По Велигден најголем христијански празник е Божик. Тоа е денот кога го славиме раѓањето во тело на Господ Исус Христос. Св. Јован Златоуст овој празник го нарекува „почесен и пославен од сите празници и мајка на сите празници“. Да го немаше Божик, немаше да го имаме Велигден (празник над празниците), ниту Духовден, немаше да има Црква ниту христијанство.
Божик можеме да го наречеме и празник на радоста, радост на Црквата, радост на семејството, радост на сè створено.
Раѓањето Христово се случило во времето на ќесарот Август кога излегла заповед за попис, па така и Пресвета Богородица со Јосиф заминала во Витлеем каде дошло времето за раѓање. Бидејќи немало место за сместување биле сместени во една пештера каде се чувал добитокот. Тогаш дошло времето за раѓање и се родил Спасителот во тело и бил положен во јасли. (ова е важно за тоа дека царот над царевите не се родил во луксузни палати туку во јасли за да ни го покаже патот на смирението и скромноста). Таму во близина на пештерата имало пастири кои се топлеле на наклаениот оган и им се јавиле мноштво ангели кои ги известиле со поздравот „Слава на Бога во висините“ и им кажале дека се роди спасител на светот. (Пастирите биле први кои слушнале за најрадосната вест, бидејќи биле најчисти во своите срца.). Во меѓувреме кога на Богородица ангелот Гаврил и кажал дека ќе го роди Спасителот се појавила една ѕвесда која била необична и тројца мудреци, учени луѓе, ја следеле. Така ѕвездата ги носела и застанала над пештерата каде што се родил Христос. Кога влегле мудреците му оставиле подароци: злато, ливан и смирна (симболиката на подароците била да се покаже службата Христова и тоа на цар, на првосвештеник и на човек кој ќе пострада и умре).
Радоста и тајната на воплотувањето на Синот Божји им се откри само на неколку пастири и тројца мудреци кои дојдоа од далеку по ѕвездата. А натприродното Раѓање се случи во целосна темнина, во засолниште за овци во околината на Витлеем, недалеку од населениот град Ерусалим.
Така, ни се претставени две паралелни приказни: додека империите, владетелите и поединците ги следат своите интереси, ги угнетуваат слабите и страдаат, во скромни јасли лежи самиот Господ, кој дојде по нас, да нè спаси од тага, болка и суровост.
Зошто било потребно Христос Бог да облече човечко тело и да стане она што не бил порано – човек?
Бог стана човек за да ги спаси Адам и неговите потомци од власта на гревот и смртта. Адам бил во тело кога ја престапил Господовата заповед (кога паднал под власта на гревот и смртта), затоа Создателот на Адам – Синот Божји, доаѓа во тело за да ги спаси Адам и неговите потомци од власта на гревот и смртта. Бог станува човек за човекот да стане бог – „бог по благодат“ – нè учат Светите Отци. Со Своето раѓање Господ ни ја открива тајната на создавањето на човекот, неговото достоинство, а на дело ја открива Својата безгранична милост и смирение.
Во Богочовекот – Христос се стекнале сите свети тајни на небото и сите тажни земни тајни. Преку Него, невидливото стана видливо, небесното – земно, божественото – човечко, оностраното – овострано. Станувајќи човек, Христос не се одвои од Својата Божественост и од Својот небесен Отец, го задржа сето она што го имаше и беше порано. Тој примил само нешто ново – човечката природа, а Неговите вечни својства не биле намалени со воплотувањето, ниту пак Неговиот однос кон Отецот и Духот се променил. Со слегувањето на Синот Божји на земјата, луѓето „примија посвојување“ (Гал. 4, 5), а како синови Божји ги примија сите дарови од Бога како Отец затоа што „ И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога.“ (Ефес. 2, 19). Овие свети дарови христијаните ги добиваат во Светата Црква преку Светите Тајни и Светите добродетели.
Подготовка пред Божик
На празникот Божик му претходи и 40 дневен пост во кој се трудиме да се промениме. Постот претставува подготовка за дочек на еден важен момент и настан, каде што ние ќе пробаме да се подготвиме најдобро што можеме. На пример кога ќе ни се најави некој важен гостин, тогаш ние се подготвуваме да се покажеме најдобро што можеме. Затоа чистиме, готвиме најдобра храна, вадиме надобар пијалок за да го угостиме гостинот. Друг пример кога ќе имаме некој важен настан или натпревар се спремаме за да можеме да бидеме најдобри. Исто е и со постот пред Божик каде ние преку воздржување и подвиг ќе го пречекаме и дочекаме раѓањето Христово во најдобро светло.
Морам да го напомнам и ова дека во овој пост на нашите простори е периодот на слави каде што многу луѓе си имаат своја домашна слава и каде што се спремаат и чекаат гости за да прослават. Погрешно за многу луѓе е тоа што даваат мрсна храна и онаму каде што ќе се претера со опивање. Со тоа ние одиме против Бога и против светителот кој го славиме. На таков начин си правиме лошо на самите себе.
Бадник
Пред Божик имаме празник кој се нарекува Бадник – Коледе. Тоа е навечерието на празникот Божик каде сите христијани утрото одат на Богослужба и земаат бадниково гранче (кое го симболизира самиот Христос) и го носат во своите домови за благослов. Вечерта се собираат домашните и јадат празнична скромна и посна трпеза. (на бадник НЕ се јаде риба).
Низ нашата земја има различни традиции за прославување на празникот Коледе. Јас ќе спомнам за нашиот дел т.е. Битола. Многу луѓе палат оган и се собираат на огнот. Многу денес говорат за да не се пали оган, но кај нас оваа традиција е навлезена и многу луѓе сакаат да ја почитуваат. Гледано вака не е погрешно, бидејќи ќе му дадеме христијанско гледиште на овој настан. Со оганот ќе направиме симболика како онаа со пастирите кои биле околу наклаениот оган во ладните вечерни часови кога им се јавиле ангелите на небесата и им кажале за раѓањето на Спасителот. Светлината на оганот ќе ја претставиме со Христос кој како светлина нè просветлува сите нас.
Погрешното нешто кое го правиме на бадниковиот оган е тоа што многу луѓе го забораваат она што е Господово и си одат по она што им е нив по ќеиф. Така за Коледе секогаш е пост и треба да се пости. Тоа значи дека колбаси, месо и опивање НЕ ТРЕБА да се прави. Доколку луѓето сакаат да си прават по нивно, тогаш нека одберат друг ден за палење оган и нека прават што им е по желба. А ако сакаат на Коледе да палат оган тогаш треба да се почитуваат правилата на Црквата.
На крај сакам да се запрашаме што направивме во овој период за Бога? Дали се воздржавме од мрсна храна? Дали ќе почитуваме за коледе да постапиме како е правилно? Дали за Бога ќе испочитуваме да одиме на Богослужба, и не само свеќа да запалиме туку да седиме на Богослужбата? Дали би можеле да се наречеме христијани денес ако ни е побитно кога ќе има попуст во некоја продавница или некој друг настан па веднаш наоѓаме време и можност, а за Бога ни е тешко да не јадеме месо, да отидеме на Богослужба, да направиме било каква жртва?
Христос се роди! Навистина се роди!
автор на текстот: Протоереј Крсте Тасески , Буковска епархија