Ангела Здравковска е пејачка и магистер по право на интелектуална сопственост. Родена во Берово, често го спомнува и со гордост зборува за него. После една долга пауза, пред 3 месеци објави нова песна под наслов „Си заљубив едно моме”, а во подготовка е и нов албум.
До пред 5 години Ангела не можеше да замисли дека повторно ќе се врати на музиката. После тешка операција на мозокот предизвикана од инфекција (абцес), тогаш 28-годишната скоро неподвижна девојка, денес е горда на себеси за патот кој го изоде и се избори да е тука. Минатата година истрча два маратона, а годинава повторно се врати во студио.
Ова е нејзината приказна – прочитајте во интервјуто за музиката, тешкиот период во нејзиниот живот и борбата за живот.
Читај бе: Која беше причината, зошто се повлековте од музичката сцена долг период и не снимавте песни?
Ангела: Всушност јас никогаш не се повлеков. Но, првенствено не снимав и не пеев поради тоа што живеев во странство две години. Се посветив на други работи кои во тоа време ги сметав за важни. Од музиката никогаш не се одделив.
Читај бе: Уште колку долго ќе го чекаме албумот ? И кога ќе почнете со концерти?
Ангела: За добрите работи треба време и воопшто не се брзам. Се надевам барем уште 2-3 песни да снимам до крајот на годината. Концертите засега за мене лично се голем залак. Да, силно посакувам и би сакала тоа да ми се оствари еден ден.
Читај бе: Раскажете ми за шоуто со Вучиќ “Мак ѕвезди”…
Ангела: Тоа е моја адолесцентска емоција и мој прекрасен спомен од кој излегоа една добра генерација музичари и пријателства. Денес сум посебно горда на Влатче – Лозано, Ема Мицевска – која освен што одлично пееше денес е успешна актерка, Кирил Митоски од Маестро, Петре Штерјев – кој го живее својот сон во Белгија. На сите колеги и себеси вклучително.
Читај бе: Кажете ми за вашето Берово. Што претставува тоа за вас? Што научивте таму? Колку често му се враќате на Берово?
Ангела: Јас и Берово имаме нераскинлива врска. Тука пораснав ги стекнав сите вредности и знаење. Тука ми се случи првата љубов, тука првпат запеав. Берово се моите пријатели и фамилија. Мојата љубов. Берово е местото за кое знам ако повторно се родам, повторно би избрала тука да живеам.
И еве ме денес назад. Тука го креирам своето катче.
Читај бе: Ангела да не е пеачка би била…?
Ангела : Стјуардеса најверојатно. Така знаат да ми речат најблиските.
Читај бе: Како од магистер по право преовлада тоа да станете пејачка?
Ангела: Видете, пеењето не е избор на кариера, тоа е начин на живот и човек треба да знае да се носи со тоа. Јас си имам моја мала публика и го знам тоа. Но, и покрај тоа што позади мене имам авторски песни се уште не можам да се наречам пејачка. Мислам дека имам уште корки леб за јадење, но добро, и Тина Танер на нејзини 44 so What’s Love Got to Do With It стана најпопуларен женски вокал, и во периодот меѓу 40 -50 години беше нејзиниот најголем подем во музичката кариера, па веројатно има време и за мене.
Читај бе: Која е таа една личност на која ќе сте и вечно благодарна?
Ангела : Пред сé сум благодарна на Бога, па на себеси и на луѓето кои ги поминаа најтешките моменти со мене.
Читај бе: Имавте тежок период од животот, имавте абсцес на мозокот и од тоа излеговте како една хероина и како еден победник. Како се сеќавате денес на тоа време? И што би и рекле на таа Ангела од оваа перспектива?
Ангела: Воопшто не се сеќавам на минатото. Баш пред некој ден со другар пишувавме доколку би имале временска машина дали би отишле во минатото или иднината. И да можам да се вратам таму, не би отишла бидејќи во тоа време не припаѓам повеќе. Сегашноста е таа што е важна и моментот што го живееме.
Денес велам: Енџи, успеавме! Секој ден, во секој поглед се повеќе напредувам.
Реално има уште многу за одење, но тој процес само го уживам. Мислам дека исплашената, скоро неподвижна, девојка од 28 години која не знаеше кај тера првите 2 години е много горда на мене денес.
Читај бе: Како феникс од пепелта се издигна „Си заљубив едно моме”. Што ве натера после толку време да снимате повторно песна? И зошто баш оваа?
Ангела: Му ветив на татко ми дека ќе оставам белег на мојот крај како што некогаш тоа го правеле Дучевски, сестрите Мавровски, маестро Чавдарски. Идејата е да се слушнат убавите мелодии кои излегле од Малешевијата и дека освен сирење и добра ракија имаме и уметници со кои можеме да се пофалиме.
Читај бе: Вашето детство беше…?
Ангела: СРЕЌНО!
Читај бе: Пријателите ве опишуваат како позитивна, насмеана, ексцентрична и брутално искрена и велат дека микрофонот секогаш и секаде завршува кај вас. Колкава поддршка се тие во вашиот живот и дали има вистина во овој опис за вас?
Ангела: Ексцентрична ме мачи малку, но и така нека биде ете, необична сум, да. И ако така ме опишуваат моите пријатели, јас сум среќна жена. Да, но и би додала дека себеси се доживувам за девојка која сака луѓе и е скромна во изборите што ги прави.
Читај бе: Има луѓе кој што се соочуваат со слична или иста здравствена состојба, што ќе има кажете нив? Како ќе ги поддржите во таква ситуација?
Ангела: Ова е состојба, која се надминува доколку човек работи на себе, себе-сакање и себе-прифаќање. Јас не можам да им порачам ништо повеќе од тоа дека себеси треба да се стават на прво место и да си ги отворат хоризонтите. Да, доколку сакаат да разговараат јас сум достапна на социјалните мрежи и сакам да разговарам и да бидам поддршка некому, бидејќи и мене ми било потребно истото во даден момент. Може да ме најдете на ИГ kalesh.angja и на фејсбук Angela Zdravkovska