Огромен интерес за новите дресови, претпродажбата почнува в четврток
Од сезоната 2022/23 Еурофарм Пелистер ќе биде облечен во дресовите на шпанската компанија за спортска опрема JOMA. Клубот веќе ја изврши официјалната фото-сесија во новата зелено-бела комбинација, која ќе биде прв избор сезонава. Втората гарнитура е комплетно сина. Интересот на фановите на клубот за купување на дресови и други производи со клупските обележја е огромна. Клубот ја информира јавноста дека претпродажбата почнува в четврток во фан-зоната пред почетокот на натпреварот Еурофарм Пелистер – Мешков Брест. Подоцна во текот на сезоната дресовите ќе се продаваат во фан-зона, онлајн, а постои идеја за отворање на нов фан-шоп на клубот.
Еден сезонски билети за сите натпревари на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2
Ракометното семејство Еурофарм Пелистер денес ги пушти во продажба билетите за четвртфиналниот натпревар на СЕХА Гаспром лигата против Мешков Брест (четврток, 25 август – 20:15 часот). Цената за еден билет е 200 денари. Од следната недела во продажба се сезонските билети за цела ракометна сезона на двата битолски клуба. Со еден билет можете да ги гледате Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 во Суперлигата, Купот на Македонија, СЕХА Гаспром лигата и ЕХФ Лига Европа. Цената на тој сезонски билет кој ви гарантира седиште во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола изнесува 4.500 денари.
Фан-зона и ВИП-соба во текот на целата сезона 2022/23
РК Еурофарм Пелистер ја продолжува тендензијата од минатата сезона. За време на натпреварите од ЕХФ Лига Европа и СЕХА Гаспром лигата ќе биде отворена фан-зона на различни локации во градот. Со отворен или затворен сегмент (во зависност од временските услови) клубот ќе им понуди на своите фанови простор за добра забава, купување на клупските производи, интерактивни игри за најмладите и заедничко следење на натпреварите на омилениот клуб. Новина е воведувањето на ВИП-простор во малата сала на спортската сала „Боро Чурлевски“. Таму клупските партнери, спонзори и акционери ќе имаат можност за поинаков начин на дружење пред, за време и по натпреварите. Така ќе им се даде соодветен третман на луѓето кои инвестираат во спортот. Клубот во текот на сезоната планира да продава и ВИП-влезници. Првата фан-зона и ВИП-ложа ќе бидат отворени в четврток од 18:30 часот пред натпреварот Еурофарм Пелистер – Мешков Брест.
Одбележан јубилејот – 20 години од првото европско финале на една македонска екипа!
РК Еурофарм Пелистер со сегмент во својата презентација на сезоната го одбележа јубилејот – две децении од финалето на Челинџ Купот во сезоната 2001/02. По тој повод на присутните им се обрати Стевче Стефановски, помошник тренер на Богдан Маковеј во таа сезона. Стефановски го потенцира значајот на таа генерација за македонскиот ракомет, подоцна и на репрезентацијата. Со македонски производ и само двајца странци (Горбох и Секулиќ), Пелистер таа сезона ги елиминира Казањ, ПСЖ, Килкис и Фредериксберг и играше финале против данскиот Скјерн. По победата од 27-20 во Битола, Пелистер убедливо загуби во Данска со 34-17. Во Челинџ Купот таа сезона играа екипи од цела Европа, освен германски и шпански клубови. За Пелистер на Маковеј и Стефановски тогаш настапија: Ангелов, Горбох, Наумче и Златко Мојсовски, Јоновски, Темелков, Калајџиоски, Секулиќ, Макалоски, Митков, Шундовски, Николовски, Димитровски и Поповски.