Денес, деца има помалку од кога било, но сепак се некако премногу. Сѐ на сѐ, децата денес се ужасни, невоспитани, безобразни, и најдобро би било да се невидливи.
Мојата мајка има 82 години. Во времето кога таа растеше, главна причина за кавги помеѓу соседите, како што вели таа, биле децата. Од 14:00 до 17:00 никој не смеел да ја подаде својата глава во дворот, со цел да не го вознемируваат попладневниот одмор на соседството. Строгиот маалски полицаец бил страв и трепет, а и другите возрасни не се воздржувале од воспитување на туѓите потомства со сите средства и начини, што предизвикувало постојани конфликти и тензии помеѓу соседите. Сѐ на сѐ, според возрасните, децата се ужасни, невоспитани, безобразни, и треба да бидат невидливи.
Кога јас растев во 80-тите, децата исто многу ги нервирале возрасните. Ни ги дупеа топките, ни ги сечеа ластиците, ни урлаа од прозорците за да бидеме мирни, нѐ поливаа со вода и што уште не. Но и ние не им останавме должни! Не од пркос, туку затоа што бевме деца и правевме детски глупости. Многу сакавме да ѕвониме на вратите од соседството и да избегаме, а еднаш дури и го срушивме ѕвонецот на Велики Петок бидејќи јажето за чукање ни беше идеална замена за одбојкарска мрежа, а нас само ни беше досадно.
Деца денес има помалку од било кога, а сепак се некако премногу. А повеќе не се плашат од строгиот полицаец, туку се дрски и безобразни како и нивните родители. Лето е, и кога ќе намали жештината, излегуваат да “прават белја”, но откако ќе ги изрешетаат комарците во паркот, се прибираат блиску до зградите во коишто живеат. Зборуваат, викаат, сметаат на соседите. Уште ако заврне, па влегуваат внатре во зградите, па трчаат по скалите, викаат и ја валкаат зградата. Тие се вечна тема на вибер групите помеѓу станарите. „Заминаа”, „Еве ги пак”, „Пак децата”. Атмосферата помеѓу станарите како во хорор филмот „Напад на полициската станица бр. 13” и со чувството “чопор волци ја опколија зградата”. Кој ги пуштил да влезат, што правеле, под кој прозорец викале, кај кого оделе, на кого му се однесувале дрско и безобразно. Слики, скриншотови и што не. Чии се, на кого се, колку години имаат, треба ли да повикаме полиција, треба ли да ги пријавиме во училиштето во коешто учат… Сѐ на сѐ, децата денес се ужасни, невоспитани, безобразни и најдобро би било да се невидливи.
А децата се секогаш исти – незаинтересирани за нашата идеја какви треба да бидат, и снаодливи во својот глад за живот и радост. Излегуваат како дива трева низ пукотините во бетонот, барајќи си го своето место под сонцето. Урбанистички непредвидливости, освен кога се пред екраните во својата соба, и на никого не сметаат, се додека не се претворат во зависници, депресивни или монструми чија егзистенција нема да можеме да ја прифатиме.
Каков свет создадовме за нашите деца, во таков и мораме да ги растеме. Тие не го бетонираа и асфалтираа градот, ниту се самовоспитуваа, ниту пак го креираа системот на владеење и животниот стил кој прифаќа само детски забави кои се организирани и платени, поради кои родителите мораат уште повеќе да заработуваат и уште помалку време да им посветат – воспитувајќи ги.
А не сме криви ни ние соседите. Ние само сакаме да бидеме примерни граѓани кои уживаат во тоа малку мир што го имаат во своите домови, и кои не мораат да ги трпат тие ужасни, невоспитани и безобразни суштества. Што би се рекло во вибер групите – „Нека одат некаде на друго место”!
Автор на текстот: Јована Папан