„Брливо шилеже“ е најновата книга (раскази) на писателот- хроничар Божин Андоновски.
Пред многу години во Пелагониската котлина се наоѓаше селото Врањевци, кое за жал денеска живее само во спомените расселените и отселените врањевчанци. Интересен момент речиси кај секој човек, скоро кај секого, како го навјасуваат годините – сѐ повеќе му се избиструваат спомените и создаваат сѐ појасни слики во неговата умественост, па така, не му останува ништо друго на човека освен да пишува и да го запишува своето постоење како аманет за идните генерации.
Б. Андоновски е роден 1953 година токму во пелагониското Врањевци, во чиј ареал денес е сместен Рударскиот енергетски комбинат, чија изградба започнала 1961 година и оттогаш почнува расселување на тамошното население или во околијата или во градското подрачје.
Книгата раскази „Брливо шилиже“ е собор на едно време и едни луѓе, на едно културно наследство, лаф-муабет, смешки и досетки на врањевчанци од секојдневнот живот кој течел „како што Бог ќе намери“, кога чобечкиот намус и достоинство биле почитувани, а денес брзајќи кон нигде не стигнува ни сопствениот лик да си го видиме во огледало.
Најромантичарската страна, а воедно и најтажната страна на индустријализацијата во еден од дамарите на пелагониската котлина е згаснувањето на животот на неколкуте села каде се водел активен живот, па така сега од местата каде веќе нема ни камен на камен, некои луѓе си го носат домот, спомените во срцето. Нескришно секој од нас се радува кога ќе се пронајде низ муабет, побратим, сват, далечен, па и близок-невиден роднина – ете ова го направи Божин Андоновски со оваа книга раскази – обединување.
Книгата може да се подели на две целини. Во првата целина се застапени раскази кои содржат митолошки кажувања, кои ден-денес будат огромен интерес и продолжуваат да се пренесуваат од генерација на генерација. Додека, во другата целина се застапени раскази кои го опишуваат начинот на живот на врањевчанци, табиетите, наравите, навиките, работата по полето, индустријализацијата и така натаму. Читателот, сепак треба да го оставиме да проникне во длабочината на ова книжевно дело.
Авторот го негува македонскиот стандарден јазик, но, истовремено забележува и вметнува стари заборавени зборови, впрочем каков што е и насловот на книгата „Брливо шилеже“ (брливоста е нервна болест кај овците , а шилеже е јагне кое навршило две години), и уште цел конгломерат зборови кои ѝ даваат лексиколошка тежина на книгата.
Промоцијата на книгата се одржа на 7 февруари во НУ „Центар за култура“-Битола, за книгата говореа рецензентите: проф. д-р Златко Жоглев, проф. д-р Гордана Стојаноска и д-р Весна Калапкоска (родум од Врањевци) и претседател на Пелагонските културно – научни средби Новаци, кои се јавуваат како издавач на книгата „Брливо шилеже“, која прочита и фрагменти од рецензијата на проф. Ѓорѓи Лазаревски кој исто така хроничар на пелагонискиот ареал. Делови од книгата интерпретираше проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска.
Селото Врањевци изнедри многу значајни личности за македонската наука и култура, оттаму потекнува писателот, есеист и книжевни Цане Здравковски, кој беше и првиот претседател на Пелагонските културни научни средби во Новаци, со цел да се промовира не само лебот што го дава Пелагонија туку духовниот развој кој изнедрува од нејзе.
На интернет врската имате можност да ја прочитате книгата „Лет над урнатите гнезда – Спомени и сеќавања за Врањевци“ каде можат да се погледнат и ретки фотографии.
Книгата прочитајте ја на следниот линк:
http://www.pollitecon.com/Assets/Ebooks/Let-Nad-Yrnatite-Gnezda-Spomeni-i-Sekjavanja-za-Vranjevci.pdf