Битолскиот Народен театар е еден од најзначајните културни центри во Македонија, со богата историја која одбележува 80 години постоење. Од своите почетоци до денес, театарот поминал низ бројни уметнички еволуции, поставувајќи високи стандарди на сценската уметност.
На чело на оваа институција сега е Васко Мавровски, кој со својата визија и енергија има амбиција да ја врати емоцијата на сцената и да создаде театар кој ќе биде подостапен, поблизок и подинамичен за публиката. Во ова интервју, разговараме за предизвиците со кои се соочува театарот, за новите планови и за иднината на оваа културна институција.
Што ќе се промени во Народниот театар Битола? Какви претстави ќе гледаме? Дали театарот ќе биде поприсутен во секојдневието на граѓаните? На сите овие прашања одговара Васко Мавровски.
Читај бе: Што вас лично ви инспирирало да станете дел од овај театар, а подоцна и да ја преземете улогата на директор?
Васко Мавровски: Веројатно за инспирацијата да бидам дел од овој театар бил мојот дедо Петар Стојковски – Бабец, како еден од основачите на битолскиот театар, еден од првите во првата група на вработени актери уште во периодот од 50-тите години и веројатно моето секојдневно битисување тука низ просториите на Народен театар Битола. А инспирација за да ја преземам улогата на директор веројатно беше огромниот пад кој се случи во Народниот театар од Битола. За волја на вистината се случи пад на ниво на држава, веројатно и на ниво на свет. Културата е во голема криза. Но сметам дека со моите познавања и со мојата визија за театарот, мислам дека можам да помогнам театарот да го вратиме повторно на оние патеки на кои што некогаш бил.
Читај бе: Како помина прославата на 80-годишнината на театарот, како реагираше публиката?
Васко Мавровски: Прославата на 80-годишнината на Народниот театар од Битола беше огромен проект кој го работевме буквално целиот колектив на Народниот театар неколку месеци. Мислам дека успеавме да се задржиме на нивото на задачата. Мислам дека достојно го одбележавме овој значаен јубилеј за театарот. Реакцијата на публиката, веројатно, секогаш се мери со нивната заинтересираност и посета на Народниот театар Битола. По тоа колку беа полни театарските сали пред и по денот на прославата на 14. ноември, зборува дека публиката некако излезе во пресрет и со самото нивно присуство на претставите, со тоа што успеавме некакви рекордни бројки да поставиме во месец ноември и декември, во однос на посетата на публика во Народен театар Битола, тоа најмногу зборува дека публиката позитивно ја оцени целата таа наша работа и целиот тој влог и труд кој што го дадовме за време на прославата на големиот јубилеј – 80 години Народен театар Битола.
Читај бе: Како театарот успеа да опстои и да остане значаен дел од културниот живот во Битола во текот на овие 80 години?
Васко Мавровски: Театарот во суштина се бори со општеството од самиот почеток од кога знаеме. Театарот за прв пат бил создаден и единствената причина за да постои во суштина е да биде коректор на сите случувања во државата, да биде коректор на власта. И мислам дека театарот е безвременски, дека театарот никогаш нема да згасне и дека никогаш нема да се изгуби потребата на публиката да присуствува на театарска претстава. Како и сите останати театри, така и нашиот, во овие 80 години имал големи падови, големи подеми. Но, пак ќе повторам, театарот е нешто кое што е неопходно и за кое што народот има потреба. Ние, како национална установа, сме должни да направиме репертоари, да направиме претстави буквално за сите возрасти, бидеќи театарот е наменет за, како што порано пишувало на плакатите на Народен театар Битола, за возраст од 7 до 77 години. Покрај едукативниот дел, покрај забавниот дел, Битолски театар како единствен театар во Битола, зборувам како национална установа, се наметна како еден од идентитетските столбови во културното битисување на Битола. И земајќи го фактот дека само десет дена по ослободувањето на Битола се одиграла првата претстава на македонски јазик, тоа зборува многу за тоа колку луѓето во тој период, повоениот период, имале потреба од театар кој што во тој момент се користел за неколку цели: дел од претставите биле пропаганда, дел од претставите биле наменети за мотивирање на народот и за создавање на една нова држава, и создавање на еден театар, и мислам дека во 1946 година со указ, го добива епитетот Народен театар Битола.
