Физичката активност за мајките после породувањето добива ново значење со програмата „Мама фит“ – тренинзи каде мајките вежбаат заедно со своите бебиња. Оваа пракса, веќе популарна во светот, конечно доаѓа и во Битола. Зад иницијативата стои Маја Атанасовска, лиценциран фитнес тренер и мајка на четиримесечно бебе, која сопственото мајчинство го претвора во инспирација за нов начин на вежбање.

– „Мама фит“ е новина кај нас – колку е популарна оваа пракса во светот и кои се најдобрите примери?
„Во светот ова е веќе тренд – мајките вежбаат со своите бебиња во сали, паркови. Се користат транспортерчиња, кенгурчиња, па и колички. За нас е ново, но тоа не значи дека не можеме да бидеме пример како изгледа една здрава, активна заедница на мајки и бебиња. Со трката Биди своја во Битола покажавме дека жените сакаат движење и енергија – сега само го пренесуваме тоа и во мајчинството.“
– Што би им порачале на мајките кои се двоумат дали можат да вежбаат со своите бебиња?
„Јас секогаш тргнувам од себе – прво како мајка, па како жена што сака енергија и движење. Знам дека најголемиот страв е: ‘Дали ќе биде безбедно за бебето?’ – затоа и нагласувам: може да биде во транспортерче пред вас, во кенгурче или во количка. Не мора ништо да се форсира, туку постепено и со многу внимание. Моја порака е: не бидете скептични – вежбањето со бебињата е најубавиот начин да си ја вратите силата, а притоа да бидете до нив.“

– Кои се најголемите придобивки – и за мајките и за бебињата – од ваквиот тип тренинг?
„За мајките – враќање на кондицијата, подобра енергија и самодоверба, како и ослободување од стресот. За бебињата – тоа е блискост, сигурност и чувство дека се дел од движењето. И најважното – тие растат со пример дека активноста е дел од секојдневието. На крај, сите добиваме повеќе насмевки, повеќе енергија и многу позитивна атмосфера.“

– Колку овие тренинзи придонесуваат за физичко, но и психичко здравје по породувањето?
„После породувањето, телото и умот бараат баланс. Тука тренинзите се повеќе од само вежбање – тие се терапија. Мајките добиваат сила, тонус и издржливост, но уште поважно – се чувствуваат прифатени, поврзани и мотивирани. Како што трката создаде заедништво и храброст кај жените, така и овие тренинзи ќе бидат потсетник дека не сме сами – дека и како мајки можеме да бидеме силни и енергични.“

– Каков е интересот засега? Од кога почнувате и какви ќе бидат тренинзите?
„Интересот веќе постои – мајките прашуваат, сакаат и очекуваат нешто ново. Почнуваме наскоро, а тренинзите ќе бидат едноставни, прилагодени на сите – со музика, движење, многу позитивна енергија и опција бебињата да бидат до мајките. Ќе биде како едно мало продолжение на трката: заедно, со поддршка и со порака дека можеме.“








