Кога зборуваме за театар и театарска уметност, сосема природно е, во нас, да се пробуди интересот кон личностите и основоположниците кои ги удриле темелите на првиот македонски театар. Можеби, уште повеќе ги воздигнува фактот што тие се и личностите кои на театарската сцена ги изговориле првите реплики на македонски јазик во тогаш ослободените делови на дотогаш окупираната Македонија. Меѓу имињата на првите основоположници на театарската уметност во Македонија, го среќаваме и името на бардот на македонското глумиште, Ацо Стефановски.
Ацо Стефановски е роден во Битола, на 10.12.1922 година. Денеска, кога се навршуваат 100 години од неговото раѓање, е сосема пригоден момент да се присетиме на една незаборавна појава, каква што беше Ацо Стефановски.
Годинава, Македонска пошта дизајнира поштенска марка со ликот на Ацо Стефановски, по повод 100 години од неговото раѓање, чиј автор на марката е Л. Куфало.
Почетоците на театарската игра на Ацо Стефановски се тесно поврзани со неговиот постар брат Димче Стефановски, кој покрај тоа што беше актер, беше и режисер на многубројни претстави. Но, можеби најголема вина за внесувањето во магијата на театарот, и на обајцата, ја има нивниот вујко Петар Велјановски, кој помеѓу двете светски војни работел како актер. Ацо и Димче Стефановски уште од нивото рано детство ги следеле тогашните театарски претстави како публика, а често и на пробите, за подоцна да учествуваат и во самите претстави со некои помали улоги.
Во 1944 година, кога и се удираат темелите на тој прв македонски театар, е изиграна првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а во која играат и двајцата браќа. Оттогаш па натаму, соработката на Ацо и Димче Стефановски продолжува долги години на театарската сцена во Народниот театар во Битола.
Улогите на Ацо Стефановски се нижат една-по-друга, а тоа го забележува будното око на критиката и печатот. Тој е првиот Хамлет кој проговорил на македонски јазик на театарската сцена во Македонија, во 1966 година, кој со силен сензибилитет и префинета дикција го изговара познатиот монолог: „Да бидеш или да не бидеш ти – еве во што е прашањето сега…“
Остварува бројни, најчесто насловни, улоги во претставите, неговиот талент и раскош на актерско умеење највпечатливо е забележано во: „Хамлет“ од Вилијам Шекспир; „Цар Едип“ од Софокле; „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов; „Кузман Капидан“, „Чорбаџи Теодос“, „Окрвавен камен“ и „Бегалка“ од Васил Иљоски; „Дундо Марое“ и „Скуп“ од Марин Држиќ; „Сомнително лице“ и „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ на втората воедно е и режисер; „Вејка на ветрот“, „Црнила“ и „Суд“ од Коле Чашуле; „Свадбата на Мара“ од Владимир Костов…
Покрај театарските претстави Ацо Стефановски е редовен актер и на филмското платно. Игра во филмовите: „Волча ноќ“, „Мис Стон“, „Македонска крвава свадба“, „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“, „Македонскиот дел од пеколот“ и др.
Исто така, остварува бројни улоги во многу ТВ-драми и ТВ-серии кои се прикажувани и често репризирани на Македонската радио телевизија. Не изостанува ниту во радиодрамите, во кои плени со бојата на својот остар, а толку мек и ненаметлив глас, секогаш со една висока харизма во изговорот што го прави многу пријатен за слушање.
За тоа како самиот тој ги сфаќа театарот и театарската уметност воопшто, Ацо Стефановски ќе рече: „Театарската уметност, по мое мислење, е синтеза на повеќе уметности, како: музиката, ликовната уметност; а по мое длабоко уверување, таа иде до едно совршенство да задира и во рамките на науката, како што е: психологијата, психофизиката, анализорање на психофизиката, па и анатомијата, дури и математиката. Кога велам математиката, мислам она доближување во однос на мерката, најважна е мерката во остварување на едно уметничко дело. Мерката, конкретно во театарската уметност, е во тоа, во пронаоѓање мерка: на висина на тонот, на јачина на тонот, на одмерување на гестот, на раздвиженоста по сцената итн. Така што, крајната цел би требало да биде катарзата. Она по Аристотел, издигање на психата над телесното, над секојдневното, над она валканото. Кога се дојде до таа катарза, резултатот треба да биде она што се пласирало, на гледачот, на слушачот театарски, да го натера после излегувањето од театарската сала да размислува и да осети оти постои и една повисока цел за која треба да се живее во животот.“
Ацо Стефановски има добиено многубројни награди: тој е првиот лауреат, кој не е од Скопје, а ја добива највисоката Републичка награда за животно дело „11 Октомври“, наградата „Златен ловоров венец“, повеќепати наградуван за Театарските игри „Војдан Чернодринси“ во Прилеп, двапати е наградуван со наградата „4 Ноември“ на град Битола и уште многу други.
И по пензионирањето, Ацо Стефановски уште долги години е активен на театарската и филмската сцена. Најдобар показател за тоа е неговата последна играна улога во претставата „Југословенска антитеза“ прикажувана на тековниот репертоар на Народен театар Битола во 1985 година. По вечерната изиграна претстава и спуштањето на театарската завеса, наредното утро, на 10.03.1985 година, Ацо Стефановски засекогаш ја напушта театарската и земната сцена, оставајќи зад себе богат репертоар на одиграни 250 улоги, како и трајни лекции на неговите современици за театарот и театарската игра. Можеби најмногу Ацо Стефановски им негостига на гледачите кои и денес ја исполнуваат салата во Народниот театар во Битола, посакувајќи уште еднаш да го усетат неговиот дух на театарските штици полни со глума и живот.
Слава му!
„Портрет – Ацо Стефановски“, Емисија на РТВ Скопје од 1980 година.
Автор: Никола В. Ристевски