Проф. д-р Ангелина Станојоска е вонреден професор на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола, воедно и раководителка на Центарот за научно – истражувачка работа. Нејзина главна област е криминологијата, за која вели дека ја избра како научен интерес и научна работа затоа што како наука нуди големи можности за емпириски истражувања. Оваа наука дава одговор на прашањето Зошто некој врши кривични дела? и која доколку правилно се користи, овозможува реално запознавање со суштинските карактеристики на криминалот. Но, според неа, Македонија нема стратегија во однос на развојот на науката, не знае да ги искористи придобивките од научните истражувања. Вели, непријатно ја изненадува фактот што македонското општество станува се повеќе одмаздољубиво, а во истражување кое го направи се покажа дека за време на ковид пандемијата се зголеми бројот на случаи на семејно насилство. Поразговаравме со Ангелина и за трчањето полумаратони. Започнала со трчањето додека била на Полициска академија, а посериозно почна да се занимава од 2013 година.
Читај бе: Завршивте Полициска академија, ја истражувате криминологијата, обработувате теми во своите научни трудови и книги кои се предизвик за да се истражат. Кога бевте сигурна дека криминологијата сакате да Ви биде работа и посветеност? Што е она што Ве привлече кон неа?
Проф.д-р Ангелина Станојоска: Како студентка на Полициската академија имав желба по дипломирањето да работам во Министерството за внатрешни работи. За жал, тогашните општествени услови не ни беа наклонети нам дипломираните криминалисти, па се до 2014 година ниту еден од колегите не работеше во Министерството. Тој период го искористив за да се запишам, прво на постдипломските студии, а по магистрирањето да ја пријавам својата докторска дисертација.
И се разбира, колку повеќе се занимавате со наука, толку повеќе ви се прошируваат хоризонтите. Ја избрав криминологијата за област на научен интерес и научна работа, затоа што како наука нуди големи можности за емпириски истражувања, и тоа не само на феноменолошките карактеристики на криминалот, туку што е уште поважно на етиолошките. Се работи за наука која, доколку правилно се користи, овозможува реално запознавање со суштинските карактеристики на криминалот, неговиот обем, динамика, временски, сезонски и територијални димензии, структура и структурни промени, карактеристиките на сторителите на кривичните дела, како и анализа на појавните облици на криминалното однесување. Исто така, криминологијата ги изучува и криминогените фактори, обидувајќи се даде одговор на често поставуваното прашање: Зошто некој врши кривични дела?, барајќи го одговорот преку анализа на надворешните и внатрешните фактори за кои се поставени голем број криминолошки научни теории. Тие теории го анализираат криминалното однесување низ антрополошки, биолошки, психолошки и социолошки контекст.
И токму тоа е мојот специфичен научен интерес, односно тестирањето и анализата на криминолошките теории кои го објаснуваат криминалното однесување преку призмата на одредени криминогени фактори. Да се тестира криминолошка теорија во Македонија е предизвик сам по себе, затоа што скоро е невозможно да се дојде до финансиска поддршка, а честопати е многу тешко и да се дојде до потребните емпириски податоци. Но, тоа не би требало да не обесхрабрува, бидејќи секогаш е голем чекор кога ќе успееме во македонски услови да тестираме криминолошка теорија која била поставена во западноевропски или американски контекст и кога ќе можеме да дадеме заклучок дали истата одговара на нашите општествени околности или не.
Читај бе: Треба ли да се има цврст карактер и упорност за некој да се занимава со оваа област, особено доколку е жена?
Проф. д-р Ангелина Станојоска: Не би рекла дека е проблем да се биде жена во академската средина, но за навистина да се занимавате со наука во Македонија треба да сте упорни. Претставувајќи комплексен феномен за истражување, криминалното однесување бара употреба на различни методи и техники на собирање податоци што понекогаш претставува проблем во моментот кога треба да ги соберете очекуваните податоци. Зошто проблем? Затоа што понекогаш државните институции или не дозволуваат пристап до потребните информации или истиот го ограничуваат или едноставно даваат само одреден дел од бараните податоци. Ваквата состојба потоа се рефлектира на нецелосни податоци кои резултираат со парцијални заклучоци и неможност за генерална употреба на криминолошката теорија која е предмет на интерес.
Читај бе: Која област Ви беше досега најголем предизвик за истражување? Имаме ли во Македонија услови за научна-истражувачка работа?
Проф. д-р Ангелина Станојоска: Во Македонија воопшто да се занимавате со научна работа и истражувања претставува предизвик. Нашата земја нема стратегија како да ја развива науката, не постои фонд кој финансиски би помагал клучни истражувања на национално ниво, понатаму никој од државните органи не ги зема во предвид заклучоците од научните истражувања при градењето на јавните политики, ниту пак бара истражувања пред да се премине кон некоја реформа во кој и да било општествен сектор. Посебен проблем се емпириските истражувања, посебно кога примерок се сторителите на кривични дела, затоа што до голем дел од потребните податоци може да се дојде преку, на пример, интервјуа, увид во досиеја и други документи, употреба на анкетни прашалници и слично, што честопати е невозможно да се направи поради затвореноста на државните институции.
