Во тешки моменти, доволно е само да ја подигнеме главата и малку да разгледаме околу себе. Таму ќе најдеме многу светли примери и инспирации за да продолжиме понатаму. Една таква инспирација е 13-годишната Елена Тунтевска од Битола, девојче со телесна попреченост. Неодамна ја доби наградата од Фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“ за континуиран одличен успех во сите години и примерно поведение. Елена не дозволи нејзината телесна попреченост да ѝ застане на патот, туку упорно и борбено ја користи секоја можна прилика водена од мотото дека „сѐ се може, ако се сака“, со многу работа, многу труд и многу љубов. Најголема поддршка ѝ е Јана, нејзината сестра-близначка и нејзиното семејство. Елена ни откри кој ѝ е најомилен предмет на училиште, дали сака да чита книги и ни откри што би направила доколку би имала волшебно стапче.

Елена

Читај бе: Елена, најнапред честитки за наградата! Може ли да ни кажеш како се чувствуваше кога дозна дека доби награда од Фондацијата „Проф.д-р Љупчо Ајдински“?

Елена: Ви благодарам од срце за честитките! На конкурсот ме пријави дефектологот од моето училиште и кога дознав дека јас сум добитникот на наградата од Фондацијата „Проф.Др.Љупчо Ајдински“ бев пресреќна. Многу бев горда на себе и задоволна. Бев поканета од  страна на претседателот на фондацијата госпоѓа Ајдинска да присуствувам на доделувањето на наградите. Бев пречекана со големо внимание што ме направи посебно горда. Им благодарам и ним од срце што баш мене ме избрале за добитник на нивната награда.

Читај бе: Што значи оваа награда за тебе, кој ќе ти биде мотивот за во иднина?

Елена: Оваа награда за мене е од големо значење и важност. Ми претставува голем мотив да продолжам со учење, да се докажувам себеси во иднина и да постигнувам понатамошни успеси.

Елена

Читај бе: Кажи ни нешто повеќе за себе…кои се твоите афинитети, што правиш во слободно време…

Елена: Јас имам 13 години и сум редовен ученик во 8-мо одделение во ООУ „Свети Климент Охридски“ од Битола. Јас имам сестра-близначка која се вика Јана. Јана ми помага многу дома и на училиште, таа и моето семејство ми се најголемата поддршка во животот. Во слободно време гледам филмови и серии, творам, плетам (амигуруми) играчки од вуница, слушам музика, се дружам и играм со сестра ми.

Читај бе: Кој е твојот најомилен предмет, а кој предмет не го обожаваш многу…

Елена: Па воглавно сите предмети ги сакам, но ако мора да издвојам би го издвоила македонски јазик како мој омилен предмет. Предмет кој не го обожавам баш и не можам да издвојам некој посебно.

Читај бе: Дали сакаш да читаш? Кој жанр книги сакаш да ги читаш и дали имашнајомилена книга?

Елена: Да. Сакам да читам книги, но немам одредено баш некоја омилена книга. Сакам книги во кои има детективски откритија, мистерии и авантури и случки од секојдневниот живот. Последната книга која сум ја прочитала е „Марта“ од Горјан Петревски.

Читај бе: Доколку имаш волшебно стапче, што би сакала да промениш?

Елена: Да имам волшебно стапче би променила многу работи.  Би направила да можам да одам. Би го направила градот во кој живеам подобро место за живеење за лицата со посебни потреби. Би направила да има повеќе пристапни места, би ставила рампи и лифтови насекаде за послободно функционирање.

Елена

Читај бе: Што е она што те прави среќна?

Елена: Среќна ме прават многу работи! Среќна ме прави сестра ми, моето семејство кое бескрајно го сакам. Среќна ме прават прошетките, дружењето, патувањата. 

Читај бе: Кажи ни нешто за твоите другари и другарки…

Елена: Воглавно моите другари и другарки се моите соученици. Тие се посебно внимателни со мене и многу ми помагаат во училиште.

Читај бе: Што е она што најмногу ти смета или пак ти го попречува движењето низ градот? Имаш ли порака по однос на тоа?

Елена: Нашиот град е многу тежок за слободно функционирање, тоа многу ми смета бидејки има многу малку пристапни рампи, едноставно самостојно не можам да се движам и секогаш мора да барам помош и придружба. Доколку се промени пристапноста во градов, тогаш јас би можела сама да се движам.

Елена

Читај бе: Која е твојата порака која сакаш да ја испратиш до сите, а особено до твоите врсници?

Елена: Имам безброј пораки кои сакам да ги испратам до сите, затоа што сите треба да разберат дека „сѐ се може, ако се сака“. Со многу работа , многу труд и многу љубов, сѐ се може ако се сака.

Читај бе: И на крај…што е она што посакуваш во иднина?

Елена: Јас засега во иднина посакувам да учам психологија, а потоа да станам психолог. Исто така сакам да прошетам многу земји, повторно да го посетам градот Доха и да научам барем уште еден странски јазик.

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Битола незаслужено го изгуби својот сјај и статус во регионов – одблиску со Силвана Петрова-Насух

Нејзиниот глас одѕвонува во документарни филмови, на културни и музички манифестации. Едноставно,…