Начинот на живот понекогаш може да не спречи да го правиме она што го сакаме и она во што уживаме. Но, кога креативноста не може да стои потисната длабоко внатре во душата, тогаш таа ќе си најде начин и ќе излезе. Гледајќи ја најновата пролетна колекција рачно изработен накит на Менче Хаџи-Коста Милевска од Битола, односно нејзиниот бренд La Maison De Costa, човек може да ја почувствува таа креативност, инспирација од природата, од секојдневието, инспирација која на многу едноставен начин ги прави среќни луѓето. А богами, ја прави среќна и Менче, која ужива во оваа нејзина дарба. Поразговаравме малку со неа за начинот на изработка на накитот, од што се прави, колку време и е потребно за изработка, но и од каде ја црпи својата инспирација.
Читај бе: Менче, кажи ни нешто повеќе за брендот La Maison De Costa, колку време постои…кога започна со правење накит, кој беше поттикот да се започне…кој беше моментот кога сфати дека сакаш рачно да изработуваш мали уметнички дела…
Менче: Приказната на La Maison De Costa започнува во 2018 година, на едноставен и ненаметлив начин, без многу експонирање. Накит започнав да изработувам во средношколските денови, но само за себе и за другарките. Изработката на накит за мене е форма на креативна реализација, во која комбинирам различни техники, од цртање, сликање, декупаж…
Секогаш се шегувам дека за мене тоа е форма на медитација, а сепак тоа можеби е најблиску до вистината. Креативниот процес од идеја до реализација, воедно е процес на трансформација на негативната енергија од секојдневниот стрес кој на сите ни е познат, во нешто мало и убаво, кое зрачи со сопствена-позитивна енергија.
Читај бе: Убавината на рачно изработениот накит е некако поинаква, персонализирана…од каде ја црпиш инспирацијата, како ги добиваш идеите?
Менче: Мислам дека идеите се бесконечни, а инспирацијата е неисцрпна. Најчесто природата, понекогаш дури и секојдневни предмети погледнати од поинаков агол можат да ме инспирираат. Но, сепак најомилена инспирација ми е музиката, тогаш создавам „мини дела“, без конкретен план , едноставно ја преточувам музиката во бои и форми онака како што ја доживувам. Тие парчиња се всушност вистински уникати, кои не би можела а и не би сакала да ги повторам.
Читај бе: Што е она што ти го изработуваш и какви материјали користиш?
Менче: За изработката на накит користам полимерна глина и епоксидна смола, материјали кои стануваат се попопуларни. Ги комбинирам со техники на сликање, колажи… сакам да експериментирам и континуирано учам од резултатите, но и од грешките.
Читај бе: Колку време бара изработка на еден пар обетки на пример?
Во зависност од моделот изработката трае од 5 до 7 дена.
Читај бе: За рачната изработка на накит е потребно доста трпение, слободно време…кога го пронаоѓаш слободното време или вистинскиот момент?
Менче: Изработката на накит во овој момент за мене е хоби, па работам во слободното време. Приоритет ми е завршување на професионалните и фамилијарните обврски, па потоа доаѓаат „слободните активности“. Во еден период го имав запоставено моето хоби, но лекцијата која ја научив беше дека времето лета пребрзо за да се чека вистинскиот момент. Гледам да посветам најмалку половина час во текот на денот, бидејќи сфатив дека времето потрошено креативно ми дава енергија и подобар фокус при другите активности.
Читај бе: Каква е побарувачката кај битолчанки за рачно изработен накит?
Менче: Можеби рачно изработениот накит не е првиот избор на повеќето жени поради доминацијата на евтиниот накит и брзата мода, но интересот за рачните изработки расте и преференците се менуваат. Битолчанки се познати по својот моден стил, и знаат да ценат и вреднуваат рачно изработен накит. Кај дел од нив се јавува и момент на „колекционерство“ на накит и модни аксесоари од различни дизајнери со кои го збогатуваат својот „аутфит“, секогаш се уникатно дотерани и се вистинска модна инспирација.
Читај бе: Што е она што најмногу се бара?
Менче: Најбарани парчиња се рачно насликаните обетки и ланчиња, но и брошевите се чест избор. Се трудам секогаш да имам различни парчиња накит, за секоја клиентка да може да се пронајде во некој од моделите.
Читај бе: Твојата нова пролетна колекција внесува една свежина. Кога се гледа во накитот едноставно човек го обзема чувство на среќа и свежина гледајќи ги пролетните мотиви…кажи ни нешто повеќе за пролетната колекција…
Менче: Пролетната колекција е со едноставен дизајн, во моделите доминира бела- чиста основа со цветни мотиви.
Пеперутките се носечкиот дизајн на колекцијата, и ја симболизираат слободата и радоста.
Во ова време на сите ни се потребни среќа и насмевки, па таа потреба е отсликана на сите модели во колекцијата, веселите мотиви се дар за оној кој ќе го носи накитот.
Читај бе: На крај една порака до битолчанки…зошто да купуваат рачно изработен накит?
Преку личниот моден стил се отсликува стилот на живот и нештата кои вистински ги вреднува една личност, а тој се дополнува и истакнува преку накитот и аксесоарите.
Кога купувате рачно изработен накит можете да бидете сигурни дека ќе поседувате уникатно парче. Дури и два модели кои на прв поглед изгледаат „исто“, никогаш не можат да бидат изработени идентично.
Бидете свои и уникатни во модното изразување 🙂