Во светот на фудбалот, сè повеќе млади девојки ја рушат бариерата на машки спорт и покажуваат дека и тие можат да бидат подеднакво успешни на теренот. Една од нив е 13-годишната Магдалена Иломаноска од Битола, која со својот талент, посветеност и труд се истакнува како надежен голман. Членка на ФК Атлетико, таа неодамна доби повик во македонската У-15 репрезентација, што претставува голем чекор во нејзината млада кариера. Во ова интервју, Магдалена зборува за своите почетоци, тренинзите, предизвиците како голман, но и за нејзините големи соништа – да го брани голот на македонската А-репрезентација и еден ден да заигра за женскиот тим на Барселона.
Читај бе: Најнапред кажи ни нешто за себе…колку години имаш, каде учиш…
Магдалена: Јас сум Магдалена Иломаноска, имам 13 години и учам во ОУ„Тодор Ангелевски”, Битола и сум 8-мо одделение.
Читај бе: Како започна твојата љубов кон фудбалот и зошто избра да бидеш голман?
Магдалена: Мојата љубов кон фудбалот започна уште кога бев многу мала, секогаш се делев од моите сестри кои играа со кукли, јас играв со топка. На 6 години станав дел од Фудбалскиот клуб Атлетико. На почеток играв лев бек, бидејќи сум левичарка и шутирам со лева нога, но со текот на времето сè повеќе ми растеше љубовта кон голот.
Читај бе: Кој беше најголемата поддршка кога почна да тренираш?
Магдалена: Моја најголема поддршка кога почнав да тренирам и сè уште е татко ми.
Читај бе: Како изгледаат твоите тренинзи?
Магдалена: Моите тренинзи се поразлични од оние на соиграчите во тимот. Со тренерот за голмани почнуваме со загревање, работа на голот без топка лево и десно, работа со топка и вежбаме паѓање. Дополнително посетувам и тренинзи за голмани, надвор од рамките на мојот клуб.
Читај бе: Како се чувствуваш во тимот и што најмногу ти се допаѓа кај соиграчите?
Магдалена: Во мојот тим се чувствувам одлично, најмногу ми се допаѓа натпреварувачкиот и тимски дух која го има секоја од нас, како и големата желба за победи и успеси.
Читај бе: Дали имаш некој посебен ритуал пред натпреварите?
Магдалена: Пред натпревар секогаш гледам да бидам добро одморена, бидејќи многу е битно да бидам физички и психички спремна.
Читај бе: Како чувствуваше кога дозна дека си повикана во У-15 репрезентацијата на Македонија и каква беше твојата реакција?
Магдалена: Во Август месец минатата година, ми се јави мојот тренер Никола Гелевски да ме извести дека сум повикана од ФФМ во Романија, каде ќе одиграме два контролни натпревари. Одма и со голема возбуда ја прифатив поканата, бидејќи тоа беше мое прво искуство и можност да играм и тренирам со девојките од ФФМ. После тоа бев уште два пати во камп во Дојран за У-15.
Читај бе: Какви се твоите први впечатоци од тренинзите со репрезентацијата?
Магдалена: Тренинзите со репрезентацијата ми оставија голем впечаток и се едно искуство плус за мене.
Читај бе: Дали постои разлика помеѓу играњето за клубот и за репрезентацијата?
Магдалена: Постои разлика во играњето за клубот и за репрезентацијата. Во клубот со моите соиграчи тренираме по неколку пати неделно и ја знам формацијата за игра, а за репрезентација за една недела требаше да ја научам формацијата, бидејќи за мене тоа беа нови соиграчи.
Читај бе: Кој ти беше најтежок натпревар досега и зошто?
Магдалена: Најтежок натпревар до сега ми беше со клубот ЖФК Скопје 2014, цело време беа во напад.
Читај бе: Како се справуваш со притисокот и одговорноста како голман?
Магдалена: Да се биде голман е доста голема одговорност, често се соочувам со голем притисок, но гледам да не потпаднам под истиот и максимално се фокусирам на играта.
Читај бе: Како се чувствуваш кога ќе одбраниш гол и ќе придонесеш за победата?
Магдалена: Кога ќе одбранам гол и ќе придонесам за победа сум пресреќна, задоволна и горда на самата себе.
Читај бе: Кои се твоите фудбалски амбиции за во иднина?
Магдалена: За во иднина моите фудбалски амбиции се да бидам прв голман за А репрезентација, а најголема желба ми е да бидам повикана за шпанскиот женски фудбалски клуб Барселона.
Читај бе: Кој ти е омилен фудбалски голман?
Магдалена: Мој омилен фудбалски голман ми е David Raya, од омилениот клуб Арсенал.
Читај бе: Како го усогласуваш фудбалот со училиштето и другите обврски?
Магдалена: Фудбалот со училишните и другите обврски секогаш гледам да ги усогласам, да ги распоредам правилно бидејќи не сакам да отсуствувам од училиште, а истовремено сакам и сум редовна на секој тренинг.
Читај бе: Што би им порачала на девојчињата кои сакаат да почнат да играат фудбал, особено на оние кои сакаат да бидат голмани?
Магдалена: На девојчињата кои сакаат да почнат да играат фудбал им препорачувам да не се мислат многу, бидејќи и женскиот фудбал е убав спорт како и сите други спортови, кој допрва ќе се развива кај нас.