Бисера Ѓуровска од Скопје е 20-годишна студентка на Перотис Колеџ во Солун, каде што студира Меѓународен бизнис. Иако има богато искуство со младински размени и различни проекти во странство, ова е нејзиното прво подолго искуство на живеење надвор од Македонија. Од оваа академска година, го живее студентскиот живот во Солун, запознавајќи се со нови предизвици и можности што ги носи студирањето во меѓународна средина. Бисера иако има 20 години, зад себе има богато искуство како волонтерка, јавна говорничка, писателка…
Читај бе: Кажи ни, како се чувствуваш како млада Македонка во Солун? Што е тоа што најмногу те освојува во овој град?
Бисера: Секој град има свои позитиви и негативи. Солун ми се допаѓа затоа што навистина има многу за правење – многу музеи, места за излегување, има голем брег каде што може да се шета, да се зборува, да се седи. Знае да е многу романтичен град, но и град со многу историја и култура. На пример, Анаполи областа е нависитина убава историска област со многу урнатини и интересни градби.
Но, има и работи што не ми се допаѓаат. На пример, ми недостигаат многу моите пријатели во Скопје. Не можам лесно да се вклопам со некои од луѓето тука и не секогаш знам како да најдам информации за работите во Солун на англиски. Освен тоа, иако сум прилично прилагодлив човек, не е лесно да се адаптирам на сосема нова средина и нови правила. Тешко е да се пешачи на пределите кои не се во центарот на градот и за секаде да појдиш реално ти треба кола или добро да се снаоѓаш со автобусите.
Сепак, многу работи тука потсетуваат на Скопје, пример гласната музика што се слуша од колите кога поминуваат, брзото, некогаш неправилно возење, Балканските забави и сл.
Читај бе: Се сеќавам кога го одбра да го следиш твојот пат во Солун. Како изгледаше твоето заминување? Дали твојата креативност се развиваше пред или по доаѓањето тука?
Бисера: Месецот пред да заминам константно ми беше полна агендата со луѓе кои сакав да ги видам. Беше убаво дека разбрав колку многу ми значат луѓето, истовремено се чувствува како да ми е тешко, дека мислев со многумина од нив ќе се одалечам или нема да можеме да се дружиме како што сме се дружеле порано. Едно сабајле станав рано и знаев дека тоа е тоа, и дека почнувам нов стадиум во мојот живот. Ме носеа мајка ми и нејзина другарка до мојот факултет и седев во колата, на моменти плачејќи и размислувајќи на тоа што ме чека.
Искрено, мојата креативност не се има променето премногу, само за други намени ја употребувам. Помалку пишувам фикција додека сум во Солун и повеќе работам на други сфери, за кои исто така треба креативност. Пример, пишување на есеи, работење за моите сервисни часови (имам одреден број на часови што треба да ги работам за да ја зачувам стипендијата). Некогаш дури и ескпериментирам со шминка, дека сум послободна да се шминкам и облекувам како што сакам па можам да сум драг-крал за Halloween на пример или да имам поуникатен стил, иако сепак и во Скопје слично се изразувам.
Читај бе: Како се вклопуваш во академскиот свет во Солун? Дали твоите идеи за учење се некако поинакви од оние што ги имаше дома?
Бисера: Дефинитивно се чувствувам како да сум вклопена во академскиот свет тука. Предметите што ги имам, мене лично ми се лесни, но сепак се чувствувам дека имам многу нови работи научено или повторено. Освен тоа, професорите на мојот колеџ се високо образовани, добро предаваат и убаво се изразуваат, плус лесно се решаваат проблеми со нив. Додека во Скопје, иако има некои добри кадри и факултети, сепак многу потешко е разбирањето со професори и нивните предмети. Но верувам дека ова повеќе се однесува на тоа дека јас сум на приватен колеџ наместо на државен. Не ми се сменил односот кон учењето многу, само малку повеќе ме интересираат предметите од порано дека помалку се но потемелни.
Читај бе: Активизмот и креативноста често одат рака под рака. Како ги интегрираш во своето пишување и што е тоа што те поттикнува да ги претставиш твоите ставови преку колумни?
Бисера: Моите ставови сакам да ги искажувам генерално, не само во пишана форма, но сепак колумните се лесен начин на искажување кој може да дојде до голем број луѓе.
