По завршувањето на Маратонот во Лондон и добивањето на медалот со шест ѕвезди не можев да се воздржам, а да не заплачам. Солзите сами доаѓаа во тој момент. Сонот за кој живеев и копнеев секој ден ми е остварен.
Вака го опишува исполнувањето на својот сон, маратонката Маја Ѓорѓевска, првата Македонка која ги истрчала шесте светски маратони.
Таа ги охрабрува сите жени, мајки, девојки да се пријават на трката Биди Своја затоа што исполнувањето на целта започнува токму со првиот чекор. Маја вели дека женската трка е доказ дека жените и покрај секојдневните обврски на работа, во домот, за семејството, може да издвојат време за себе, да направат нешто за себе и да започнат со трчање.
Читај бе: Маја, Вие сте првата Македонка која ги има истрчано шесте најголеми светски маратони. Токму на последниот маратон Вие го добивте медалот со шест ѕвезди. Какво беше чувството во тој момент?
Маја: Јас сум првата Македонка која ги има истрчано најголемите шест светски Маратони Чикаго, Њујорк, Берлин, Токио, Бостон и Лондон. По завршувањето на Маратонот во Лондон и добивањето на медалот со шест ѕвезди не можев да се воздржам, а да не заплачам. Солзите сами доаѓаа во тој момент. Сонот за кој живеев и копнеев секој ден ми е остварен.
Читај бе: Какви се подготовките за да се истрчаат 42 километри? Покрај физичката кондиција, тука секако е и психичкиот момент…
Маја: Трчањето е моја пасија. Трчањето на Маратон започнува со донесување на одлука и решеност да се биде истраен до остварување на целта. Подготовката вклучува многу жртва, откажување, посветеност, истрајност, фокус на тренинзи и нивно исполнување, и одлука да не се откажуваш. Трчам и кога не ми се трча, трчам и кога не ми е денот, трчам зашто тоа го сакам да го правам и одлучна сум да успеам и да се вложам максимално особено кога имам поставено цел.
Читај бе: Како влијае трчањето, особено на подолги патеки врз самодовербата и менталното здравје?
Маја: Освен физичките подготовки, начинот на исхрана, соодветен одмор, секако многу е важна и психичката подготвеност. Најголемите кризи и борба со себе се случуваат на тренинг и кога тие ќе се надминат тогаш не може ништо да те спречи. Кога ќе се исполнат тренинзите од зададениот тренинг, план и програма тогаш знаеш дека твојот дел е завршен и останува да се даде максимум на ден на трка. Имаш самодоверба и ментално си подготвен за големиот ден – трката Маратон од 42 км.
Читај бе: Која беше првата трка која ја истрчавте и како се започна?
Маја: Првиот Маратон го истрчав во 2013 година на деветтото издание на Скопскиот Маратон на 12 Мај. Мојот прв маратон го истрчав без подготовки како сега што се подготвувам, без знаење за тоа што значи да се истрча еден Маратон, го истрчав со најобични патики. Тогаш немав патики за тренинг ниту патики за ден на трка. Мотивот и желбата беа најголеми. Тоа беа моите почетоци и сум горда да го споделам тоа.
Читај бе: Вие сте инспирација за многу жени со Вашите подвизи. Ги повикавте да не се сомневаат во себеси и да се пријават на женската трка Биди Своја. Која е Вашата порака до жените?
Маја: Особено ми е чест што втора година се одржува, а тоа е женската трка Биди Своја каде организатор на истата е Маја Атанасовска. Би сакала да ги повикам сите девојки, мајки, сите жени да одлучат да се пријават и да ја истрчаат трката од 5 км.
Женската трка е доказ дека жените и покрај секојдневните обврски на работа, во домот, за семејството, може да издвојат време за себе, да направат нешто за себе и да започнат со трчање. Би им препорачала да бидат свои, да се уверат дека можат и да не се откажат. Да веруваат во себе, да бидат СВОИ и да не се откажуваат. Секоја цел започнува со првиот чекор и нека го направат. Се гледаме на трката и заедно одиме кон целта!
Линк до пријавата за трката Биди Своја – пријавувањето е до 5 јуни.