Читај бе: Вие сте Фулбрајт стипендист, имавте можност да бидете дел од Универзитетот Мисури во Сент Луис каде работевте на истражување поврзано со напнатоста на студентите. Какво беше искуството, може ли да направите споредба меѓу САД и Македонија кога се работи за односот кон научно-истражувачката работа и условите?
Проф.д-р Ангелина Станојоска: На Одделот за криминологија и кривична правда при Универзитетот во Мисури – Сент Луис престојував од март до август 2021 година, како стипендистка на Фулбрајт програмата. Таму преку соработка со професорката Ли Слокум ја тестирав генералната теорија на напнатост на Роберт Агњу во однос на корелацијата меѓу напнатоста, појавата на негативни емоции и употребата на легални и нелегални супстанции од страна на студентите. Обработката на податоците е при крај, па се надевам дека набрзо истражувањето ќе биде објавено како труд во некое меѓународно научно списание.
Фулбрајт престојот би го опишала како неповторливо професионално искуство. Сум реализирала студиски престои и претходно во Европа, но за мене ништо не може да се спореди со можноста да се престојува, работи и истражува на Американски универзитет.
Во однос на условите би кажала дека е невозможно да се споредуваат двете земји. САД имаат посебни фондови со кои федералната влада и сојузните држави финансираат истражувања за криминалното однесување кои им се од интерес во насока на нови јавни политики или промена на постојните. Американските универзитети се највисоко рангираните на светските универзитетски листи, имаат голем број студенти на сите три циклуси, кадар кој има беспрекорни услови за работа, но и постапка за избор во наставно – научно звање која е сложена и која треба да резултира со избор на најквалитетниот кандидат. Она што уште повеќе обезбедува објективна постапка е фактот што по докторирањето, првото вработување како доцент не може да ви биде на институцијата која ви е alma mater. Подоцна во текот на кариерата може да се вратите, но прво мора да се докажете некаде на друг универзитет.
Читај бе: Во неколку од Вашите трудови истражувавте за тоа како ковид пандемијата влијаеше врз криминалот, но и врз пенитенцијарните установи. Дали овие установи соодветно се снајдоа во ковид пандемијата? Дали ковидот го зголеми степенот на криминал во нашата земја? И колку беше лесно/тешко да се дојде до информации потребни за овие истражувања?
Проф. д-р Ангелина Станојоска: КОВИД – 19 пандемијата претставуваше предизвик за сите општествени сфери, го промени нашиот начин на живот од секој аспект, па неизбежно влијаеше и на криминалното однесување. Всушност, структурата на криминалот се промени во насока на промените кои ги донесе пандемијата, но пред се рестриктивните мерки и т.н. „ново нормално“. Генерално, стапката на кривични дела не се зголеми, но се зголеми бројот на едни, додека опадна бројот на други кривични дела. Карактеристични за тој период станаа почестите случаи на семејно насилство, кривичните дела од омраза, потоа компјутерските кривични дела, како и кривичните дела против здравјето на луѓето, додека тренд на намалување забележаа одредени имотни и насилни кривични дела и сообраќајните кривични дела.
Во однос на пенитенцијарните установи би напоменала дека кај истите заштитата на осудениците од новиот коронавирус беше приоритет. Тоа доведе до забрана за физички посети на осудените лица од нивните семејства, што беше заменето со видео (онлајн) повици за што беа набавени таблети. Се разбира, во тој период многу важно беше разграничувањето на упатувањето во самица (како дисциплинска санкција) и изолацијата на суспектно осудено лице на SARS-CoV-2 вирусот, што беше нотирано и од страна на Народниот правобранител на РСМ, како и од меѓународните организации.
Потребните податоци за истражувања и за двете истражувања беа собрани преку анализа на содржина на достапните информации, односно за КОВИД – 19 и криминалот од дневните билтени на сајтот на МВР за обработуваниот период, додека за пенитенцијарните установи во пандемијата од анализи на европски и светски меѓународни организации, како и одредени известувања од национални организации и институции, што повторно посочува на заклучок за потребата од имагинација и снаодливост во ова, инертно кон науката, општество.
Читај бе: Еден од Вашите трудови се однесува на жените осуденички во Пелагонискиот регион и воопшто во цела држава. Колкава е стигмата, дали овие жени успеваат успешно да се ресоцијализираат? Дали ним им се нуди доволно помош повторно да се вратат во општеството се со цел да не го повторат делото? Дали го имате истражено однесувањето на средината кон овие лица, зошто е негативно?
