По мотото „Од корените до цветот“ од 18 јули започнува Републичкиот фестивал на народни песни и ора „Илинденски денови“. 52-то издание на овој фестивал ќе трае до 30 јули, за прв пат ќе трае 12 дена со бројни содржини и голема програма, различна во својот стил и за сечиј вкус.
– Фестивалот е гордост на Центарот за култура Битола, на него работиме 365 дена во годината, тој е единствен фестивал со Циофф сертификат во нашата држава, фестивал кој пред 52 години бил семе од кое се ‘ртела идејата за тоа како треба денес да изгледа, а денес е фестивал во кој што ние како работници и љуботели на фолклорот уживаме во цветот и во реномето кое фестивалот го има на светско ниво. Од година вo година фестивалот расте и добива на квалитет, изјави Маја Андоновска Илијевски, директор на Центар за култура Битола.
Оваа година започнуваат малку порано, со новина, односно со Интернационалниот етнографски филмски фестивал кој свечено ќе биде отворен на 18 јули. Селектор на фестивалот е Тони Гламчевски, ќе се прикажат 11 филмови, од кои 6 долгометражни. Според Андоновска Илијевски, го гледаат како сериозен проект кој во иднина ќе има посериозен печат и ќе служи како инспирација за македонските кинематографи да снимаат филмови од областа на етнологијата.
Фестивалот официјално ќе биде отворен на 26 јули, а му претходи традиционалното дефиле.
-Ако во 1971 година идејата беше револуционерна за фестивалот, оттогаш до денес фестивалот има еволутивен тек и зад него стојат генерации луѓе. Овој фестивал не е само фестивал во традиционална смисла на зборот, каде што некои мислат дека ќе дојдат, ќе заиграат и ќе заминат, овој е фестивал кој чува и поттикнува на истражување, инспирира, креира и разбира. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е прекрасен мозаик од традиција, која потекнува од корените и од цветовите кои што ги сочинуваат креативноста и луѓето од овој фестивал, рече Валентин Соклевски, програмски селектор на фестивалот.
Фестивалот е финансиран од Министерството за култура и Општина Битола и е во рамките на Бит фест.