28-годишниот Филип Бешлич е роден битолчанец, кој детството и тинејџерските години ги поминува во Битола, за потоа да се пресели во Австралија, каде сега живее и работи. Уште од млади години го интересирал маркетингот, продажбата, социјалните медиуми и Facebook Ads, па не е ни чудно што денес има маркетинг агенција во Австралија.
Филип во интервјуто за Читај бе ја истакнува комуникацијата и активното слушање како главни водилки за успех во ова поле, а за психологијата на човекот посочува дека има што да се истражува и учи за да се постигне значителен успех во оваа индустрија.
Маркетингот бара истрајност, работа, истражување и подлабоко навлегување во виртуелниот свет. Поради тоа што секојдневно работите се менуваат, неоспорен е фактот дека треба да вложуваме и да инвестираме во едукација, првично за да се едуцираме самите, а потоа да го пренесеме стекнатото занење онаму каде што е потребно.
Читај бе: Поради твојата посветеност и одгворност кон маркетингот и активностите поврзани со оваа сфера, би сакала накратко да ни ја опишеш оваа активност и зошто баш избра отпочнување на кариера токму во ова поле?
Ова поле го избрав уште во раните средношколски денови. Ме интересираа социјалните мрежи и како истите функционираат. Уште на 16 години научив како да популирам големи Facebook страници и истите да ги продавам, односно изнајмувам на фирми. По одредено време се префрлив на платени реклами на Facebook кои ги користев за мојот мал бизнис, кафич, кој го отворив од првата заработка од Facebook страниците. Специфично за мене за таа возраст беше целата организација околу малиот фестивал посветен на електронската музика кој се одржа на ракометното игралиште во Битола. Уште тогаш со помош на Facebook Ads продадов околу 1000 карти. Чекор по чекор се надоградував, учев и постојано се едуцирав за новитетите во оваа свера. Денес сум целосно обврзан и работам со истото, помагајќи им на фирми кои продаваат различни сервиси да ја зголемат својата заработка токму преку правилно и паметно користење, обработување и менаџирање на Facebook и Instagram Ads.
Читај бе: Што работи една маркетинг агенција и кои се главните точки кои треба да ги обработи за постигнување успех на пазарот со безброј можности?
Има различни видови на маркетинг агенции, мојата е специфично наменета за социјалните медиуми и понекогаш Google Ads, но претежно Meta. Една од главните точки за успешна работа кои ги преферирам во мојот бизнис, во Австралија се добра маркетинг стратегија, проучување на психологијата, истражувања околу потенцијалниот клиент и неговите цели. Следната значајна работа е истражување на пазарот и компетиторите на потенцијалниот клиент. Што се однесува до техничкиот дел, обработуваме посебна страница и sms, email flow заедно со copywriting и дизајн. Работата е константа и се си течи нормално. На крај анализите и манџирањето на буџетот, како и таргетирањето се ,,јаготката на шлагот” (што би рекле во Македонија).
Луѓето често мислат дека силата е во лајковите и коментарите, тотално е погрешно ова мислење. Ние не се фокусираме многу на engagement (не би навлегол длабоко во оваа тема, затоа што на објаснувањата ќе им нема крај).
Целта на секој клиент, на крајот на денот, не е колку лајкови или коментари добил, туку колку пари заработил.
Читај бе: Колку е значаен маркетингот во отпочнување сопствен бизнис и што би им пренел на читателите од досегашното искуство?
Во денешно време ако не си активен онлајн е исто како да не постоиш. Моментално светот е насочен кон виртуелениот живот каде што секој си го наоѓа потребниот продукт или сервис. Ако не се истакнете онлајн било да е органски или платено, тогаш губите голема заработувачка. Секој платена или неплатена импресија на социјалните мрежи, верувајте ми, еден ден ќе се исплати, затоа бидете повеќе активни со вашите бизниси и не плашете да го потрошите маркетинг буџетот, доколку го поседувате, на платени ads. Заработувачката не доаѓа преку ноќ, но дефинитивно се исплаќа.
Читај бе: Бидејќи твојата маркетинг агенција е со седиште во Австралија, можеш ли да направиш споредба помеѓу развиеноста на дигиталниот маркетинг на тамошните простори со развиеноста на овие простори?
Моментално не сум многу во тек со македонскиот пазар. Знам неколку компании кои го работат ова и според тоа можам да кажам дека и Македонија се движи во добар правец, што се однесува до оваа индустрија. Имам соработувано со неколку луѓе и можам да кажам дека таму сè уште има талентирани и спремни луѓе.
Читај бе: Кои методи би ги издвоил за најефикасни за привлекување и задржување на клиенти на компетитивниот пазар?
Комуникацијата е клучот за долга соработка со клиентите. Слушањето е втората добра алатка за успех. Добрата комуникација и тимската работа со самиот клиент со цел да се совлада одреден проблем и да се стигне до решение се клучни. Да не се заборави, бидете искрени. Искреноста отвора магични врати.
Читај бе: Кои се најатрактивните трендови со кои твојата агенција се истакнува над останатите?
Секоја агенција има свој начин на работа. Ние лично ги гледаме нашите клиенти и нивните бизниси како наши. Ако губат тие, губиме и ние, ако тие добиваат, добиваме и ние. Moжам да кажам дека техничкиот дел ни е јака страна затоа што имаме изградено добар систем и алатки со кои не само што носиме резултаи, туку од истите ги дуплираме (без да трошиме екстра долари на Advertising).
Читај бе: Како се прилагодуваш на брзите промени во маркетингот и светот на технологијата?
Секогаш сум активен, многу читам, истражувам и следам што сè случува. Често трошам пари на учење нови алатки и софтвери поврзани со она што го правам. Секој ден учиме нешто ново и нема откажување, а уште помалку застанување.
Читај бе: Кои квалитети треба да ги поседува еден дигитален маркетер?
Што се однесува до техничкиот дел, се учи брзо. Она што одзема време е психологијата и тоа психологијата на самиот човек, за да знаеш како понатаму…
Читај бе: Кои се твоите најголеми успеси во последните години и кои се твоите надежи за во иднина?
Најголем успех за мене во однос на кариерата и работата е слободата. Можам да работам од било каде и во било кое време. Бев 8 месеци во Македонија, на одмор и сè беше под контрола, баш поради флексибилноста. Кога ќе изградите правилни системи и процеси сè станува полесно. Нормално дека ништо не е вечно и промени доаѓаат, но ајде да се откажеме од откажувањето.
Читај бе: Со која мисла би им се обратил, за крај, на нашите читатели и сите оние кои сакаат да го одат твојот пат? Кој би бил твојот совет за Македонија, со оглед на тоа што, сѐ уште дигиталниот маркетинг го сместуваме во групата на нерегуларни професии?
Не се плашете да одите по тоа што го сакате, било да е во кариера, било во друга сфера од животот. Преземајте ризици и акција. Македонија има доста талентирани луѓе и од она што го видов е многу побогата со талентирани млади, за разлика од периодот кога јас живеев таму.