Во моментот кога се нашла од другата страна на публиката, таа сфати дека театарот е нејзиниот повик. Пишувањето за театарот. Раскажувањето приказни. Задоволството да се созадава уметност.
Тоа е Билјана Крајчевска, драматург, потписник на голем број претстави кои се одиграле не само на сцената на матичниот битолски театар…соработувала и со голем број познати режисери од Македонија, но и од Америка, Србија, Унгарија, Хрватска, Израел…
Ја запознаваме Билјана малку одблиску, за нејзиниот повик, пишувањето, но и работата со деца во „Фабриката за мечти“.
Читај Бе: Ќе започнам со прашањето: Од каде желбата за да се за запишете на студии по драматургија. Што е она што вас ве привлекло?
Билјана Крајчевска: Секој човек има некаква пасија што произлегува од квалитетите и недостатоците што нѐ опкружуваат и нѐ следат во животот,кои во различни периоди се формираат во секогаш други интереси. Така, пред да почнам професионално да се занимавам со пишување, истражував многу други работи во животот, студирав и завршив на педагошка академија, се пробував во областа на филологија, новинарството, ја сакав/м медицината едноставно се „барав“ каде „функционирам“ не толку беспрекорно, ами слободно. Никогаш не сум правела само-анализа – пред да почнам со пишување, во каква книжевна форма или литературен вид, но некако начинот на којшто се „движев“ – во „уметноста“, а тоа отсекогаш биле луѓето кои ме опкружуваа и чија поддршка и долги разговори ги имам и денес, па едноставно сето тоа, нормално со вроденото чувство и потреба за пишување ме насочи кон драматургијата, театарот, во што се потврди она со кое најмногу можам да го идентификувам мојот внатрешен свет.
Читај Бе: Дали до сега сте имале некаков предизвик во пишувањето, односно дали нешто кое сте го пишувале станало предизвик, било позитивен или негативен?
Билјана Крајчевска: Кој е мојот предизвик во пишувањето? Мојот предизвик се приказните. Јас раскажувам приказни. Секој може да ги раскаже приказните што јас ги раскажувам – пишувам. Но, јас се грижам за приказните додека ги пишувам, особено кога раскажувам документарни приказни, па и фиктивните, и кога преку нив треба да ги „исфрлам“ моите лични и автобиографски идентификации.
Читај Бе: Опишете ми го моментот кога дознавте дека театарот е вашиот повик.
Билјана Крајчевска: Тоа претпоставувам беше моментот кога се најдов од другата страна на публиката – со луѓето на сцената. Кога сфатив дека, покрај огромното задоволство да се создава уметност, просторот и времето во театарот се огледало на сите витални прашања преку кои на заедницата, општеството во кое живееме им се оформуваат сите колективни одговори.
Читај Бе: Да би можеле повторно да се вратите во вашите дваесетти што би ѝ рекле на таа Билјана? Дали можеби ќе и дадете некаков совет?
Билјана Крајчевска: Кога би се вратила во детството, би си посакала да имам повеќе храброст и одлучност за она што до ден денес е интегрален дел од мојот детски идентитет – фантазијата, креацијата и безрезервната љубов кон светот што произлегува од духовноста на едно човечко битие – а детето го носи како дар. Да ги запишувам и паметам приказните кои ги слушав од моето семејство. И да читам и да пишувам уште повеќе. Имаше едно четиво кое ми остана уште од малечка – за дете што сакаше да напише книга, но безуспешно, иако секој ден од библиотеката читаше многу книги. Па еден ден реши да ја „кине“ од секоја прочитана книга најубаво испишаната страница и да ги „лепи“ во „своја книга“…разврската е неважна, но тоа е и смислата на пишувањето и драматургијата, секогаш нештата да те инспирираат да создадеш свое „дело“… Тоа го препорачувам на сите деца, да се охрабрат да креираат на сопствен и својствен начин…некаков совет.
Читај Бе: Претстава и режисер која ви оставил најголем впечаток во врска со темата која ја обработувале или со начинот на работа?
Билјана Крајчевска: Мојата работа како драматург дозволува секогаш нов пристап и поинаквост во соработката со различните режисери и работењето на различни претстави и проекти. Како секогаш да се почнува од почеток, без разлика на огромното искуство кое го поседуваш, зашто театарот не уметност како склоп на засекогаш утврдени поетски и естетски знаења, ами постојано истражување во секоја област, особено во сферата на човековите емоции. Затоа, секоја нова соработка се издвојува како посебна. Благодарение на театарот во кој сум вработена НУ Народен театар – Битола, сум работела со режисери од Македонија, како и од Америка, Србија, Унгарија, Хрватска, Израел, на претставите на режисерите на Нада Кокотовиќ, Андраш Урбан, Игор Вук – Торбица, Кокан Младеновиќ, Итаи Дорон, Џон Блондел, Лука Кортина, Драгана Милошевска, потоа и независни проекти со Јасмина Василева и Ивица Димитријевиќ; со Јован Ристовски, проф. д-р Сашо Димоски, писател, драматург и театролог чија долгогодишна соработка на ИФАД Стоби е иманентен дел за развојот и препрочитот на современото драмско писмо итн. Режисерката Софија Ристевска – Петрушева е многу важен дел од мојата идеолошка театарска рамка, со која веќе долги имаме тимска соработка на темите на феминизмот, социјално-политички ориентиран и ангажиран театар на независна сцена – Интимен театар и театарска школа за деца вокоја го продолжуваме и охрабруваме нашиот театарски идентитет, особено преку работата со девојчињата.
