Фудбалскиот клуб Црно Буки ЗЛ го освои трофејот во годинешниот Куп организиран од Општинскиот фудбалски сојуз Битола. Во куп финалето го победи ФК Кравари, откако после 1:1 во регуларните 90 минути, беа поуспешни во изведувањето на пенали, за на крајот да слават со 4:2.
ФК Црно Буки ЗЛ оваа сезона ја заврши на второто место во Македонската Трета Лига-Југозапад, а освојувањето на овој Куп е само потврда за напорите на управата на клубот и целиот тим. Претседателот на клубот, Тодорче Кочишки вели дека за нив како клуб освојувањето на купот на ОФС Битола е една сатисфакција за целиот вложен труд. Целта им е да влезат во Втората лига.
„Иако зад нас е најуспешната сезона во богатата и долгогодишна историја, сепак не сме задоволни. Наша цел беше пласман во втора лига, но некои работи не одеа според планот, есенскиот дел до 10 коло бевме лидери на табелата, за да во следните кола конкурентот се одлепи. Во овие 4 години во кои се натпреваруваме во трета лига, три пати завршуваме втори и еднаш трети. Наша главна цел е следната натпреварувачка сезона да обезбедиме промоција во втората лига на Македонија. Како претседател упатувам огромна благодарност до неутралната публика од Битола и битолско која во голем број го следеше финалето и ја добивме нивната поддршка. Во иднина продолжуваме посилно да работиме до конечно реализирање на зацртаната цел“, рече Кочишки за Читај бе.