Деветгодишната Костантина Андонова штотуку заврши трето одделение во ОУ „Даме Груев“-Битола. Како и за секое дете, летниот распуст за неа претставува извор на среќа, игра со сестра си близначка Љубица, игра со другарите, но и време за читање.
Уште од моментот кога се запозна со буквите, Костантина ја откри моќта на пишаниот збор. Оттогаш, таа редовно не само што чита, туку и сака да пишува. А како круна на нејзниниот талент се редат награди. Во категоријата млади автори на осмата меѓународна манифестација „Охридски поетски бисер“ во манастирот „Свети Кузман и Дамјан“ во село Опеница, Охрид Костантина ја освои првата награда со „Песна за мојата мајка“. Исто така, оваа година Костантина освои прва награда на републичкиот литературен фестивал „Мали ѕвездички“ со песничката „Зима“, во организација на „Златно перо“, заедно со сестра си освоија прво место во видеото насловено како „Демонстрирање со Теслин трансформатор“, на меѓународниот натпревар организиран од MILSET Europe на тема „Магнетизам“…
Песна за мојата мајка
Мојата желба е
на небо да бидам,
секаде да гледам,
мама да ја видам.
Да исткаам килим
од шарени цветови,
пролет секогаш да блика
во нејзините прекрасни очи.
Најголема ѕвезда
да ѝ подарам,
за да ѝ кажам:
„Мамо, за сѐ ти благодарам“.
Костантина Андонова IIIб одделение
ОУ „Даме Груев“-Битола
Како мотив, поттик и инспирација за другите деца, поразговаравме со Костантина која ни откри кога започна да пишува, која беше првата книга која ја прочита, која е нејзината инспирација за пишување и нејзината порака до врсниците.
Читај бе: Костантина, најнапред кажи ни од кога почна да пишуваш…кога се роди љубовта кон пишаниот збор?
Костантина: Откако почнав да ги учам буквите, потоа нивното поврзување во зборчиња со значење, почувствував моќ да си поигрувам со нив, вешто создавајќи успешни обиди за пишување.
Читај бе: Која е твојата прва творба која ја напиша, за што пишуваше?
Костантина: Мојата, односно нашата прва творба што ја напишавме со мојата сестра близначка Љубица беше „Првачиња“, која што ја има во збирката „Палаво детство“, која е во електронска верзија, а се зборува за нашиот прв ден в училиште
Читај бе: На манифестацијата „Охридски поетски бисер“ ја доби првата награда за млади автори за „Песна за мојата мајка“. Како се реши да пишуваш песна посветена на мајката и дали твојата мајка ти беше инспирација?
Костантина: За мојата љубов и воодушевување спрема мајка ми секогаш сум расположена да пишувам. Да, мајка ми ми е инспирација, ѕвезда водилка и сакам да сум успешна во работата како неа.
Читај бе: Колку сакаш да читаш и колку често читаш? Дали повеќе сакаш проза или поезија?
Костантина: Многу сакам да читам и така си го исполнувам своето слободно време. Повеќе сакам да читам проза, затоа што уживам да прераскажувам и фантазирам.
Читај бе: Која беше првата книга која ја прочита, а ти остави голем впечаток?
Костантина: Првото дело што го прочитав беше „Паскулина и Бурсунсул“, а книга што ми остави голем впечаток беше „Спирко немирко“, бидејќи во неа пронајдов многу згоди и незгоди што ми се случиле мене или на моите другарчиња.
Читај бе: Освен лектирите, што друго сакаш да читаш?
Костантина: Сакам да читам приказни со животни, детски енциклопедии со кои повеќе сакам да го осознавам светот, како и за мистериозната вселена.
Читај бе: За што најмногу сакаш да пишуваш, која ти е омилена тема?
Костантина: Најмногу за мојата мајка, годишните времиња бидејќи секое има своја убавина, случките на училиште, моменти од екологијата. На пример, пред една година напишав за последиците од светлинското загадување. Неодамна, напишав и за тоа колку сме ние среќни што живееме во мир и спокојство, наспроти моите другарчиња кои се несреќни дека има војна.
Читај бе: Кој е твојот најомилен предмет на училиште?
Костантина: Мојот најомилен предмет на училиште е македонски јазик. Но, имам чувство дека тој час ми трае најкратко, бидејќи со преголема љубов и внимание следам се што се случува на него.
Читај бе: Дали можеби те привлекуваат природните науки? Би сакала ли да тргнеш по стапките на твојата мајка која е наставник по физика?
Костантина: Да, премногу ме привлекуваат. Учиме, но и експериментираме за да го сфатиме и совладаме наученото. Да, би сакала да имам необични работи како што има во нејзиниот кабинет: модели на планети, космички сонди, магнети, Теслин трансформатор. Со трансформаторот демонстриравме и со сестра ми направивме победничко видео, каде објаснивме како од електричната искра што ја создава тој сами светеа светилките што ги имавме во рацете.
Читај бе: Кажи ни кое е твоето хоби? Како ќе го поминеш летниот распуст?
Костантина: Сакам да си играм со сестра ми, да уживам во светот на играчките што сами го креираме, да поминувам време со моите другарчиња. За време на летниот распуст ќе уживам во прошетките во природа, ќе одам на летување на море и езеро и секако ќе најдам време за читање.
Читај бе: Која е твојата порака кон врсниците…
Костантина: Пораката е : Да другаруваме, да се сакаме и помагаме, да царува љубов и мир во цел свет. Исто така, да ја чуваме, негуваме и сакаме природата.