подобри состојбата?

Бојан: Ракометот во Македонија во последните 2-3 години на клубски план е навистина подигнат, фактот што македонската СУПЕРЛИГА е најдобра на Балканот, зборува дека клубскиот ракомет оди во нагорна линија и самата неизвесност во лигата е доволен показател. Од друга страна инфраструктурата е можеби најголемиот проблем во нашата држава, посебно во еден град како Битола, кој е најракометен град во нашата земја и пошироко. Борбата за термини за тренинзи е навистина тешка, поради тоа што нема доволно сали соодветни за ракомет.

Точно е млад сум, се гледам себеси во текот на целиот живот во овој спорт, да бидам искрен не би сакал да дадам некакви ветување, поради тоа што сум човек што не ветувам, единствено што би можел да ветам е дека ракометот во Битола, ќе го подигнеме на уште неколку нивоа повисоко.

Читај бе: Дали сметаш дека треба да се посвети повеќе внимание на едукација и обуки на управите на клубовите, на тренерите, играчите во тој контекст?

Бојан: Секоја едукација во животот е добредојдена. Секој човек на овој свет учи од секојдневието, од своите грешки.

Читај бе: Кое е твоето мислење, кој е сегментот кој го имаат другите европски клубови, а кај нас го нема? Дали можеби малку повеќе треба да се поработи на психичкиот момент?

Бојан: Пак ќе се повторам, но навистина тоа најмногу не дели нас од европските клубови, а тоа е инфрастукура, нова сала/ли, нов дом, каде секој ракометар, секој член на клубот ќе има на располагање 24/7 сала, теретана, место за рекуперација, своја соблекувална, итн…

Кога сме кај психичкиот момент, за оваа тема мислам дека треба да се разговара со тренерите, тие покрај тоа што се тренери, се и еден вид на психилози, секој од нив си има  различни барања и затоа е најдобро на оваа тема да зборувате со нив.

Читај бе: Да позборуваме за Еурофарм Пелистер 2. На почетокот се гледаше малку скептично на овој проект, но сега сведочиме дека тие се миленици на битолската публика. Колку управата се вложува во развој на овој тим?

Бојан: Еурофарм Пелистер 2 е најубавата приказна што му се има случено на ракометот во Македонија во последните години. Пресреќен сум за овој проект, уште од самиот почеток знаев дека ќе е успешна приказна. Срцето ми е полно кога ги гледам натпреварите на Еурофарм Пелистер 2, сите играчи и сите кои се дел од стручниот штаб даваат 120% од можностите. Од друга страна морам да напоменам нешто што можеби е и мала тајна, горд сум што на теренот гледам развој на млади играчи кои до пред 3 години играа заедно со мене, а денес се едни од најталентираните ракометари во нашата земја. Навистина ми е драго за развојот на Павле Атанасијевиќ, Петар Атанасијевиќ, Ненад Белистојаноски, тоа се играчи кои се заедно со мене од 2017 години и навистина ми е драго што со нив сум делел соблекувална со нив, а денес се големи потенцијали. Тука е и Емилијан Ѓоргоски играч кој дојде можеби и неочекувано кај нас за ракометната јавност, но тоа што се добива тука го нема никаде на друго место. Морам да го споменам и Александар Јовиќ (го запознав благодарение на истакнатиот македонски тренер Андон Бошковски), мојот ракометен татко, со него сум заедно уште од 2017 година, многу работи за ракометот имам научено од него и уште има да доучам. Навистина овој проект е многу поврзан со мене и сум горд што сум дел од него.

Читај бе: Бојан, дали според тебе се посветува доволно внимание на ракометниот подмладок? Вториот тим на Еурофарм Пелистер покажа дека мора да се посвети внимание на младите, а гледаме дека резултатот сам си доаѓа.

Бојан: Не би сакал да зборувам за другите клубови, можам да зборувам за нашиот клуб, уште од самите почетоци наша цел се младите категории и создавање на македонски играчи. Слободно можам да кажам дека во Еурофарм Пелистер се посветува доволно внимание на младите категории. Кога сме кај младите категории морам да ги поздравам сите кои секој ден макотрпно работат со нив, луѓе кои се од Битола, легенди на клубот како што се Стевче Стефановски, Зарков, Кире, Ќани, Фарук, Пинки, тука се и Мише и Бојан…

бојан12

Читај бе: После долги години без силен ракомет во Битола, Еурофарм Пелистер постепено низ годините успеа да се наметне како силен опонент на Вардар. Имаше шанса после 16 години повторно да ја врати титулата во Битола, но овојпат битолчани не успеаја да се израдуваат и покрај силната желба. Сепак, клубот сигурно тука нема да застане. Може ли да ни откриеш кои се плановите на клубот за во иднина? И кои се лично твоите заложби?

Бојан: Еурофарм Пелистер пропушти шанса, како што немал никој во изминатите 10 години. Болна тема, тема која и после толку денови ми враќа емоции, бидејќи бев убеден дека оваа е таа година, кога ке ја вратиме титулата во Битола. Навистина сакам да се заблагодарам на публиката, навивачката група ,,Чкембари” кои покажаа колку го поддржуваат овој проект, а од друга страна им ветувам дека нема да чекаме уште долго за титула. Ние како клуб не застануваме тука, за жал не успеавме оваа година, ама тоа е веќе минато време, вртиме нов лист, лист каде ќе ги исправиме грешките и ќе направиме се што е во наша можност наредната сезона да ја донесеме титулата во Битола. Наредната сезона ќе имаме тим 20% посилен од тимот оваа сезона, тим кој ќе биде склоп на младост и искуство, тим желен за докажување.

Како што и напоменав, мојата главна заложба е маркетинг секторот во ракометниот клуб, покрај тоа учествувам букално во секое поле каде што е потребна помош, дали е тоа организациски, контактирање со играчи, итн…

бојан04

Читај бе: Ракометот отсекогаш бил спорт број 1 во Битола. Која е пораката која што сакаш да им ја испратиш на битолчани?

Бојан: Убедливо најракометен град во нашата земја е Битола, а пораката што сакам да им е испратам е многу кратка и јасна:

Ви благодарам за поддршката што ни ја давате, ваква публика нема никаде!

Читај бе: И за крај. Живееш во Скопје, но си битолчанец. Што е она што најмногу го сакаш во Битола, во што уживаш кога ќе дојдеш овде?

Бојан: Точно е живеам во Скопје, но навистина се чуствувам како битолчанец и тоа како горд битолчанец. Битола ми дала многу во животот, цело мое семејство е од Битола, сите мои најблиски живеат во Битола. Секое мое слободно време сакам да го поминам во овој град и навистина се трудам тоа да го правам често.

Секако кафе и прошетка на ,,Широк Сокак” ми е најголемото уживање кога ќе дојдам во Битола. Навистина тоа го нема никаде и ми претставува огромно задоволство.

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…