Читај бе: Кои се најзначајните достигнувања на театарот во неговата историја?
Васко Мавровски: Битолскиот театар од самиот почеток, тоа го пишува и во многу монографии кои што се посветени на Народен театар Битола, претставува еден расадник на таленти и уште во 50-тите години многу од луѓето кои што сакале се занимаваат со театар биле прераспределени во МНТ, во Прилепски театар, така што веројатно од тој момент, па натаму започнуваат тие големи достигнувања на театарот, бидејќи да имате актери „за извоз“ и да можете да ги покриете театрите, да му обезбедите кадри за работа на цела Македонија, зборува дека Битола сама по себе е таква почва која што создава големи театарски имиња. Достигнувањата на театарот, веројатно, најголемите достигнувања се во оној период во бивша Југославија во 70-те, 80-те години кога ги има освоено и најголемите признанија и награди на тогаш многу значајните фестивали во Сараево, Мес Сараево, фестивалот на Детето, Битев, Стериино позорије и така натаму. Имавме период на криза, имаше голем период во 1991 година со започување на војната во бивша Југославија. Сите тие големи фестивали кои што беа на ниво на Југославија некако замреа, но еве во овој период сега полека-полека почуваат да се враќаат на репертоарот и се враќаат повторно како големи настани кон кои ние како театар се стремиме да бидеме дел од тоа. И се надевам дека со точна репертоарска политика дека и во иднина ќе можеме да излеземе во пресрет и да бидеме интересни и да бидеме оценети позитивно од жири комисиите и од селекторите на тие фестивали, и повторно да бидеме делот на тие големи настани.
Читај бе: Од Битолскиот театар произлегле големи актерски имиња…
Васко Мавровски: Мислам дека нема театар во државата каде што нема барем по еден актер од Битолски народен театар, или e по потекло од Битола. И по тоа што покрај Народен театар Битола има уште 4 или 5 независни продукции, независни театри, зборува многу за тоа колку многу се вложува и колку многу се сака театарот во Битола.
Читај бе: Како битолскиот театар се адаптира на современите трендови и очекувања на публиката?
Васко Мавровски: За битолскиот театар, според мене, најголемата грешка е тоа што во изминатиот период се обиде да се адаптира на современите трендови кои што ги наметна еден нов правец во театарот, кој што го практикуваат во Европската Унија. Тој е некој современ алтернативен театар, кој што јас иако 20 години се занимавам со театар, продуцирам, режирам, играм, не го разбирам. И веројатно најголемата грешка е тоа што акцентот на целиот репертоар седум години беше насочен баш кон тие современи трендови, кои на најголемиот дел од публиката, на 90 проценти од публиката, исто како и мене им беше нејасен, далечен. Кога општеството ве измачува, кога социјално сте загрозени, кога преживувате секојдневно и одделувате одредени средства за да дојдете во театар и кога гледате претстава во која што на уште поперверзен, мизерен и одвратен начин ви е прикажано вашето секојдневие во претстави во кои што течат литри и литри крв, политички пароли, извикани на микрофон и се прашувате во еден момент: Зошто воопшто постои театарот? Бидејќи ние она што го живееме, никој не сака својот живот да си го види на сцената. А уште да го види и да излезе вознемирен… Тоа е она психолошко делување, кога ја напуштате салата, да бидете вознемирен. Тоа се тие новите современи трендови. И мислам дека сега очекувањата на публиката, наспроти ова, сега се да дојдат во театар и тој да им предизвика емоција. Да се расплачат, да се насмеат. Да се идентификуваат со ликовите на сцената, но пред сè, луѓето сакаат да се забавуваат. Бидејќи доволно мрачно е сè околу нас и кога доаѓате во театар, веројатно сите ние заслужуваме барам еден час, час и половина од животот да уживаме во нешто кое што има висока естетика, кое што убаво изгледа, во кое што има приказна, во кое што се зборува за животните приказни на луѓето, го избирате ликот кој што е најблизок до вас, страдате со него, се смеете или се забавувате и заминувате дома со едно чувство кое што ве исполнува.