Проф. д-р Ангелина Станојоска: Жените како сторители на кривични дела во Македонија воопшто, се многу малку и на годишно ниво се движат меѓу 4% до 6%. Оние кои ќе бидат осудени на казна затвор, истата ја издржуваат во женското одделение на КПД Издризово што е единствената пенитенцијарна установа за осуденички. Најчесто се работи за жени кои долготрајно биле виктимизирани од своите интимни партнери, жени кои поради лошата финансиска состојба почнале да вршат измами, но и жени кои поради маргинализацијата и дискриминацијата на жената воопшто, нејзината подредена положба во контекст на заедницата, и слично, посегнале по животот на своите деца.
За жал, средината во Македонија ги гледа со стереотипи и предрасуди сите осудени лица, етикетирајќи ги без разлика дали истите се ресоцијализирани или не. Таквата општествена перцепција честопати е во корелација со неможноста осудените лица по отпуштањето од казнено – поправната установа да најдат вработување или сместување. Дури и во случаи кога третманот на осуденото лице ги исполнил очекуваните цели на процесот на ресоцијализација, доколку односот на заедницата не е прифатлив, тогаш не би можеле да очекуваме успешна реинтеграција на осуденото лице.
Она што навистина непријатно ме изненадува е фактот што македонското општество станува се повеќе одмаздољубиво, пред се во случаите на примарните сторители на кривични дела, кои признале вина и се каат. Секогаш кога судот ќе досуди алтернативна мерка, веднаш јавноста реагира барајќи казна затвор, што кај тие категории сторители, пред се кога станува збор за сообраќајни кривични дела би било сосема нецелисходно да се изрече казна. Станувајќи репресивни, се враќаме во периодот на страдање и застрашување карактеристичен за Стариот и Средниот век, исполнет со сурови казни за кои не можеме да поверуваме до каде одела човековата имагинација, а на таков начин, денес, во современи услови, санкцијата не би ја исполнила својата цел, односно специјалната превенција, па наместо ресоцијализиран сторител, би добиле повторник.
Читај бе: Колку истражувачките трудови и книги во Македонија се користат од страна на институциите за да се подобри состојбата во општеството?
Проф. д-р Ангелина Станојоска: Како што веќе споменав претходно, нашата земја нема стратегија во однос на развојот на науката, не знае да ги искористи придобивките од научните истражувања, финансиски не поддржува клучни истражувања чии резултати би биле искористени во реформите, ниту пак нарачува одредени истражувања кои и се потребни при градењето јавни политики и преземањето следни чекори на кој и да било општествен план.
Понатаму, Македонија одвојува само 0.35% од БДП за наука, а би требало тоа да е минимум 2% за да имаме барем одреден инпут на финансии во научно-истражувачката работа. Некако изгледа како Македонија да не сака да прифати, а пред се мислам на политичките елити дека без научниот развој и употребата на науката во развојот на секоја општествена сфера, какви и да било промени би биле само фасада на она што внатрешно не функционира како што треба. Затоа не е случајно што честопати имаме одлични закони кои на хартија се совршени, но кога ќе дојде време да ги имплементирате во македонската реалност се појавуваат проблеми и слаба реализација.
Читај бе: Штотуку се вративте од Белград. Често можеме да Ве видиме како учесник на полумаратони, една од потешките атлетски дисциплини. Што беше пресудно кај Вас да започнете со трчање, колку е битен тој момент на издржливост? Кога успевате да тренирате покрај сите обврски?
Проф. д-р Ангелина Станојоска: Со трчањето започнав да се дружам за време на студиите на Полициската академија, но посериозно почнав да трчам од 2013 година наваму, кога и всушност ослабев 32 килограми. Трчав пократки должини до максимум 10 километри. Без претходна правилна и подолга подготовка во 2020 година за првпат го трчав Скопскиот полумаратон, па решив дека по Фулбрајт престојот ќе почнам сериозно да тренирам за долги патеки. Од септември 2021 година работам со нашиот Кокан Ајановски кој е македонски шампион и маратонец, а и автор на книгата „Трчањето ме учи“. Оттогаш активно трчам четири до пет пати во седмицата по претходно зададени тренинзи и учествувам на полумаратони во земјата и регионот, а здравје догодина би сакала да трчам некој од европските познати полумаратони.
Трчањето за мене го претставува оној дел од денот, најчесто попладне, кој е резервиран само за мене, јас, моите мисли, километрите и добрата музика. Всушност трчањето ми овозможи да се променам физички кон подобро, но и ми овозможува да се менувам и како личност, а се разбира секојдневно, со секој минат километар да се победувам себеси или како што посочува Харуки Мураками во „За што зборувам кога зборувам за трчањето“ нашиот единствен противник во трчањето на долги патеки сме самите ние, а единствено што треба да направиме е да се победиме себеси.
Се работи за физичка активност која не е скапа, единствено е битно да имате добри патики за трчање кои ќе ги амортизираат ударите. Па поради тоа можам да претпоставам дека истото станува се повеќе популарно, пред се трчањето на пат.