Домот е место каде човек е свој на своето, не се предава и не го предаваат. Перницата одговара на неговата глава, креветот ги одмора неговите плеќи …Човекот без татковина е осуден на вечно талкање по светов, а татовината не е ништо повеќе од врзоп на гени од кои навираат спомени и идеали за подобри времиња.
Голем куфер
И повторно велам збогум,
а не знам дали ќе наидам на друго добредојде.
Повторно моето збогум тешко го поднесувам,
како и претходното,
кое срцето ми го подели на пред и потоа!
Ова збогум, некако ме присилува
да не верувам во животов,
а пак,
она добредојде,
тоа ми дава надеж,
да го сакам животот
и да продолжам да сум вљубена во него.
Ми велат, ова било само почеток
на пролетта.
Де сонце ќе плиснело,
де дожд ќе залиел.
Којзнае,
каква пролет, животов ми спрема!
А, мислев, дека пролетта е само со сонце прелиена,
мислев дека со шаренило е обоена,
а таа, некако ладна,
чудно-мрачна
и морничаво подмолна.
Мавтам со раката,
што ми се тресе од ладовинава,
а на лицето стаклената насмевка ми замрзнала,
душава ја кријам,
да не ми ѕирнат внатре,
па светов молкум да се расплаче.
Велам збогум, а не чувствувам ново добредојде!
Гледам во куферов,
што да видам..
Толку спомени,
толку чувства,
толку души,
не збира,
мал е.
Поголем не се продавал,
а како толку вреден товар овде да оставам…
Без мојот ,,голем куфер“ јас сум ништо.
Едно тело,
неколку органи
и празна длабина!
Мислам дали ова збогум
е вредно за мојот ,,голем куфер“
да го оставам прашината и заборавот да го изгризат.
Овојпат велам ,,Боже помогни ми“
ги кревам рацете нагоре,
со наклон до земјата!
Нека блесне едно ново добредојде,
макар и на крај на свет,
ќе стасам,
полека,
со верба во тебе Боже!
,,Куферов“ да не го мислам,
со него скромен век да векувам!
Тука,
во земјава моја-родилка!
Бисер
Пеј ми бујно доме мој,
пеј ми гласно мал свету мој,
грми безгрижно вечност моја,
грми милозвучно имовино моја!
Бука правиш,
со тивок глас,
песни пееш,
со бисерен тон.
Пеј ми вечност моја мила
слетај ми во пазув,
слетај ми во крила.
Гори небо,
пламен лебди,
солзи гаси,
живот краси!
‘Рсни силно,
‘рсни милно,
нека чуе светов
чие место ти си било,
од каде Црна Река тече,
каде бистра вода се точи,
каде планини грмат,
каде севдалинки се смеат,
каде мили галеби,
со друшки песна пеат!
‘Рсни силно,
‘рсни милно,
нека се чуе до неба,
каде колениците ороводци се,
каде срцата игроорци се,
каде душа се свила,
каде од рујното вино,
жедта си ја скрила.
И нека ечи,
за да се знае каде сонцево најсилно печи,
каде полињата вријат бујно,
каде житата се гордо исправени,
каде сончогледите лудуваат по сончевата убавина,
каде воздухот на земја родилка мириса.
‘Рсни силно,
‘рсни милно,
нека пее Бисерот балкански,
нека доаѓаат морници,
нека навираат солзи,
нека пламне срцево,
па и тапанот нека грмне,
да се слушне душата македонска!
Пеј, запеј,
леј, налеј,
бакни, љуби, заљуби,
вечна љубов закотви!
Овде ‘рска мојата душа,
овде блика мојата младост,
овде вика мојот корен,
овде татни мојот род!
Грабни грст земја ровка,
грабни детелинка среќливка,
грабни дедова рака намачена,
која за векот сведок е
и ете,
го имаш светот во раце.
Мисли гласно,
мисли јасно,
зборувај право,
живеј скромно,
и ете,
животов конци испарал,
малце денес,
малце вчера,
мугра за мугра,
животот вјаса,
миг за миг,
до зајдисонце стаса.
Збори, кажи, раскажи,
роди, изроди, уживај,
буква, слово, писменост,
за бисерот балкански дарувај!
‘Рсни силно,
‘рсни милно,
доме мој,
моја душевино!
Разбој од болка
Ој, душмане,
солзо непролеана,
бигорот на стеблото ти се запечатил,
црна свила,
во срце ти зараснала.
Конец-ткаенина,
од парче платнено ти откинал,
жешка игла што не го крпи.
Јорганот ти е сина ткаенина,
а чаршафот блато-карирано.
Како слика во скршена рамка,
како рамка на ѕид од муфла изеден.
Ој, душевино,
болиш оти гориш,
гориш оти тонеш!
За правда душевино,
касно е,
за гнев од конци волнени,
жешко е!
На разбој знаме ти ткаев,
конец по конец,
желба низ љубов
од срце му дарував.
Жолтите краци со топлина ги полевав,
а црвеноликоста од крвта своја ја направив!
На јарбол ќе се вееше,
за љубов кон своето лекција ќе делеше,
на јарбол високо ќе беше,
човечка душа од болка ќе лечеше,
а, пак, за очобол лек ќе лееше,
за срцето мелем за векови ќе посееше!
Ама бури те зафатија,
душевино моја,
пепел пустинска над тебе,
дождови поројни,
и рој од црни гаврани.
Силните ветрови носат сè пред себе
та младо, та старо,
што бури многу минаа,
но овојпат стебло не им остана,
потпора да им биде,
од бури да ги штити.
Ој, душмане,
солзо непролеана,
бигорот на стеблото ти се запечатил,
црна свила,
во срце ти зараснала!