Во свет исполнет со брзи промени и современи влијанија, зачувувањето на традицијата станува уште поважно. Една од оние што со својата љубов, знаење и посветеност го чува македонското културно наследство е Љупка Стефановска — етнокореолог и вработена во НУ Центар за култура Битола. Преку нејзината инспиративна приказна дознаваме колку длабоко љубовта кон орото, песната и обичаите може да го обликува личниот и професионалниот пат, и зошто традицијата останува неисцрпен извор на вредности за новите генерации.
Читај бе: Како почна вашата љубов со етнокореологијата? Што ве мотивира да го завршите токму тој факултет и дали имавте некоја силна поврзаност со традицијата уште од дете?
Љупка: Мојата љубов кон традицијата, односно кон орото и песната, започна одамна, но се зголеми со моето запишување во КУД „Илинден“ – Битола, на моја 8-годишна возраст. Покрај орото и песната, нашиот уметнички раководител во тоа време Валентин Соклевски, знаеше да нé подучува и испрашува за поговорки, мисли од различни личности поврзани со традицијата и културата и дури знаеше да ни „Удри по некое стапче“ ако не знаевме некои од нив. Сето тоа делуваше поучно и мотивирачки.
Исто така како дете, во текот на предучилишното образование или „Забавиште“ како што се нарекуваше, седев кај моите баба и дедо, секогаш уживав во приказните кои тие ми ги раскажуваа. Посебно баба ми, која беше од селото Живојно и секогаш знаеше да ми го привлечи вниманието со раскажувањата за обичаите, за празниците како се правеле, за сретселата и оркестарот кој свирел тогаш и секако, разговорот секогаш го завршувавме со заигрување на орото „Каламатија“.
Поврзаноста со традицијата од најмала возраст создаде моја пасија која со одлуката да се запишам на Одделот за етнокореологија на Музичка академија при УГД Штип, почна да станува моја реализација на желбата, за по дипломирање таа пасија да стане моја професија која ја надоградувам секој ден.
Читај бе: Како гледате на интересот на младите за традиционалната музика и игра? Дали мислите дека се враќа љубовта кон корените?
Љупка: Интересот на младите за традиционалната песна и игра, која од мали нозе им се презентира само во Културно Уметничките Друштва, најмногу зависи од начинот на кој таа им се сервира, но сепак сметам дека е солиден. Доколку таа традиција и култура, која го отсликува нашиот национален идентитет и го пишува нашиот генетски код, точно преку орото, песната, музиката, обичаите, им се вметне и во образовниот процес како редовна настава од основно образование, секој од најмала возраст би ја негувал и препознавал.
Читај бе: Како ја доживувате оваа нова насока во музичкото училиште? Што значи нејзиното отворање за Битола и за Македонија воопшто?
Љупка: Иницијативата од Здружението на етнокореолози на Македонија, за отворање на Насоката Традициски играч и пејач во Државното Музичко училиште во Битола, е потегната уште од пред неколку години, но сигурно немало услови за реализација. Сегашната директорка на Музичкото училиште Марија Шамоска Буџакоски, веднаш ја препозна и прифати иницијативата, за што и сме благодарни. Исто така и градоначалникот Тони Коњановски даде безрезервна поддршка, препознавајќи ја вредноста и значењето на отворањето на оваа насока не само за градот Битола и регионот, туку и за цела држава, за зачувување на традицијата со тоа и идентитетот како народ.
Читај бе: Со кои предизвици се соочува етнокореологијата денес? Дали има доволно поддршка од институциите и од луѓето?
Љупка: Етнокореологијата како сеопфатна наука која ја изучува традиционалната култура во целост, во средното образование се воведе во 2001 година преку насоката Традициски играч и пејач во ДМБУЦ Илија Николовски Луј – Скопје, во 2007 година се отвори Оддел за етнокореологија на Музичка академија при УГД – Штип. Кадарот кој излегува од овие образовни институции, покрај како играорец или пејач во НУ Танец, може да се вработи и во Центрите и Домовите за култура, а секако и во музеите ширум државата.
Читај бе: Што мислите, како може да се доближи традицијата до новите генерации? Што би им порачале на младите кои се двоумат дали да ја изберат традиционалната музика и игра како свој пат?
Љупка: Секој треба да знае дека македонската традиција е неисцрпен бунар, кој секогаш дава „свежа“ вода, без која ниту едно семе нема да даде плод. Нашата земја има плодна традиција и култура која мора да ја чуваме со негување, пренесување од генерација на генерација, забележување, промовирање во и надвор од државата. За да го зачуваме тоа богатство кое нѐ отсликува како народ и нација, мора да ги потковаме и младите генерации, но не само преку Културно-уметничките друштва, кои во моментот се столб во зачувувањето на таа традиционална култура. Сметам дека, образованието е единствен начин преку кој ќе им се всади тој генетски код на традицијата на помладите генерации.
