sara

Пишува: Сара Танаскоска

Ние одамна живееме во последниот круг на пеколот. Одамна сме отруени од сопствената злоба, завист и рамнодушност. Многупати сум пишувала за овие теми. Секојпат верував дека со текот на времето нешто ќе се промени, дека барем малку ќе научиме од сопствените грешки. Но, наместо тоа, ние и понатаму тапкаме во место. Како да сме се заглавиле во сопствената црнина, толку навикнати на неа што веќе и не се обидуваме да излеземе.

Ми здосади да читам кој имал врски на вистинските места и како тато и мама повторно ќе ги решат проблемите што ги направиле нивните деца. Ми здосади да гледам како одговорноста станува прашање на семејно влијание, познанства и моќ, наместо прашање на постапки и последици. Каква порака испраќаме кога еден човек може да се повика на презимето, влијанието или позицијата на своите родители, додека некој друг се бори да биде слушнат, заштитен и сфатен сериозно?

Ова не е само прашање на привилегии. Ова е прашање на одговорност. Зашто кога постојано наоѓаме начин да ги оправдаме постапките на оние што имаат влијание, а истовремено бараме објаснување од оние што претрпеле насилство, тогаш проблемот одамна ги надминал поединечните случаи. И така магично полека тонеме во сопствената кал.. како да живееме во последниот круг од пеколот. Не оној од книжевноста, туку нашиот секојдневен, во кој секоја нова вест за убиена жена нè потсетува дека не сме направиле доволно за да ги заштитиме оние што со години предупредувале дека не се безбедни. Ние сме труло општество, многу пати сум го потенцирала истото.. дека ние сме само битија кои гледаат само за себе и коментираат за сè друго од страна.

Повторно читаме за фемицид. Повторно се прашуваме како било можно, дали некој знаел, дали имало претходни пријави, дали жената барала помош и дали институциите реагирале навреме. А потоа, како по некое непишано правило, почнуваат коментарите. Некој ќе праша зошто не си заминала порано. Друг ќе се интересира што направила за да го испровоцира. Трет ќе се обиде да најде оправдување за насилникот, а некој ќе ја претвори трагедијата во уште една расправа за тоа какви треба да бидат жените.

Читаме за претепани жени, за закани, за пријави што не биле сфатени сериозно, за животи прекинати од насилство. И знаете што е можеби најстрашно? Како да престанавме да се изненадуваме. Како веќе да не нè боли исто. Секоја нова вест ја дочекуваме со кратка вознемиреност, неколку коментари, споделување на објавата, а потоа продолжуваме со денот. Како ништо да не се случило. Ни стана сеедно.

Имав малку надеж после трагедијата во Кочани. Но, изгледа, магијата на Фејсбук-статусите си го направи своето. Се вративме на старото. Токму сега, додека ја пишуваам оваа колумна прочитав дека најголемата кариера за една жена била да има големо семејство и маж што ќе го слуша.. ете тука е трулоста, не ви кажувам кој го напишал тој статус, ајде погодете. Прашањето е следно: кој се плаши од моќна жена? Наместо истиот тој сопруг или партнер да се гордее што својата сопруга е успешна ние се уште очекуваме дека жената треба да биде во кујна и да слуша. Срам да ни биде.

И кога мислев дека веќе ништо не може да ме изненади, дојдовме до момент кога слушаме дека на жените им е потребен машки надзор. Не од некој случаен коментар на социјалните мрежи, туку од човек кој има јавна улога и чиј збор добива дополнителна тежина токму поради позицијата од која настапува. И да, нам не ни треба надзор. Надзор им треба на насилниците.

Од кога жената стана личност на која ѝ треба надзорник? Кој одлучил дека нејзините одлуки, избори и начин на живот треба да бидат предмет на туѓа контрола? И зошто воопшто, во 2026 година, сè уште мораме да објаснуваме дека жената е самостојна личност, со право да одлучува за сопствениот живот?

Можеме да имаме различни ставови за семејството, бракот, традицијата и улогите во партнерството. Некој може да избере традиционален начин на живот, некој друг поинаков. Но, изборот има смисла само кога е слободен. Кога жената сама одлучува како сака да живее, а не кога некој друг ѝ ја одредува улогата и ја нарекува тоа грижа.

Зашто грижата не е надзор. Љубовта не е контрола. А партнерството не е однос во кој едниот одлучува, а другиот треба да слуша.

Најубавите зимски дестинации за магични прошетки и авантури
Зимата носи магија што ги привлекува луѓето да уживаат во прошетки низ …
Митот за фениксот и фантастичната моќ на отпорност
Во книгата „Симболи на трансформацијата“, Карл Јунг пишува дека човекот и фениксот …
You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува: Биљана Котевска Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…