Елена Андоновска е пејачка со богата кариера. Таа е и вокален солист во Ансамблот „Танец“. Во ова интервју таа зборува за нејзините песни, работата и кариерата во „Танец“, но и како соло уметник, за семејните обврски и воспитувањето на нејзините синови Јосиф, Андреј и Лазар, како и за љубовта и работните ангажмани со сопругот Марјан Андоновски.
Читај бе: Се сеќавате ли на моментот кога првпат почувствувавте дека музиката ќе ви биде судбина, а не само хоби?
Елена: Уште од раниот период на детството многу често настапував. Растев на сцена, во духот на македонската народна музика. Веројатно не станува збор за конкретен момент кога почувствував, туку за начин на живот и уметничко воспитување. По завршувањето на средното музичко училиште, веќе точно знаев која ќе биде мојата професија.
Читај бе: Колку вашето семејство влијаеше врз изборот да се посветите на фолклорот и традицијата?
Елена: Моите родители се поранешни играорци – всушност, така и се запознале. Како дете, присуствував на настани каде што учествуваа. Тие ми ја пренесоа љубовта кон македонската народна музика и ја поддржаа мојата желба тоа да биде моја професија.

Читај бе: Во едно интервју напоменавте дека една од најдрагите награди ви е гран-при наградата во Бугарија, каде што бевте најдобрата меѓу 600 учесници. Раскажете ни за тоа.
Елена: Многу ми е жал што тоа се случи во 2007 година, кога немаше можност да се промовираат успесите преку социјалните мрежи, како денес. Во тој период Македонија и „Танец“ ѝ дадоа голема важност на победата. Тоа е мојата најдрага награда и многу ми помогна во градењето на кариерата како вокален професионалец.
Читај бе: Што ве натера повторно да се вратите во „Танец“, со оглед дека во еден период бевте и професорка? Како одлучивте?
Елена: Имав избор – дали да се посветам на педагошката работа или на сцената. Некое време работев паралелно – и во „Танец“ и како професорка по народно пеење во Скопје. Но, поради мајчинството и сите обврски, морав да направам избор. Две години работев само како професорка, но сцената многу ми недостасуваше. Педагогијата е благородна, но јас не можам без сцената. Затоа се вратив во „Танец“.
Читај бе: Имате прекрасен, лесно прилагодлив глас. Зошто ја избравте токму македонската народна песна за ваша уметничка идентификација?
Елена: Уште од мала го примав македонскиот народен мелос природно, бидејќи потекнувам од семејство кое ја сакаше и почитуваше народната музика. Иако умеам да се снајдам во различни музички стилови, сметав дека треба да се изградиме во еден правец. Јас се чувствувам најмоќно кога пеам македонска народна песна. Истражувам, проучувам и имплементирам на сцена. Кога пеам на свадби изведувам и други жанрови, но народната музика е мојот личен печат.

Читај бе: На само 17 години добивте шанса да бидете солистка во „Танец“. Како изгледаше тој момент?
Елена: Првиот настап со „Танец“ го имав во јули 2006 година. Бев млада, но свесна за одговорноста. Бев внимателна во се – интерпретација, изглед, однос со колеги, сценски настап. Благодарна сум за поканата да бидам дел од ансамблот, и среќна што и денес сум дел од таа сценска магија.
Читај бе: Вашиот сопруг Марјан Андоновски е исто така уметник и колега во „Танец“. Тоа ви помага или претставува предизвик во приватниот живот?
Елена: Марјан е редок уметник. Професионален играорец и музичар – перкусионист. И двајцата сме етнокореолози и заедно работиме на сите проекти. Си помагаме и професионално и приватно. Се надополнуваме. Тоа ни помага да го балансираме семејниот и уметничкиот живот.
Читај бе: Кога решивте да градите и соло кариера надвор од „Танец“?
Елена: Во 2017 го објавив првиот солистички албум „Кој што ме чуе да пеам“, и тогаш започна се. Почнав да добивам покани за настапи како солистка и почувствував дека ми треба поголем простор за изразување. „Танец“ ме изгради, но таму сценскиот израз е ограничен. Сакав да придонесам повеќе за афирмација на народната песна.
Читај бе: Дали вашите деца покажуваат интерес за музика или етнокореологија?
Елена: Сè уште се мали, но покажуваат потенцијал и талент. Ако одлучат да го развиваат, ние со Марјан ќе ги поддржиме. Би ни било чест да ни бидат идни колеги.


Читај бе: Како изгледа едно ваше секојдневие?
Елена: Секојдневието ми е исполнето со домашни и семејни обврски. Со Марјан заедно се грижиме за редот во домот и за активностите на децата. Тука се и професионалните обврски – „Танец“, медиумски гостувања, настапи. Потребна е добра организација и поддршка од семејството.
Читај бе: Колку ве промени мајчинството?
Елена: Мајчинството ме промени како личност. Ми даде уште поголем мотив за работа и постигнување цели. Тоа не ме спречи, туку ме охрабри да вложувам повеќе, затоа што мојот успех е успех и за моето семејство.

Читај бе: Најавивте нов албум – „Никнало цвеќе шарено“. За што се работи?
Елена: Албумот е веќе испечатен и подготвен за промоција. Содржи десет македонски народни песни во современ етно-аранжман, препознатлив за мојот стил. Ова е мој трет албум, поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес. Ветувам дека ќе продолжам со уште позасилен интензитет.
Читај бе: Како ја правите селекцијата на песни за албумите?
Елена: Заедно со Марјан. Тој има голема улога во идејата и реализацијата. Се трудиме да има разновидност – стилови, жанрови, региони. Кога се работи за зачувување на народната песна, мора да се внимава на сè и да се задоволи пошироката публика.



Читај бе: Што друго може да очекуваме од вас оваа година?
Елена: Кон крајот на годината ќе одржам солистички концерт на една од поголемите сцени во Скопје. Работиме и на видео материјал што ќе го промовираме пред концертот. Има закажани настапи и во Македонија и надвор. Сите новости ги објавувам на мојата официјална Facebook страна.
Читај бе: Елена не е Елена без…
Елена: … семејството и музиката.
Читај бе: Ќе ве гледаме ли наскоро во Битола?
Елена: Во преговори е концерт за 2026 година. Со нетрпение очекувам да се реализира. Битолската публика има висок вкус и концертна култура – ќе ми биде чест да настапам таму.