Читај Бе: Што им е потребно на денешните деца?
Билјана Крајчевска: На децата денес им е потребно бестрашно да ги испробуваат своите знаења, таленти и афинитети во многу научни и уметнички дисциплини, да не се откажуваат толку лесно од својот избор – зошто ова конзумеристичкоопштество нуди инстант знаења и замени за образованието кое е дискутабилно и на кое сите треба да работиме – и најважно да уживаат во она што го прават, да не се идентификуваат тука така со „потрошувачката култура“, за еден ден да станат иден општествен коректив.
Читај Бе: А што вам?
Билјана Крајчевска: Потребно ми уште многу да учам и теоретски и емпириски од овде и низ светот, зарационално и емпатично да излегувам во пресрет на современите општествени и театарски промени, кои ќе ги прифаќам или коригирам – критикувам преку моето „писмо“.
Читај Бе: Кога би можеле да направиме една ретроспектива на вашето детство, што е она по што ќе го паметите детството?
Билјана Крајчевска: Детството го паметам по сите ситни нешта што предизвикуваат огромна радост и безрезервна љубов што се добива и дава.
Читај Бе: Што е она што го правите со задовоство?
Билјана Крајчевска: Уживам во моето семејство, во внуците и пријателите, во мојата работа, уживам да запознавам нови луѓе, уживам во природа и да откривам нови места со мојот партнер, уживам да работам со деца,уживам во секоја уметност која ме инспирира, уживам да подарувам, да пренесувам знаење, уживам да чистам, да љубам – што љубам, уживам да јадам чоколада.
Читај Бе: Вие имате и една „друга професија„ – Вие сте наставник во театарската школа „Фабрика за мечти“ веќе долг период. Дали е работата со децата еден вид предизвик и одговорност?
Билјана Крајчевска: Театарската школа – Фабрика за мечти е еден прекрасен проект на Интимен театар – на Софија Ристевска – Петрушева, со чија заедничка замисла и напор, овие 8 години постоење (како група за деца и група за младинци) се структурираат театарски и драмски материјали во практична и теориска смисла – функционирајќи буквално на принципот на факултетите за драмски уметности – во „мало“ со сето искуство што го имаме како театарски режисер- Софија Ристевска – Петрушева и драматург Билјана Крајчевска, како и преку соработката со професионалци од различни области – Маја Андоновска Илијевски, Никола Пројчевски, Катерина Аневска – Дранговска, Валентин Дамчевски, Сандра Грибовска, Анастазија Христовска (актери), Кире Миладиновски, Борис Богдановски (кореографи), Александар Талевски (композитор и музички дизајнер), Томе Ѓорѓиевски (светло мајстор), Андреј Папаз Ѓоргиевски (костимограф), па Ана Жежовска, Тања Божиновска и Билјана Димовска – професорки по пијано и многу други кои оваа школа ја ставаат во областа на професионализмот. Низ оваа школа поминале околу 200 деца, а во областа на актерската уметност веќе се оствариле и многумина од нив.
Моето остварување како едукатор и наставник во работата со деца е најголемото задоволство но и одговорност и предизвик да се биде подобар учител – учејќи од децата; постојано преиспитување во однос на современите генерации чиишто потреби за знаење и стил на живот наметнуваат нови дискурси на театарот. Тие го менуваат.
Секогаш, и пак ќе кажам благодарение на преземањето на ризици и истрајноста на Софија Ристевска – Петрушева, мојата прекрасна пријателка и соработничка, во школата ја вложуваме нашата безрезервна љубов и работна исполнителност – зашто не само преку театарските форми туку и етичкото воспитание што го истакнуваме во процесот на совладување на задачите, ја прават смислата на театарот – силни, одлучни, храбри, емпатични и среќни деца.
Читај Бе: Театарот е….?
Билјана Крајчевска: Театарот е фасцинација, инспирација. Театарот поврзува. Се надевам дека тоа што го правам, или само моменти од она што го правам, може да биде инспирација која поврзува сѐ во еден бесконечно слободен и креативен простор за сите.
Читај Бе: Да направиме една споредба на театарот порано и сега, што е поразлично? Што е она што се променило?
Театарот се менува како што се менуваат луѓето и општеството. Разликите се во новите технологии, барање на различни типови на изразни средства, во начинот на перформирање. Најважно е дека приказните од пред илјадници години остануваат исти, но се контекстуализираат во денешницата, нудејќи мисла која соодветствува со современиот гледач.
Читај Бе: Што е она што следно можеме да го очекуваме од вас ? На каков проект работите?
Билјана Крајчевска: Во моментот ја работам претставата Вујко Вања во НУ Народен театар – Битола во режија на Софија Ристевска-Петрушева, која ќе биде моја 7 премиера во овие два месеца интензивна работа. Премиера 26 јануари. Повелете.