Вечерва со почеток од 18 часот во Зоолошката градина во Битола ќе биде промовираната книгата „Мисловни патеки“ од Нешат Аземовски, нашиот битолчанец кого сите го паметиме по неговите мудри зборови и совети познати кај пријателите како Нешадизми. Промотори на промоцијата на книгата ќе биде неговото семејство, сопругата Фатма и децата Леона и Даријан. Издавач на книгата „Мисловни патеки“ од авторот Нешат Аземовски е Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола.
Нешат Аземовски е роден 1973 година во Битола, син на Кадрија и Сами Аземовски, брат на Севдије.
Битолчанец кој никогаш не сакаше да живее и работи на друго место, иако ги добиваше најдобрите работни места за да работи надвор од Битола.
Нешат беше човек со визија, ги знаеше работите што треба да се случат и после 10 години.
Велеше дека „промената на менталната матрица е она што треба да го копираме од европските метрополи“.
Основно училиште заврши во „Елпида Караманди“, истакнувајќи се со својот став, одлични оценки и беше активно вклучен во многу секции. Средно училиште заврши во општинското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, исто така со просек 5. Се разбира и тука покажувал одличен успех и активно учествувал во сите училишни активности. Потоа се запишал на Природно-математичкиот факултет на Институтот за биологија и беше сместен во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Велеше дека тоа му бил најубавиот од студентскиот живот. Период кога сам се снаоѓа во животот, го купува првиот компјутер и принтер и почнува сам да заработува за живот, помагајќи им на студентите да направат есеи, семинарски и дипломски работи.
Подоцна ја основа невладината организација „Биосфера“ како борец за здрава животна средина, иницијатор на активности за еколошка едукација и активности од други области, промотор на вредностите на мултикултурализмот, препознатлива личност со својот активизам не само во Битола и Македонија, туку и надвор од државата.
Вклучен беше во многу проекти за зачувување на планетата Земја, во кои беа вклучени многу градинки, училишта, претпријатија, невладини организации.
Посебен интерес покажуваше за заживување на Зоолошката градина во Битола. Така, започна со реализирање на многу проекти и активности.
Зоолошката градина добива нов и модерен лик со кој привлекува многу посетители. Нешат останува да биде запаметен со неговите активности со Дедо Мраз во Зоолошката градина и новогодишни пакетчиња, гледање на филмови на отворено небо и многу, многу активности.
Повторно се запиша на втор факултет одбирајќи го ФАМИС Битола, на отсекот Европски интеграции и менаџирање со европски проекти. Во тој период станува неформален ментор на многу студенти со неговиот ведар дух, знаења и вештини. што ги запознава во тој период, учат од него за многу животни лекции и тој ги охрабрува сами да чекорат по патеката на животот, па така Нешат беше иницијатор за основање и други н евладини организации кои денес успешно работат остварувајќи ги своите цели, благодарение на менторството и помошта која Нешат несебично ја даваше на младите.
Нешат беше еден од основачите на Ротари клубот „Битола-Широк Сокак“, а потоа и за време на мандатот кога беше претседател се започна постапка за основање на Ротаракт клуб Битола Широк Сокак, цврсто верувајќи во промените што ги прават за заедницата на луѓето на кои им треба помош.
Нешат веруваше во Универзумот и често знаеше да дава мудри совети кои беа познати како Нешадизми.
Секојдневно се среќаваме со нови луѓе на кои Нешат им има помогнато. Тој исто така помагаше и во ромската заедница. Иако Нешат веќе не е тука на Планетата, овие млади луѓе се секогаш тука за поддршка на неговата сопруга Фатма и нивните деца Леона и Даријан. Беше прекрасен сопруг и татко, човек посветен 24 часа на семејството, тие му беа најважни. За да може подобро да одговара на родителството посетуваше обуки, читаше книги и имаше секогаш време за семејството. Беше сопруг кој правеше најубави салати зачинети со многу љубов и трпение.
Нешат е тука со неговите мисли, со совети, со Нешадизмите. Неговите дела уште зборуваат за него.
Како што велеше тој – сега е во друга димензија. Леона и Даријан се неговата копија.
И нема да кажеме дека е крај.
Од неговата сопруга Фатма