Активизмот го вклучувам во мојот живот на различни начини, а најмногу низ дискусии со моите врсници, волонтирање на моето време и труд кон различни организации и низ вметнувањето на моите ставови во она кое го пишувам. Освен тоа, самото тоа што се трудам да се едуцирам за политички, социјални и активистички настани околу мене го гледам како вид активизам, самото „замарање“ го гледам како акт против апатијата и незаинтересираност за активистички прашања.
Читај бе: Каква е твојата визија за иднината на младите жени во Македонија и регионот? Како можеме да создадеме простор за нивните гласови да бидат погласни и поотворени?
Бисера: Ова е долго и комплицирано прашање, па затоа заслужува и долг одговор. Сепак, во кратки црти, верувам дека поголем фокус на младите на секој начин е потребен. Не мислам дека едно нешто е одговорот. Не верувам дека само ако е подобро образованието или само ако има повеќе воншколски активности или само ако има повеќе социјални активности таргетирани кон младите, тогаш младите ќе бидат поттикнати да се погласни.
Односно, мислам дека треба да се фокусираме на повеќе аспекти на младинските права за да се охрабрат младите да го употребат својот глас. Треба подобро теоретско образование за да можат младите да се освестат за она кое се случува околу нив; повеќе можности преку проекти, пракси и слични активности за развој на своите вештини за да можат да се изразат кохерентно и да знаат каде да се обратат за своите проблеми и мислења; повеќе работни можности и подобар квалитет на живот за младите да гледаат иднина во оваа држава за да им е доволно значајно да го изразат своето мислење и да сакаат да се борат за нивниот став да е слушнат.
Мојата посакана иднина е младите да имаат многу повеќе можности за буквално сè, социјални младински активности како концерти, свирки, спортски настани, информативни и едукативни младински настани како конференции, семинари, образовни саеми, кариерни можности како пракси, работни тренинзи, итн. Освен тоа, поголема почит за и искреност кон младите од страна на постарите генерации е многу значајно за младите да можат да се чувствуваат комфорно да се изразат и да сакаат да се изборат за да има подобар квалитет на животот во нашата држава.
Читај бе: Низ твоето активно учество во различни кампањи, која е најважната порака што сакаш да ја пренесеш на луѓето околу тебе?
Ова е исто така тешко прашање, ќе посочам неколку пораки.
Прво, многу ми се допаѓа пораката дека можеш нешто да смениш, но мораш да имаш трпение. Односно, онаа промена која сакаш да ја направиш, особено ако е некоја општествена промена, висока шанса има да не се случи во твојот живот – но тоа не значи дека не контрибуираш кон нејзе со самото твое дејствување во сегашноста. Ако дејствуваш заедно со истомисленици преку активизмот, без разлика колку мала изгледа промената во сегашноста, сепак има некаков импакт кон луѓето, кон околината и дури и врз самиот себе си правиш импакт, иако тоа не го гледаш сега.
Пример за вакви акции е одењето на протест за повеќе каузи кои ти лежат на душа, пишување на дело со активистички цели и пласирање на истото на повеќе места, држење говор на настани, протести, дури и на мала публика, зборување со твоите врсници за битни теми и едуцирање за истите, подршка на истомислениците со добри зборови, фидбек за нивното дејствување, физичко присуство на нивни активности, па дури и финансиски донации кон некоја организација, и сл.
Сето ова контрибуира, дури и без да гледаш дека контрибуира, кон подобра иднина. Но секако, тоа е ако твоите вредности се на право место – односно каузите за кои се бориш се каузи поврзани со бранење на човечките права, животната средина, и подигање на квалитетот на живот во генерална смисла.
Освен оваа, една од најдобрите пораки за мене лично, колку и да е клише, е пораката дека се ќе е океј евентуално. Не го мислам ова во смисла дека само треба да веруваш во себе си или дека се ќе е супер ако манифестираш или нешто такво. Повеќе го мислам во смисла дека евентуално некако работите се решаваат. Да, ќе треба да работиш и да се трудиш и да се бориш за ти да ги решиш дел од нив, но тоа е тоа. Живот. А, пак друг дел од твоите проблеми знаат и сами да се средат. Повеќето проблеми што го имаме за неколку години нема да ни значат ништо и така евентуално некако само мора да се работите океј. Не го ни мислам како оптимизам туку како факт. Додека ние се замараме за тоа колку не-океј се работите, можеме да се замараме за тоа како да ги решиме или како да решиме други сфери од нашиот живот ако не гледаме решение сега за сега, така што мислам дека ова е и многу продуктивен начин на гледање на работите.
