Во организација на Либералниот институт Скопје, во Битола се одржа панел-дискусија на тема „Патот кон вистинска децентрализација на општините“. Панел-дискусијата отвори неколку теми кога се зборува за децентрализацијата, предизвиците со кои се соочува државата, но и општините со нејзиното имплементирање.
Дискусијата ја отвори Елена Котевска, претседателка на Либералниот институт Скопје.
„Драго ни е што продолжуваме да работиме на една вака важна тема како децентрализација на власта во Македонија и токму организирањето на овој настан во градот на конзулите е дека се трудиме и залагаме за намалување на централизацијата и ситуацијата во која сите случувања се случуваат во главниот град. Со поддршка на нашите дански партнери, фондацијата ДЛДП продолжуваме да работиме на локално ниво и да дејствуваме за приближување на македонското општество до данските стандарди преку споделување на нивните позитивни практики и добри искуства“, рече Котевска.
Владимир Кироски, државен советник во МЛС направи осврт на проектите кои моментално ги работи министерството за локална самоуправа кои треба да придонесат за надминување на проблемите, потенцирајќи ги човечкиот фактор и диспаритетот во регионите како едни од болните точки на процесот на децентрализација. Зборуваше за предизвиците на институционалната и фискалната децентрализација како сѐ уште тековен и незаокружен процес.
„Во Македонија немаме двостепеност на локалната самоуправа, туку хибриден модел – со општини и Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа и региони, но кои служат само за статистички цели“, истакна тој.
Валентин Груевски, поранешен претседател на Советот на Општина Битола преку конкретни примери објасни кои се слабите точки кои го отежнуваат процесот на децентрализација.
„Силни општини, силна држава – мото кое беше актуелно и во минатото, но уште повеќе и сега. Има потреба од воведување отворени листи при изборот на советници, што би довело до пошаренолики совети и нивна поголема демократичност“, истакна тој.
Димитар Кузмановски, претседател на ЛДП Битола зборуваше за комуналните услуги како услуги кои се под локална надлежност и за предизвиците во извршувањето на истите.
„Надоместокот кој го плаќаат граѓаните за тие услуги е тој кој што е, но истиот одамна не е усогласен со порастот на трошоците на сите претпријатија и инфлацијата. Токму тука е проблемот што голем дел од овие претпријатија работат со загуби“, истакна тој.
Во панел-дискусијата се вклучи и Расмус Хулеберг, експерт од Данска со повеќегодишно искуство на темата преку учество во националната и локалната политика, но и академијата и моментален член на Советот на Општината Роскилде:
„Во Данска граѓаните плаќаат исклучително високи даноци и оттаму и квалитетот на јавните услуги е повисок. Имаме општини и региони, а општините имаат голема независност и може да одлучуваат за висината на повеќе видови даноци. Исто така, процентот на наплата на даноците, вклучувајќи ги и локалните даноци е многу висок, некаде е и 100%. Притоа, вообичаено е и дека поимотните општини каде живеат луѓе со повисоки примања, ги помагаат помалку имотните општини“, објасна тој.
Активноста и настанот се продолжение на студиската посета која македонските либерали неодамна ја имаа на повеќе дански општини.