Деловски насловна

Влатко Деловски е човек – систем, роден во Битола, а потекнува од моштенскиот ареал на Пелагонија. Од Градежен факултет заминал да студира на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, подоцна магистрирал на Институтот за македонска литература во Скопје на тема: „Културолошки параметри во првата
канонизација на светители за МПЦ-ОА“. Во моментов работи како етнолог при Завод и Музеј Битола. Исто така, работи и како консултант – надворешен научен соработник при Бигорскиот манастир „Св.Јован Крстител“. Влатко е реализиран човек во рамки на заедницата, сопруг, татко на две деца, активен велосипедист и планинар, качувач по карпести предели,.


Неговиот уметнички израз е синор меѓу световното и светото, некогаш и е невозможно да се препознае, а во тоа е суштата убавина на неговите ракописи, кои не се класична поезија. Најбитно е што секој негов збор ги буди дамарите на духовноста на човечкото битие и му влева надеж преку поука.
За да не морам да објаснувам каква е поезијата на Влатко, споделив три негови песни, за кои ве уверувам дека нема да ве остават рамнодушни…читајте.

Кога љубите

Кога љубите, ако не љубите, не велете: те сакам,
оти се познава.
Кога љубите не велете: темнината е недостаток на светлина,
оти е банално.
Кога љубите не велете: ти си ми сонце и небо,
оти љубовта не се превознесува.
Кога љубите не велете: се молам за тебе,
оти љубовта е реална помош – сега и тука.
Кога љубите не велете: ти си ми ѕвезда што сјае,
оти таа можеби е мртва, вие ја гледате само нејзината светлина која стигнала подоцна до вас.
Кога љубите не велете: тебе ти го давам срцето,
оти срцето не е за посед.
Кога љубите не велете: цел живот ќе бидам само со тебе.
Оставете простор за пристаниште и за другите души, и тие се како вас – им требате.
Кога љубите не велете: само јас трчам по тебе.
Ако се качи некој со лифтот, не значи дека е потромав во љубовта, од оној кој ита по скалите.
Кога љубите не велете: родени сме еден за друг,
оти љубовта е потрага, не се добива по раѓање.
Кога љубите не велете: јас сум различен од тебе,
туку примајте се еден со друг.
Куче да чуваш подолго време, ќе заличиш на него.
Сакајте се! Треба да сте како учкур и гаќи.
Ама кога љубите не велете: секаде ќе одам со тебе,
оти иако стеблото на пченката служи како мрежа за раст на гравот, не си седат еден другому в сенка.
Кога љубите не велете: ти си ми во срцето, ами јас сум во срцето со тебе.
Кога љубите не бидете тажни, небаре сте загрижени,
оти е лицемерно,
туку радувајте се, со пофална песна на усните.
Кога љубите не стискајте в кафе желби,
оти љубовта нема желби што се јавуваат при недостаток,
таа е полнеж.
Кога љубите, ако не љубите, не велете: те сакам,
оти тоа се познава.

Божем сте тажни

Кo ќе ги замижам очите не молчете,
божем сте тажни.
Не бидете како лицемерите со сведнат поглед,
туку продолжете ширум отворено да сонувате
и зборувајте за сите безначајности.
Не ожалостувајте се,
тагата е вашата радост без маска,
па затоа претворете ја во дела.

Земете хартија и направете бротче,
скинете весник и направете молерска капа,
нанижете ѓердан и ставете ѝ го околу вратот на некоја убаво мирисна жена,
со мирис на домат јабучар.
Ќе имам можност сето тоа да го видам.
И детето што ќе го пушти бротчето да плови по морето,
и молерот кој ќе исфарба нова детска соба,
и мирисот на жената што ќе роди нов живот.

Ко ќе ги замижам очите не тагувајте,
не стојте со сведнат поглед,
божем сте тажни,
а сал насмевнете му се на светот,
заблагодарете Му на Светиот,
оти си заминав дома, во нетлениот ми дом.

Утро

Стивнат пожар жари в очите,
сонлива свежост и плам.
Во облакосрце сонот се стиснал,
фатено утро пред да замине негде в невид.
Благословено да е засекогаш сѐ што пред мене цути,
и цвеќата што љубовта в пупки ја кријат.

meblo trejd aparati
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…