Читај бе: Кога пишуваш, кој е твојот процес? Се случува ли твоите идеи да доаѓаат во најнеочекуваните моменти, и како ги претвораш тие идеи во нешто што ќе допре до читателите?
Бисера: Мојот процес е микс на дисциплина за пишување, потреба од егото и од несебични причини да биде моето дело издадено како и допир на голема инспирација што само ме форсира да седнам и да пишувам. Односно, најпрвин добивам некоја голема идеја што многу ми се допаѓа, седнувам и пишувам план за истата, прв, втор, трет поднаслов, поделба по теми или хронологија. Потоа, имам период на релаксација кај што само го мислам тоа што сакам да го напишам, можеби читам за темата, можеби пишувам нешто друго додека темата ми е на ум, или можеби само мислам. Па, потоа доаѓа период на форсирање на себе си да седнам и да го завршам тоа што сум го почнала и зависно од тоа колку големо е делото, ми треба неколку саати или пак денови за да го завршам целосно. Сето тоа е предводено од мислењето дека мора да се искаже идејата што ми текнала, дека сакам да е издадено делото заради лично задоволство, и дека некако на некој мал начин му помагам на светот со издавање на делото.
Дефинитивно се случува идеите да оживеат на некој начин, и да дојдам до момент кај што ни јас не разбирам како ми текнало тоа што сум го напишала. Но мислам ова најмногу се случува кога сум инспирирана и седам и само пишувам. Мислењето е на второ место а на прво место е пишувањето, само ми текнуваат зборови, ги ставам на листот и потоа размислувам за истите и ги развивам идеите и концептот што некако ми светнал.
За тоа како моите дела ги допираат читателите, многу зависи од читателот. Некои луѓе сакаат кратки и концизни дела, некои луѓе сакаат светкави големи зборови и конфузни реченици, некои луѓе сакаат да се слуша уникатниот глас на авторот а на други им е битно само делото да звучи објективно и без некој авторски белег. Мислам дека моите дека допреле многу различни луѓе затоа што се трудам да имам различни стилови на пишување во различни моменти и за различни медиуми. Но во генерална смисла се трудам добро да пишувам. Не дека секое мое дело било добро, далеку од тоа, но секогаш сум се трудела и сум сакала да продуцирам нешто што лично не би ми било тешко да го читам а сепак ме инспирирало или не поттикнало да размислам за нешто или да запамтам некоја интересна информација.
Читај бе: Какви промени би сакала да видиш во својата професионална кариера?
Бисера: Сега не можам да зборувам за кариера дека уште сум студентка, така што прашај ме после пет-десет години.
Читај бе: На крајот, ако младите девојки од Македонија ти пишуваат за совет – што би им рекла за да го следат својот пат и да ја пронајдат својата креативност?
Бисера: Би рекла да се стават надвор од комфорт зоната и „надвор“ во генерална смисла. Кога видам надвор од комфорт зоната мислам да појдат на некоја работилница за нешто што не знаат, на некој настан што не би го посетиле, да се запознаат со нов човек кој не им изгледа како да би мислеле дека ќе се здружат. Секако, да не прават работи што сосема не ги интересира туку да пробуваат да прават работи што мислат дека нема да ги интересира.
А за концепт на „надвор“ имам да го кажам следното – повеќето млади луѓе во нашата земја, не само девојки, навистина немаат поим за сите можности кои ги нуди животот. Секако, никој не знае сè, вклучувајки ме и мене и многу постарите луѓе. Јас би рекла има многу работи што не ги знам, но сакам и се трудам да ги научам. Истото би сакала да го видам кај моите врсници. Информирање на себе си за она што се случува околу тебе, прашување прашања, гуглање на она што те интересира, барање на македонски стипендии, организации, воншколски активности, помош, било што, е многу подобро од тоа само да го правиш тоа што секогаш си го правел без да размислиш за тоа што всушност има „надвор“ од себе си. Не го мислам ова само како излегување од комфорт зона, дека веќе не зборуваме само за зоната што ти знаеш дека ти е комфортна, туку зборувам за излегување од зоната на сето она што го знаеш. Мора да се информираш. Како човек и да си, кои и да ти се целите, секогаш е подобро да знаеш повеќе наместо помалку.
Било кои две личности можат да имаат сосема различни карактери и цели во животот, но едно нешто што на никој не му пречи а вообичаено секогаш помага е знаењето и информираност за сето она надвор од тоа што ти е вообичаено или веќе го знаеш. Затоа сакам да ги поттикнам младите да се информираат за се.