Тоа се очекувањата на публиката, а јас ветувам дека како директор на овој театар, во наредните 4 години ќе направам сè, повторно да доаѓаат госпоѓите во бунди и со паларии. И да биде празник кога се доаѓа во театар. Бидејќи, баш, луѓето за премиера пред некои 20 години специјално се облекувале, се дотерувале и доаѓале во театар. И уживале.
Читај бе: Како планирате да ги мотивирате младите актери и новите генерации да бидат дел од театарската сцена?
Васко Мавровски: Не планирам никогаш во животот никого да мотивирам за да биде актер или да биде дел од театарската сцена, бидејќи човек се раѓа со звезда и Бог му дава прво талент, дури и да не е тоа талент, едноставно има луѓе кои што Бог ги допира и тие стануваат актери.
Секој оној што ќе го мотивираме, ќе го натераме да се занимава со театар, во еден момент ќе го изгубиме како актер, бидејќи тој ќе биде принуден, натеран, мотивот завршува. Желбата, љубовта, ако не е допрена од Бога, во еден момент се троши и добивате нефункционален актер. Во овој театар, од секогаш, место имало за оние кои што се допрени од Бога, јас така би ги нарекол. Во овој театар сме имале мултиталенти, сме имале великани, кои што ден денес кога ги гледам на видео снимки, претстави, стари филмови во кои што настапувале, гледате дека не станува збор ниту за тоа дека некој од нив имал факултет, дека завршил глума. Едноставно се допрени од Бога и се родени да бидат актери. И сè додека во театарот се вработуваат луѓе кои што се спремни животот да го посветат на театарот, театарот ќе функционира. Во моментот кога ќе избираме кој од луѓето треба да биде актер, а кој не, мислам дека ќе биде најголемата грешка и најголема штета ќе има Народниот театар во Битола. Сметам дека моите колеги кои што во моментот се дел од ансамблот на Народен театар Битола, помалку или повеќе, се допрени од Бога и веројатно и затоа функционира овој театар така како што функционира.
Читај бе: Што да очекуваме оваа 2025 од битолскиот театар?
Васко Мавровски: Сè уште официјално не сме ја добиле годишната програма за 2025 година, но можам да кажам дека со одлука на уметничкиот совет, на мој предлог избрани се 8 наслови, кои што оваа сезона ќе бидат поставени на сцената на Битолскиот театар. Акцентот дефинитивно ќе биде на македонските автори. Се разбира дека тоа не значи дека ги исклучуваме сите креативци кои доаѓаат надвор од Македонија.
Ќе бидат поставени три македонски текстови од македонски автори, две праизведби, ќе бидат поставени три класици: Брехт, Шекспир, ќе го имаме повторно на репертоарот, ќе имаме две-три големи имења кои што ќе работат во Битолскиот театар. Со други зборови имаме веројатно програма, која што јас како вд директор ја најавив, со акцент на македонската драматургија, на комедијата, бидејќи не се сеќавам кога за последен пат бил поставен македонски текст. А во нашата држава, Македонија, да се занимавате исклучиво со хрватски или српски автори е во ред, но тоа да биде акцент во текот на голем временски период, веќе станува малку отповеќе, и јас тоа го читам како целосно непочитување на сè она што живее, работи и твори во оваа држава, а тоа се македонските креативци и автори.
Читај бе: Кои се плановите за нови соработки, проекти или фестивали?
Васко Мавровски: Да, имаме големи планови и за соработки, и за нови проекти. Шекспир фестивалот оваа година, најверојатно, ќе биде еден нов концепт, малку скратено издание со поквалитетна програма, бидејќи очигледно дека во овие 10 години наназад увидавме дека седум дена фестивал, за да може да опстои, се потребни многу средства. Верувам и убеден сум дека ако некој во Министерството или во Општина Битола ги има тие пари, веројатно би ни ги дал, но во цела оваа криза во која што живееме и тоа што го добиваме е повеќе од доволно и мислам дека ако тоа го сведиме на помалку денови, а поквалитетни претстави, ќе имаме поголем фидбек од публиката. И за прв пат мислам дека оваа година фестивалот наместо во јуни месец, свеченото отворање ќе го направиме на 81-иот роденден на Народен Театар Битола, на 14 ноември. И се надевам, ако сè е како што треба и се биде во ред, Шекспир фестивалот ќе го отвориме со наша премира на дело на Шекспир.