Кафаната на Марин Тијагин беше најпозната и најатрактивна во околијата, но често беше озборувана како нечесно место, место каде се склучуваат зделки коишто го валкаат националниот морал и по луѓе кои на не толку многу угледен начин постигнуваат да си ги остварат високо поставените општествени цели и да не заборавам, оваа Маринова кафана имаше еден дел што беше исклучиво наменет за уметниците од оваа околија. Во овој кафански дел помеѓу облаците чад од цигари, ждригавиците од точено пиво, порите кои константно ослободуваа многувидски телесни киселини и мириси, ете тука помеѓу сета таа значителна физичка слабост се раѓаа најтешките, најкомплексните, најреволуционерните, и на некој чуден начин и најдобрите идеи за преродба на оваа наша татковина. Тука се собираа актери, музичари, писатели, поети, сликари и многу други чудни лица, кои преку жестоки разговори залеани со жесток алкохол се обидуваа да ја пронајдат причината за светското страдање, масакрот на исконските морални начела и така постојано по инерција на некоја космичка магија од каде и се раѓа уметничкиот бит, тие лица да бидат на значајни места од општествените маргини, а беа таму само затоа што си дозволуваа гласно да размислуваат за секој еден, па дури и најмал и едвај видлив со голо око недостаток на педантно корумпираната бирократија.
Максим и Шемсудин беа луѓе кои припаѓаа во овој општествен круг. Седеа во еден прилично темен ќош и разговараа за најновите немири на етничка нетолеранција. Шемсудин беше познат како човек со епско располжение, неговиот глас беше громок и силен, така што Максим, додека овој му зборуваше го гледаше право в очи, повеќе му се восхитуваше, отколку што го разбираше:
– „Лошо, многу е лошо кога поради љубовта кон својата родна грутка, кон својата татковина човек сака да умре. Ами, кој ќе преживее за да ја ужива слободата. Чии креветски дами ќе станат нашите жени? Мил мој Максиме, верувам дека нема вечно непријателство, туку тврдам дека има вечна корист меѓу луѓето. Нашите млади луѓе треба да ги поучуваме да градат домови, да водат љубов со своите сопруги, да прават деца, верувам дека само така ќе ја спасиме оваа наша земја, во спротивно ќе нѐ собере во житен амбар и на непријателите верувам дека ќе им се згади да војуваат против нас, ќе станеме недостојни за нивните сабји“ – откако го заврши ова свое искажување, Шемсудин ја подигна чашата, наздравија со Максим и натегнаа.
-„Се согласувам со тебе, Шемсудине, на овој наш народ му треба умствена преродба, ама, треба силна рака за да ги убие квази-патриотскиве инсекти кои непрекинато го заразуваат здравото расудување…невозможно е да имаме здраво општество, ако неговите клетки – луѓето се болни… нашиот колективен дух имам чувство како да вие, знаеш како ранет волк…и плус се наметнува религијата…и така се` повеќе се експонира модалниот збор „мора“ бидејќи „треба“ може да те однесе зад решетки.“ – Привршувајќи го својот исказ, Максим запали цигара и повика уште една тура пијачка од келнерот во кафаната, Јан, младич со околу дваесет и три години.
Јан ги послужи гостите и се врати тромаво со послужавникот на шанкот.
-„Што си така смуртен?“ – го праша газдата Марин.
-„Можно е ли да му останеме толку многу непознати на светов?“ – тивко, повеќе ко за реторско прашање, изусти Јан.
-„Дете златно, време е повеќе да мислиш на женското меѓуножје отколку на смислата на бесмислата…ти си тука попатно, ти треба да го запознаеш светов… тој бил тука и пред да те направат тебе…“ – му се насмевна кажувајќи му го ова.
-Колку е бесмислено страдањето само и колку е бедна среќата“- изговори зачудено Марин додека ги броеше зрната сув грав и ги испушташе во големата стаклена тегла, седејќи на високиот стол на шанкот.
-„Не е бедна среќата, таа е непослушен порив и додека трае, човек може да ѝ вети на моралнава куртоазија дека ќе ја претвори во духовно и благородно единство“- му забележа Јан додека со шмиргла ги вадеше капките вар од стаклото на прозорецот. -„Веруваш дека нешто од ова што го работиме има цел?“ – го праша Јан.
– „ Има цел, ама тврдам дека нема смисла, ама мора нешто да се работи, инаку е многу здодевно и мачно, и знаеш…понекогаш ми се згадува животот…тешко е да се пронајде правото решение за трпеливост… знаеш Јан, нема мудри луѓе, едноставно не верувам ни дека некогаш имало… како може страдање да ти обезбеди среќа, а среќата да е карактеристика на лекомислените…“- почна одново да ги истура зрната грав во теглата, веројатно беше збунет во броењето.
– „А што мислиш, на кого треба да му се верува?“ – продолжи Јан да прашува.
– На она што е под тебе и над тебе…поточно небото и земјата, а меѓу нив е смртта како единствен триумф од оваа бесмисла на помпезни гладијатори и напудрени змејови. Запамети, од голема важност е во ова време да бидеш НИКОЈ во светов, бидејќи светов никогаш не бил погладен за идеи и за цицање на нечија крв како сега, како да умира, затоа е веројатно вака…храбрите ќе издржат ако се мудри, а мудрите мора да бидат потивки од тишина, ако сакаат да преживеат.“
Јан го погледна наеднаш Марин, де го разбираше нешто, де сосема ништо, знаеше дека не е луд, но не можеше да поверува во ова искажување.
– „ Млад си, Јане, затоа не веруваш, имаш уште сила да поднесуваш глупости и да им симнуваш капа… ама еден … ден“ – повторно Марин му се насмеа в лице, тоа звучеше повеќе татковски, но и малку саркастично, а Јан продолжи да го трие стаклото на прозорецот, веројатно размислувајќи како да се доближи до масите во кафаната и да разговара со некој од тие субјекти кои ги имаа окупирано, нормално за некоја своја добивка.