Читај бе: Како успевате да балансирате меѓу професионалниот и семејниот живот, особено со толку динамична и креативна работа и што ве прави среќна вистински?
Љупка: Морам да сум нескромна во моментот и да кажам дека јас сум човек кој не застанува во едно место и на едно ниво. Сакам да се надоградувам, осознавам нови и недоистражени за мене работи кои секако се поврзани со традицијата. Што се однесува до приватниот живот, јас и мојот сопруг се запознавме во КУД Илинден, каде сé уште сме активни, а и нашите деца се активни членови во Друштвото. Најголема среќа за мене е кога сме сите четворица на сцена како изведувачи на нашата традиционална култура. Сето тоа е доказ на заедничката поддршка, но и критиката која си ја споделуваме меѓу нас. Најсреќна сум кога играм и пејам.
Читај бе: Каква ве направило играорството како личност? Што мислите, какви вредности се учат преку народната игра особено за младите?
Љупка: Народните ора, песни, обичаи, се нешто кое не смееме, а да не го знаеме и почитуваме. Секој негува свој вид на музика или култура која ја обожава, слуша, но мора да се знае кои се корените. Без тоа сме никој и ништо. Помладите, оние што сакаат да ја истражуваат осознаваат и проучуваат нашата традиција, преку орото, песната, обичаите, носиите, тоа да го направат преку овој образовен профил Традициски играч и пејач, или во високото образование на Одделот за етнокореологија на Музичка академија при УГД Штип.
Читај бе: Какво е чувството да се биде на сцена, во носија, пред публика што се случува во тие моменти во вашето срце и ум?
Љупка: Сцената е местото каде се презентира или пренесува она што сакаме да биде видено од друг аудиториум. Кога си сам на сцената, ја носиш целата одговорност на изведбата, но кога сте цела група тогаш одговорноста се дели и е полесно. Носијата заедно со орото и песната на сцена, даваат една комплексност која треба да се знае како правилно да се презентира и пренесе. Тоа секогаш ми правело задоволство.
Читај бе: Сте се соочувале ли со коментари од типот дека се бавите со нешто што ќе изумре или со нешто што е демоде и како реагирате на таквите коментари?
Љупка: Кога бев дете на мои 12,13 години, се срамев кога излегував во носија посебно на сретсело во Јенимаале за градски-селски Велигден, бидејќи бевме исмевани од други деца како „селани“. Но како што ми се разгоруваше љубовта кон играорната, секоја критика и негативен коментар паѓаа во вода. Се надевам дека сега, генерациите не се соочуваат со тој „булинг“, бидејќи некако сега повеќе се грижиме и ги вреднуваме тие традиционални вредности.
Читај бе: Вие сте доказ дека никогаш не се вели никогаш, никогаш не е доцна за знаење, па имате ли некоја порака до младите денес? Нешто со кое би ги подучиле
Љупка: Јас секогаш велам и сум убедена во тоа дека, кога нешто вистински се сака со срце и со душа, тоа и ќе се оствари и реализира. Само упорноста никогаш не потклекнува на двоумењето. Секој доаѓа до моменти кога се двоуми дали да се откаже од нешто што тргнал да го реализира или да продолжи, но во таков момент треба да се стави на кантар што е повредно да се направи, дали ако го изодиш патот губиш нешто или можеш да добиеш многу. Трудољубивоста секогаш се исплатува. Кога човек ќе си постави цел, треба да го реди мозаикот полека, но сигурно до целта.
Читај бе: Традиција е…
Љупка: Традиција е сé она што правеле, негувале, твореле, граделе нашите баби, дедовци, мајки, татковци, во текот на живеењето. Сѐ она што човекот секојдневно го живее, повторува, станува дел од неговата обичајност, е традиција. Ако денес за нас претставува традиција секојдневието на луѓето во минатото, тогаш и ние пишуваме традиција за идните генерации.
Читај бе: Дали традицијата е дел од секојдневието и во вашиот дом? Дали семејството било “публика број еден” и ваша поддршка, како гледале на вашата работа?
Љупка: Како што напоменав, целото мое семејство е дирекно вклучено во негување, промовирање, презентирање и пренесување на нашата традиционална култура. Секогаш сме си најголема поддршка, но и најголеми критичари еден на друг.
Читај бе: За 20 години од сега се гледам како…?
Љупка: После 20 години, да сум здрава и жива, знам дека од орото и песната нема да се откажам, а останатото ќе си го донесе времето.