Теодор Николовски е 12-годишен тапанар од Битола кој од мали нозе е вљубеник во фолклорот и македонската традиција. Тој е ученик во ООУ „Даме Груев“, а во ова интервју ни раскажа нешто повеќе за љубовта кон тапанот и македонскиот фолклор.
Читај бе: Раскажи ни за твојата љубов, тапанот...
Теодор: Мојата љубов кон тапанот започна кога имав само 7 години. Потекнувам од семејство со музичка традиција, мојот дедо кој што свирел на кларинет и мојот вујко кој свири на истиот инструмент. Тие ми ја пренесоа љубовта кон тапанот и народната култура и традиција.
Читај бе: Какви ти биле почетоците со тапанот?
Теодор: Јас започнав да одам на часови по тапан и таму запознав одреден дел од музичката традиција. Одев 1 година, а потоа тапанот го усовршив со мојот наставник Александар Стефановски.
Читај бе: Како дојде до идеја да се запишеш во КУД Илинден- Битола?
Теодор: Многу спонтано, еден мој пријател се запиша и решив и јас да си ја пробам среќата. Потоа, од ден на ден стануваше се поголема и поголема љубовта и почнав попрофесионално да се занимавам со оваа работа која најмногу ја сакам и ја негувам.
Читај бе: Кој те насочуваше околу тоа?
Теодор: Најголема поддршка ми беа наставниците. Наставникот Александар Стефановски кој освен со играњето ми помогна да го усовршам и тапанот и за тоа сум му бескрајно благодарен. Потоа наставничката Вера Соклевска, наставникот Филип Јаковлевски и Никола Ангелковски. Потоа со мене продолжи да работи Славе Чапче Наумовски околу усовршувањето на тапанот.
Читај бе: Ти си добитник и на прва награда за тапан. Кажи ми нешто повеќе околу тоа.
Теодор: Исто така јас посетувам музичко училиште. Одам на часови по удирачки инстументи кај професорот Методија Мешковски и професорката по солфеж Татјана Крстевска Ковачевска. Бев на натпревар по удирачки инструменти каде ја добив првата награда поради професорот и мојот труд.
Читај бе: Идол ти е…?
Теодор: Идол по тапан ми е Христијан Николовски кој исто така изработува професионални народни тапани.
Читај бе : Омилено оро?
Теодор: Овчеполка и омилен сплет ми е Малешевка.
Читај бе: Како твоите пријатели реагираат на твојата љубов фолклорот. Имаш ли поддршка од нив?
Теодор: Од моите пријатели добивам убави коментари, ама има и деца кои што ми се потсмеваат и мислат дека тоа е старо и не е вредно да се негува.
Читај бе: Огнен и ти настапувате во македонско талент шоу и веќе сте дел од финалето на истото, како бевте прифатени од публиката и какви коментари добивавте?
Теодор: Јас и Огнен веќе сме во финале, се подготвуваме и работиме на тоа долго време. На публиката и оставивме голем впечаток и добивавме многу позитивни коментари од страна на нашите блиски и жирито.
Читај бе : Опиши се себеси со 3 збора…
Теодор: Темпераментен, интересен и весел.
Читај бе: Дали планираш музиката да биде твоја работа или тоа ќе го оставиш како талент и ќе му се препуштиш на времето?
Теодор: Имам многу планови со тапанот, ќе продолжам во КУД Илинден-Битола и планирам да се запишам во средното училиште „Илија Николовски -Луј“, а понатаму и на факултет по етнологија.