Една година по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, хуманитарна иницијатива од Англија донесе поддршка за локалната здравствена установа. Македонката Паулина Маказлиева организираше хуманитарна акција со цел да се помогне на Општата болница во Кочани и истовремено да се одбележи споменот на сите кои трагично го загубија животот во пожарот.
Иницијативата започнала откако Маказлиева ја посетила болницата и лично се уверила во условите во кои работи медицинскиот персонал.
„Овој проект започна откако имав можност да ја видам реалната состојба во болницата во Кочани и, искрено, тоа многу ме погоди. Не можев едноставно да стојам настрана и да не преземам ништо“, вели таа.
Хуманитарната акција наишла на голем одѕив меѓу луѓето кои сакале да помогнат, а благодарение на поддршката од пријатели, семејство и бројни поддржувачи, биле собрани повеќе од 1.000 фунти.
„Со голема гордост можам да кажам дека успеавме да собереме повеќе од 1.000 фунти. Не бев сама – ова го постигнавме заедно, со помош од сите вас“, истакнува Маказлиева.
Средствата се наменети за подобрување на условите во болницата, односно за основна дијагностика, набавка на болнички кревети и медицински материјали кои секојдневно се користат во третманот на пациентите.
Маказлиева посочува дека медицинскиот персонал во болницата е исклучително посветен, но често се соочува со ограничени ресурси.
„Ова е навистина значајна помош за една локална болница каде што медицинскиот персонал е исклучително посветен и професионален, но ресурсите се ограничени“, нагласува таа.
Во својата порака таа симболично се осврнува и на македонското знаме.
„Сонцето на нашето македонско знаме секогаш одново изгрева и за мене тоа не е само национален симбол, туку потсетник дека сме повикани да дејствуваме и да донесеме топлина таму каде што луѓето се соочуваат со тешкотии“, вели Маказлиева.
Таа упати благодарност и до македонските медиуми кои ја поддржале иницијативата и помогнале информацијата за акцијата да стигне до јавноста.
„Особено сакам да изразам голема благодарност до сите македонски медиуми кои ја дадоа својата поддршка и помогнаа оваа иницијатива да биде видлива и споделена“, додава таа.
Хуманитарната акција, како што нагласува Маказлиева, е организирана и како симболичен чин на сеќавање на жртвите од трагедијата.
„Ова го направивме за Кочани – и во спомен на луѓето што настрадаа во пожарот пред една година, како и за нивните семејства кои засекогаш ќе ја носат болката од таа загуба“, порачува таа.








