По повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата, 17 октомври, Хуманитарната организација „Утешител“ од Битола, во соработка со Едукативниот центар „Св. Нектариј Битолски“, организира хуманитарна акција за собирање храна наменета за социјално загрозените сограѓани.
Акцијата ќе се одржи на 17 октомври, на плоштадот „Магнолија“ во Битола, каде што ќе биде поставен собирен пункт со штанд за донирање храна од 11 до 14 часот.
Организаторите упатуваат повик до сите хумани граѓани да се вклучат во акцијата и, во согласност со своите можности, да донираат храна за оние на кои помошта им е најпотребна. Секоја донација, без разлика на нејзината големина, може да донесе олеснување и радост во нечиј дом.
Оваа иницијатива е потсетник дека солидарноста и грижата за ближните се вредности што треба да ги негуваме секојдневно, а особено кога станува збор за сограѓаните кои се соочуваат со материјални тешкотии.
„Утехата на ближните носи голема духовна утеха и радост на сите нас“, порачуваат организаторите, потсетувајќи на едноставната, но силна порака што ја носи хуманоста:
„Не е богат оној што има, туку оној што дава!“








