Со Стефани Талевска од Битола, имавме можност да поразговараме околу животот во Америка, за кој вели дека не е ни блиску како оној на филмовите. Родена битолчанка, која својот пат и градењето на кариерата, поради љубопитност, одлучи да ги продолжи преку океанот, односно во САД. Моментално, Стефани Талевска, освен што работи во една од најдобрите и најголемите сметководствени компании во светот, целосно посветена е и околу својата музичка кариера. За досегашните песни, трудови, цели, идеи и пораки кои доаѓаат од Стефани, ќе откриете повеќе во интервјуто за Читај бе.

317129014 1146875679280868 1702124199164675218 n

Читај бе: Стефани, најнапред, би сакала да ни кажеш нешто повеќе за твојата струка, а воедно да ги споменеш и сите креативни дела кои си ги направила досега надвор од струката? Кои се твоите хобија и на што најмногу сакаш да го трошиш времето?

Стефани: Ви благодарам за поканата. По струка сум сметководител, поконкретно јавно сметководство за корпорации. Средно образование завршив во СОЕУ „Јане Сандански” – Битола во 2016 година и потоа се преселив во Америка во 2017 година каде го продолжив моето образование на бизнис факултет “Rutgers Business School” во Њу Џерси. Студирам 2 смера: Сметководство и Финансии и ќе се стекнам  со две дипломи во Мај 2023 година. За време на студиите имав прилика да работам за една од најголемите четири сметководствени компании во светот која ми понуди постојана работа во одделот на подготвување на такси за најголемите корпорации во светот. Оваа професија е веќе неколку генерации во мојата фамилија и уште од млади години имав желба да работам со броеви и калкулации. Покрај сметководството, истовремено се занимавам и со музика. Објавувам мои авторски песни преку издавачка куќа во Њу Џерси која се вика EOD. Досега имам објавено две мои песни кои се достапни на Apple Music, Spotify, YouTube и SoundCloud. Почнувајќи од јануари 2023 година имаме во план да издадеме многу нови песни и проекти, кои нестрпливо чекам да ги споделам со вас. Музиката била од секогаш дел од мојот живот и се решив да чекорам посериозно по овој пат, бидејќи сакам да творам уметност која ќе предизвика чувства кај слушателите како што предизвикува чувства кога јас ја креирам. А воедно и во чест на мојот вујко, Игор Пармаковски, кој беше професионален оперски пеjач во Македонски Опера и Балет во Скопје. Тој беше мојот идол и инспирација и верувам дека се гордее со моите успеси и ме подржува од другиот свет.

Читај бе: Кои се нештата кои служат како мотивација, а си ги реализирала досега? Како се одвиваше искачувањето по патеката на успехот и колку си задволна од себе со достигнатите успеси?

Стефани: Патот до успехот никогаш не бил лесен. Бил трнлив, полн со препреки, но мора да бидеш упорен и мотивиран во животот и да размислуваш со менталитетот дека сега се мачиш, но еден ден ќе бидеш награден за трудот што си го вложил. Колку потежок е патот, толку послатка е наградата. Твојот успех не зависи од никој друг, освен од самиот себе. Мора да се има желба и волја. Верувај во себеси и не дозволувај никој да ти каже поинаку. Само ти можеш да си ги оствариш своите соништа и желби. Другите можат само да те подржат и помогнат, или обратно, да ти одмогнат во донесувањето на одлуките. Треба да знаеш ти што сакаш и што е правилно за тебе. Изборот е твој.

317055546 372328535092150 1636770580139350764 n

Читај бе: Каков е животот во Америка? Зошто ја напушти татковината и доколку би имала шанса да се вратиш назад, што е сето она кое што го научи во туѓата култура, а би сакала да го пренесеш тука?

Стефани: Животот во Америка не е ни блиску како што изгледа на филмовите. Светот не е розов како што мислат останатите. Овде се работи по 24/7, се живее брз живот, нема време за буквално да седнеш кафе да се напиеш. Тоа е амерички менталитет бидејќи луѓето се фокусирани како продуктивно да го поминат денот што ќе придонесе во остарување на нивните долгорочни цели и планови. Главниот мотив за овој живот е финансискиот резултат и бенефитите. Сепак со добра организација и добар план, може да се најде време за сé. Јас се навикнав на овој живот и можеби би ми било тешко доколку би се вратила назад. Јас сум родена Македонка и засекогаш ќе бидам Македонка, а причината што ја напуштив татковината на прво место беше мојата љубопитност да испробам каков е животот и на другата страна на светот.

317130243 5920948757987218 4220844533208726409 n

Читај бе: Не би сакала да ги споредуваме Америка и Македонија, но, можеш ли накратко да ми кажеш отворено, што ти прави поголемо задволство, животот таму или животот тука, во Битола? И зошто?

Стефани: Искрено не би можела да одвојам еден живот кој ми прави повеќе задоволство од другиот, бидејќи и двете си имаат свои предности и недостатоци. Како Битола, така и Америка се дел од мене. Припаѓам и во едниот и во другиот свет. Едното е мое минато, а другото е мојата иднина. Јас не би била јас доколку би одбрала само едно.

317226548 700866767936883 2762985677552738109 n

Читај бе: Во иднина во која сфера планираш да го насочиш твоето внимание и фокус, музика, мода или пак сметководство? Доколку човек има желба може да ги прави и трите работи оддеднаш, но сигурна сум дека еден дел од тебе посакува една област повеќе од друга…

Стефани: Посакував и јас да знам кој е точниот одговор на ова прашање. Но, убавината е баш во тоа. Мистерија и неизвесност. Не можеш да знаеш каде може да те однесе животот. Можеш да планираш едно, а да испадне сосем друго. Само можеш да живееш во моментот. Работите не ме дефинираат. Јас се дефинирам сама. Јас сум Стефани Талевска – сметководител, модел, музички уметник. А ти?

Читај бе: Со кои проблеми си се соочила на патот до успехот и што те држеше да продолжиш да се бориш за успех?

Стефани: Имало проблеми и ќе има допрва на патот кон успехот. Спремна сум да ги поминам сите препреки бидејќи имам голема желба и волја за успех. Најмногу ме држи самодовербата и амбициозноста. Кога веруваш во самиот себеси, мислам дека можеш светот да го освоиш. А воедно и кога твоето семејство и пријатели веруваат во тебе и те подржуваат, тоа е екстра мотивација. Најголемиот проблем со кои се соочувам јас е: Што ако не успеам? Но, во истиот момент помислувам, а што ако успеам? И да не успеам, барем ќе живеам со помислата “I Tried” а не со “What If?”.

316989738 646154947239989 9054997791946388318 n

Читај бе: За крај, би сакала на нашите читатели да им ја пренесеш твојата порака…

Стефани: Верувајте во себе си. Слушајте го гласот во вас, а не гласот кој доаѓа од другите. Слушајте го срцето и следете ја вашата интуиција. Тоа ќе ви биде компас во која насока треба да го живеете вашиот живот. Имајте самодоверба, верувајте дека можете да го направите нештото што го сакате бидејќи самодовербата е најсилната и најопасната алатка за успех. Најсилната бидејќи вие ја покажувате вашата волја колку сте силни и желни за победа, а најопасната бидејќи тие кои сакат да ви застанат на патот нема да успеат да ги остварат нивните планови да ве запрат и да ви ја уништат среќата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…